Мораме некако да сонуваме. Ако не ‘одиме на кино’ на еден или на друг начин, нашиот ум венеe и се разболува.
— Roger Ebert
Roger Ebert ја одбележа мојата младост. Од првите дружења со него и Gene Siskel на телевизија, преку стотиците прочитани филмски критики во Chicago Sun Times, па сè до последните седум години што Ebert ги мина без глас и без половина лице, но со двојно поголема жар за живот и за комуникација преку неговиот блог, тој постојано ми ги отвораше очите и ми приуштуваше незаборавни филмски уживања. Она што ме освои кај него беше неповторливата комбинација на интелектуализам и емпатија, двете обединети во елоквентна и емотивна проза. Пред Ebert, филмските критичари во Америка ги сметаа за интелектуални мастурбатори кои критикуваат оти самите не можат да направат филм. Life Itself, документарецот за неговиот живот, покажува како Ebert речиси своерачно го разби овој мит.
Низ сите овие епизоди, филмот Life Itself прикажува арогантен и импулсивен човек, боем и лечен алкохоличар кој сепак знаеше да покаже изненадувачка толеранција и сочуство. Лично првпат се уверив во ова кога илјадници политички коректни читатели го обвинија Ebert за расизам кон африканските Американци затоа што не му се допаднал одреден филм. Ebert напиша долг осврт во кој точка по точка им образложи на читателите зошто не се во право. На ниедно место од неговиот одговор не го спомна очигледното - дека не е расист затоа што е оженет за црна жена. Таа жена е Chaz Ebert, претставена во филмот како силна сопруга со длабока верба и љубов кон својот маж, но и со решителност која на неколку наврати му го спасила животот на Ebert.
Мојата омилена анегдота за Ebert е кога го нарече Brown Bunny на Vincent Gallo најлошиот филм во историјата на канскиот фестивал. На ова Gallo возврати нарекувајќи го Ebert дебела расистичка свиња и му посака да заболи од рак, а Ebert одговори дека тој еден ден ќе ослаби а Gallo сè уште ќе биде режисерот на Brown Bunny. После сета оваа жолч, Gallo го повлече филмот и објави нова верзија, а Ebert призна дека бил заслепен и му даде позитивна критика. Ниеден добитник на Пулицер нема потреба да ги посипе со пепел своите зборови упатени кон човек што му посакал рак. Но Ebert беше и остана голем човек, дури и откако навистина заболе од рак и ослабе.
Неговата големина доаѓаше од способноста да ги предвиди тектонските промени во текот на неговиот век и брзо да се прилагоди на нив. Кога ниеден критичар не се појавуваше на телевизија, Ebert создаде телевизиска империја и заштитен знак од своите палци. Фразата ‘Two Thumbs Up' што ја патентираа заедно со Сискел, со години беше најпосакуваниот беџ на секој филмски постер. Кога филмските критичари ги исмеваа интернет блоговите, Ebert го откри James Berardineli и се избори филмските блогери да добијат статус на официјални критичари. Кога ја изгуби вилицата и моќта за говор, Ebert стана еден од највлијателните блогери и освои Webby награда. Само година дена откако рече дека Твитер претставува крај на цивилизацијата, Ebert ја призна својата грешка и стана опсесивен твитерџија. Интересно, никогаш не го смени своето мислење дека видео игрите не можат да бидат уметност.
Ebert тврдеше дека филмовите се машини што генерираат емпатија. Сега со Life Itself и неговиот живот стана филм. Иако првобитната идеја била документарецот да биде само екранизација на неговите мемоари, судбината ги замешала прстите и обезбедила последните денови на Ebert да бидат забележени на камера. Тешко е да се гледа човек како умира, но пристапот на Ebert и режисерот Steve James (уште еден штитеник на Ebert) е длабоко хуман и инспирирачки. Филмот за Ebert, како и самиот човек, е една моќна машина за емпатија. Ти благодарам Роџер! See you at the movies!
No comments :
Post a Comment