Во 2014 нестрпливо ги очекував новите албуми на Aphex Twin, Beck, и TV on the Radio, а имав надеж и за соработката меѓу U2 и Danger Mouse, како и за последниот албум на Pink Floyd. За жал, ниеден од овие албуми не се најде во мојот топ 14, пред сè бидејќи се правени според некој веќе слушнат шаблон. За среќа, горенаведените ветерани беа потиснати од музичари кои не се плашат да преземат ризик и да создадат нешто оригинално. Во следните месец дена ќе ги објавам моите омилени албуми од годината што измина.
1. Lana Del Rey - Ultraviolence
2. Lo-Fang - Blue Film1. Lana Del Rey - Ultraviolence
Со Ultraviolence, Lana Del Rey докажува дека е автентичен уметник, а не Франкештајн креатура на музичката индустрија. Првиот албум на Del Rey, Born to Die, имаше феноменални синглови зад кој се наѕираше музичка дива која истовремено е и ранлива и перфидна, ама на критичарите сето тоа им изгледаше вештачко. Не помогна ни дебаклот на Saturday Night Live поради кој Del Rey мораше да ја откаже турнејата. За разлика од Born to Die, Ultraviolence е концепт албум за персоната на Lana Del Rey, и совршено функционира и како целина, и како збир на синглови. Без разлика дали таа персона е вистинска или само влажна машка фантазија, кога Lana пее I Fucked My Way to the Top се наѕира вистински уметник, кој знае како да му удри врел шамар на шовинизмот во музичката индустрија, а и пошироко. Слушнете: Shades of Cool
Lo-Fang е директна последица на комерцијалниот успех на James Blake. Сензитивни машки вокали и модерна електронска продукција звучат како нешто веќе слушнато, но Lo-Fang пее со совршен баланс на патос и перверзија и го создава за мене најдобриот дебитантски албум за 2014. Колку и да ми се допаѓаат авторските песни на Blue Film, песните кои први влегуваат во уво се двете преработки (Boris и You’re the one that I want), кои звучат како да се испеани од очаен и ментално нестабилен тип кој е на чекор до (или недајбоже по) силување на објектот на неговата опсесија. Откако ќе ја слушнете You’re the one that I want во изведба на LoFi, последната сцена од Брилијантин веќе нема да ви изгледа весела. Слушнете: You're the One that I Want, во реклама режирана од Buzz Luhrmann.
3. Пиколомини - Меѓу Митови и Бомби
Браво за издавачката куќа Шарла! По пет EP изданија со кои ја разбрануваа устојаната македонска музичка сцена, конечно излегоа и со својот LP првенец, вториот албум на скопскиот one-man-band Пиколомини. Убаво е да се слушне еволуција во звукот на Пиколомини од електро-поп кон инди-рок со призвуци од македонскиот дарквејв, а уште поубаво што решил да направи тематски албум посветен на градот Скопје. Колку соодветно што бенд наречен по генералот што го уништил Скопје му пее опело на градот кој полека исчезнува меѓу митови и бомби. Слушнете: Илуминација
4. Alt J - This is all Yours
И со вториот албум Alt-J докажуваат дека ја знаат формулата да направат комерцијален успех од крајно невообичаена музика. Го започнав преслушувањето на This is All Yours со неверување, додека пред мене се распостилаше хипнотичката Intro, експлозија на теми и звуци кои го најавуваат остатокот од албумот како оперска овертура. За чудо, песните кои следуваат ги оправдуваат високите очекувања наметнати од првата трака, кулминирајќи во сосема неочекуваната скриена трака, преработка на Lovely Day од Bill Withers. Слушнете: машката и женската верзија на Every Other Freckle
5. Летечки Пекинезери - Dog Show
Првпат слушнав за Летечките Пекинезери кога направија преработки на песните на Глоријан. За среќа, тие денови се одамна зад нив, а со нивниot втор албум Dog Show, објавен за SJF, докажуваат дека се меѓу најавтентичните џез музичари во Македонија во моментов. Авторските песни се свежи и плодни за импровизирање, а убаво е и конечно да се слушнат иновативни аранжмани на македонски народни песни. Новата година ја дочекав со Пекинезери во City Hall, и не можам да замислам музика што подобро ќе го доловеше она чувство на опиена распнатост помеѓу романтичното минато и иднината што ветува. Слушнете: Пембе пембе
6. Leonard Cohen - Popular Problems
Leonard Cohen ја живее втората младост. Бев пријатно изненаден од неговиот Old Ideas во 2012, но овогодинешниот Popular Problems има продукциска и стилска разновидност која што недостасуваше уште од деновите на The Future и I’m Your Man. Лирички Cohen e во топ форма, a стиховите од неговата Slow ги прогласувам за најдобриот текст во 2014 и моја лична химна. Слушнете: Slow
7. Jack White - Lazaretto
