Tuesday 1 September 2020

С(Ц)ИЕСТА СО АЛЕКСАНДАР ЈОСИФОСКИ И ДИВУХО ТШИКОВХИ: Среќни се оние што не биле во Африка...

Дивухо Тшиковхи
Слонови, сафари, савани... Пирамиди, сфинги, фараони... Килиманџаро, Серенгети, Викториини Водопади, Нил... Но и глад, болести и беда. Мета на колонизатори, робовладетели и разни други експлоататори. Сликата за Африка низ историјата има толку многу нијанси одејќи од убаво кон грдо колку што има денови од појавата на хомо еректус на нејзината територија. Континент на спротивности, но пред сè, континент на различности, кој до ден-денес испраќа тивок повик секој да го доживее и да ја открие својата слика за него. Слика што веројатно е скриена некаде помеѓу романтизацијата и стереотипизацијата низ филмовите и популарната култура.
На последната научна дискусија на тема „Африка“ гости беа еден Африканец и еден Македонец со долгогодишен „стаж“ во Африка. Ndivhuho Tshikovhi (тешко читливо име што на македонски може да се транскрибира како Дивухо, а значи благодарност) е роден во Јужноафриканската Република (ЈАР). Студирал во Белгија, докторирал на јавни политики и антропологија во економијата, а моментално работи како истражувач на Институтот за истражување на мали и средни претпријатија во Манхејм, Германија. Паралелно учествува и во дипломатски мисии и во градењето на континенталната политика на Африка, насочена кон остварување на планот „Агенда 2063: Африка каква што сакаме да ја видиме“. Александар Јосифоски – Сани, пак, веќе 15 години работи како консултант во полето на информациските науки, на проекти за дигитализација во различни области: судство, енергетика, статистика, економија... Како што вели самиот, имал среќа да работи и да живее меѓу слоновите и пирамидите што како дете ги гледал по енциклопедиите. Работел во Египет, Уганда, Танзанија, Боцвана, Гамбија, Руанда и посветил години на запознавање на африканските луѓе и на културите на Африка, континентот со најмногу земји на светот.
Сани Јосифоски
Експлоатацијата продолжува
„Во Африка одиш натоварен со стереотипите од Европа и како човек од Балканот, сфаќаш дека сè е исто, освен што можеби кај нас има повеќе струја. Гледаш како доаѓаат луѓе од сите континенти и ‘продаваат цивилизација’ а во суштина пет века овој континент само се експлоатира“, почнува да раскажува Сани за неговото доживување на состојбата на Африка и додава дека е потребен пресврт во начинот на кој се гледа континентот и дека светот треба да почне да размислува како да ѝ враќа на Африка. Ако ништо друго, споделувајќи го искуството за сите навидум цивилизациски придобивки кои на други места излегоа дека не се баш најдобри, или за сите цивилизациски катастрофи, со што во развојот на Африка ќе се избегне ефектот на расипана плоча.  
Дивухо посочува на тоа дека африканската економија и ден-денес е во рацете на Британците, Французите, Холанѓаните, Германците, Американците, Кинезите... „Замислете, дури и сега, во 2020-та година, некои земји од Африка сè уште ѝ плаќаат данок на Франција и употребуваат франци како валута, затоа што едноставно системот им е така поставен и не го менуваат“, кажува тој. Според него, земјите во Африка имаат политичка моќ за да го сменат тоа, ама ете, не се случува. За да се дојде до таму, прво треба да се смени мајндсетот и на африканските лидери, и на колонизаторите, смета тој.
Во денешното искористување на Африка, голема улога има и Кина. „Кинезите доаѓаат во Африка и се претставуваат како пријатели, велат дека Африка им е партнер, дека придобивките од соработката се 50:50. Иако на крај големиот профит сепак оди кај нив, брендирањето на нивната агенда е поинакво од она на претходните колонизатори и поминува кај Африканците“, вели Дивухо, кој ова тврдење го поткрепува со фактот дека, на пример, во Гамбија, Кинезите изградиле Светски трговски центар сред национален парк. Изградиле и мост преку река за поврзување на Гамбија со Сенегал, но во исто време ловат риби и сечат шума без квоти. Од крајбрежјето на Мозамбик однеле толку многу песок, што околните области доживуваат големи поплави. „Се повторува приказната со Европејците во Латинска Америка: Ви даваме малку убава облека, ама ви го земаме златото. Во суштина, експлоатацијата продолжува“, заклучува Сани.
