Единствената причина заради која се уште ги гледам филмовите на Wes Anderson е продукцискиот дизајн. Половина од задоволството во The Grand Budapest Hotel доаѓа од блесавите композиции и техничката виртуозност (забележете колку само пати се менува театарскиот aspect-ratio, од телевизиски формат до широк widescreen). Анимација, минијатури, ретро-кич ентериери, врвна шминка, филмот едноставно вришти со стил. Кога само Wes Anderson би обрнал подеднакво внимание на сценариото како што очигледно посветил на изгледот на филмот. За жал, дводимензионалните ликови кои дефилираат низ хотелот се исечени од истиот картон кој Anderson го има на лагер веќе дваесет години, и со кој неуморно штанца стармали деца, најчесто заглавени во тела на ексцентрични возрасни.
Главната улога ја има Мисје Густав (Ralph Fiennes), брилијантниот консиерж со посебна слабост кон постари богати дами. Кога една од нив (Tilda Swinton во непрепознатливо издание) умира во необјаснети околности и му остава на Густав големо наследство, нејзината алчна фамилија го обвинува Густав за убиство и организира потера по него. Низ сите перипетии, најголемиот сојузник на Густав е младиот хотелски помошник Зеро (Tony Revolori), архетипичниот Anderson херој со слаба брада но силен карактер.
Ако дизајнот на филмот е една половина од задоволството, втората половина доаѓа од препознавањето на десетиците холивудски ѕвезди (види фото погоре) кои се согласиле да продефилираат низ филмот со тон шминка и две-три полусмешни реплики изрецитирани во оној изнасилен дрвен манир што Anderson го смета за глума. Морам да признаам, Harvey Keitel и Willem Dafoe ми измамуваа насмевка секој пат кога ќе се појавеа на екранот. Но кога помина и задолжителното камео од Bill Murray, филмот веќе немаше што да понуди и брзо-брзо се потруди да заврши. Се сомневам дека некој ќе може да се сети на приказната два дена подоцна. Впрочем, уште не знам кој ја уби Мадам Д. Но грандиозниот хотел со слатката жичара под него ќе се придружи во галеријата незаборавни визуелни импресии кои Anderson ни ги има подарено.
Dmitiri ја уби, син и.
ReplyDelete