По бурниот развод и уште побурните препукувања со Black Keys, Jack White реши да се наврати на младоста, да ископа стари песни што ги пишувал како тинејџер, и да ги илустрира со шизофренична продукција која веќе во првите три траки од албумот успева да скокне од електричен блуз, преку рап до кантри. Ослободен од стегите на White Stripes кои му наметнуваа статус на рок ѕвезда и каква-таква стилска дисциплина, White сега ја одбира улогата на перманентен адолесцент и музички аутсајдер, кому целиот свет му е крив затоа што го копира и прави пари врз неговиот грб. Нормално, овие конфронтации супер му стојат. Кој друг би можел со мртва сериозност да го изрецитира текстот на Black Bat Licorice? Слушнете: Black Bat Licorice
8. The John - Space Rebel Gang
Морам да признаам дека не ги следев внимателно претходните изданија на The John, и можеби затоа ова последново ме остави со подзината уста. Истовремено и психоделичен, и блузерски, и гласен, а на моменти дури и игрив, Space Rebel Gang звучи како Љупа да се запил со членовите на Morphine и Black Rebel Motorcycle Club, па решиле мамурлукот да го преточат во музика. Како поинаку да се објасни Un autre chanson pour toi et moi? Слушнете: Целиот албум
9. Weird Al Yankovic - Mandatory Fun
9. Weird Al Yankovic - Mandatory Fun
Mandatory Fun e првиот албум на Weird Al Yankovic што го имам купено. Досега Weird Al на секој албум имаше една до две брилијантни пработки и десет полусмешни обиди за пародија, но во 2014 му се посреќи. Не знам дали успехот се должи на паметната маркетинг кампања (8 видео спотови во 8 дена), или на тоа што 2014 понуди заразни хитчиња кои плачат за пародија бидејќи оригиналите ни се збоктисани (Pharrell Williams е застапен на албумот со дури три песни). Како и да е, резултатот е еден игрив и смешен албум во кој е тешко да се избере фаворит, но јас гласам за најпараноичната песна од 2014, преработка на Royals од Lorde. Слушнете: Foil
Turn Blue е најлошиот албум на Black Keys. Ми се чини дека главната причина за тоа е продуцентот на албумот, Danger Mouse, чиј препознатлив звук почнува да му се удира од глава. Turn Blue има еден феноменален сингл (Fever), еден очаен обид да се емулираат Rolling Stones (Gotta Get Away), и девет симпатични композиции кои можат комотно да се најдат на било кој од десетиците различни проекти на Danger Mouse. Да се разбереме, сè уште мислам дека Black Keys се најдобрата рок група во моментот, па дури и нивниот најлош албум заслужува место во мојот топ 10. Сепак, се надевам дека во иднина ќе чуеме повеќе песни во кои ќе фигурира автентичноста и сировата енергија на Dan Auerbach и Patrick Carney. Слушнете: Fever
Blonde Redhead со секој нареден албум стануваат сè потивки и пософистицирани, но со Barragan мислам дека претераа. Песните од Barragán ми беа речиси непрепознатливи сè додека не ги слушнав во живо, кога конечно добија боја и (замисли) живост. Навраќајќи се на албумот гледам дека има во него и многу емоции, и многу продукциски бисери, но скриени се под ледената површина. Слушнете го само завивањето на гитарата во No More Honey и пискавиот повик за љубов на Kazu Makino додека пее 'She does nothing all day but sit down and cry' во The One I love. Слушнете: The One I love
12. Темпера - Играј!
Споредбите со Ареа од 90-тите се неизбежни, но Темпера имаат поголемa стилска разновидност и поширока ризница на инспирации. Тоа е и комплимент и замерка за нивниот деби албум ‘Играј!', кој звучи како еклектична збирка на модерни поп-рок синглови, без заедничка нишка што ќе создаде кохезивен албум. Она што го задржува вниманието е вокалот и харизмата на Тања Тас, која знае да ја емулира и ранливоста на Ружица, и заводливоста на Debbie Harry, и пресметаниот пост-гранџ имиџ на Taylor Momsen од Pretty Reckless. Убаво е да се слушне фино спакуван македонски поп-рок со радиски потенцијал, а уште побаво кога тој звук ќе одекне во живо. Слушнете: Волк (во живо)
13. Ray LaMontagne - Supernova
Ray LaMontagne има совршен глас, но досега му фалеше амбициозен продуцент. Supernova е спој на singer-songwriter сензибилностa на LaMontagne со студиските егзибиции на Dan Auerbach од Black Keys, a резултатот е албум кој звучи како психоделичен wormhole што ја поврзува 1969 со 2014. Supernova е потопен во носталгија по старите добри времиња, а ретро-фасцинацијата кулминира со Drive-in Movies и четирите pedal-steеl ноти кои допатувале директно од Lay Lady Lay на Боб Дилан. Слушнете: Supernova
14. Cold Specks - Neuroplasticity
Cold Specks е монтреалската кантавторка која ги позајми вокалите на последниот албум на Moby, и оттогаш кариерата и појде по нагорна линија. Neuroplasticity го продолжува нејзиниот tradеmark звук што самата го нарекува doom soul, но очигледна е желбата да се избегнат критиките за неинвентивност, резервирани за вторите албуми на музичари што ветуваат. Оттаму и тематската амбициозност (отсликана и во насловот на албумот), како и кокетирањето со бруклинскиот звук, карактеристичен за TV on the Radio и нивните современици. Резултатот е атмосферична музика што одлично звучи на слушалки, во живо, а добро би се вклопила и во амбиентот на American Horror Story. Слушнете: Absisto
No comments :
Post a Comment