Да се зборува за Африка а да не се допре темата на човековите права е речиси невозможно. До пред само еден век, луѓето од Африка без земани како робови, светот сведочеше за изгладнувањето и геноцидите во Руанда, за апартхејдот во ЈАР и за континуираната експлоатација. Но, според Сани, колку што е важна темата на човековите права, толку треба да се зборува и за правата на животните и за експлоатацијата на природните ресурси. Во последните 100 години бројот на слоновите на континентот е намален од 10 милиони на половина милион – или се ловат или трујат. Носорозите наголемо се убиваат за нивниот рог, кој достигнува вртоглави цени во Кина, за производство на афродизијак. Ова се проблеми кои се сè уште активни и со кои и Африка, и светот, мораат да се соочат.
Африка под ударот на КОВИД-19
Африка е континент со 54 земји, во кој се зборуваат над 2000 африкански јазици, иако доминантни се англискиот, францускиот, португалскиот... Има 1,3 милијарди жители и 75% од популацијата е под 35 години. Некои научници сметаат дека и тоа е една од причините зошто Африка нема голем број на заболени од КОВИД-19.  
Родната земја на Дивухо, Јужноафриканската Република е исто така многу разновидна, едно мултикултурно општество кое се состои од Јужноафриканци-Европејци, Јужноафриканци-Кинези, Јужноафриканци-Индијци и Јужноафриканци-Африканци (60% од населението). Колку е тешко да се генерализира за континентот покажува и ситуацијата со КОВИД-19 во ЈАР. Иако генерално Африка има многу мал број на заболени, ЈАР во моментов е шеста земја во светот по број на заболени: околу 600.000 случаи, од кои 530.000 оздравени и 13.000 смртни случаи.
Во ЈАР 80% од работоспособното население е вработено во мали и средни претпријатија (МСП), а тоа се формалните и неформалните бизниси со 1 до 20 вработени, кои обично не прават никаков профит, туку едноставно прават доволно обрт колку да преживеат (околу 100.000 долари годишно). Дивухо вели дека проценките на аналитичарите се оти околу 60% од МСП можат да згаснат до крајот на пандемијата. Проблемот тој го лоцира во немањето помош од владата за неформалните бизниси, но од друга страна и во недостатокот на претприемнички дух и соодветни вештини кај домашното население: „КОВИД креираше нови работни места и можности, поврзани со онлајн-светот и технологиите, но ние немаме вешти луѓе за тоа. Од друга страна, имаме економски активни луѓе кои сега остануваат без работа, ама не се технолошки вешти“.
Сани, пак, од своја перспектива, кажува како КОВИД-19 влијае на африканското судство и на туризмот. „Во судството“, вели тој, „кризата ја забрза дигитализацијата што им беше одбивна на судиите и останатите судски работници, но во туризмот ситуацијата е алармантна. Сите што се занимаваат со туризам одвај преживуваат од ден во ден, а во некои земји од Африка тој беше навистина голем бизнис“.
2063 година – светла точка во иднината
2063 година, годината која се спомнува во африканската агенда, е симболична година од научно-фантастична гледна точка: тоа е годината на првиот контакт со вонземјаните во „Ѕвездени патеки“ и година која може да се сретне и во други научно-фантастични дела.
„Не е научна фантастика на 2063 година да гледаме како на година кога цел свет ќе се сврти кон мајката земја од каде што доаѓаме сите – Африка. Работите во африканските земји во 2063 сакаме да функционираат на тој начин што ќе има партнерство меѓу Африка и светот, но од тоа ќе имаат бенефит сите, не сите останати. Сакаме да ја видиме Африка како земја на претприемништво, Африка која прави бизнис во рамки на самиот континент, Африка со една валута. Не сакаме да доаѓаат луѓе од светот и да ни кажуваат за колку пари ќе ни го купат кокосот. Сакаме ние да кажеме колку чини кокосот и која валута треба да ја користите да го купите тој кокос. Тоа е далечна година, но мислам дека ова е единствениот начин за да ја зајакнеме африканската економија и со тоа африканскиот континент“, смета Дивухо.
И очекувањата на Сани или, подобро кажано, надежите, се дека дотогаш Африка ќе стане самодоволен континент еднаков на остатокот од светот, дека во фокусот ќе се стават животната средина и природата, и дека пристапот до интернет и дигитализацијата ќе донесат и едукација. На овој начин неразвиените делови од континентот ќе можат од земјоделство директно да преминат во информатичката ера.  
Визијата за Африка и на двајцата е позитивна, исто какви што се и нивните чувства кон овој континент, за кој Сани цитира: „Среќни се оние што не биле во Африка, затоа што имаат нешто добро на што можат да се надеваат“.
Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа: Дино Граматиков, Илија Дуковски, Илина Јакимовска, Дафинка Срезоска, Блаже Аризанов и Драгана Манасова.


No comments :

Post a Comment