
Пораката на филмот е моќна, но испораката е телеграфска. Неколку фрагменти од несреќното детство на брилијантниот математичар, стереотипен приказ на неговата генијалност при пробивањето на нацистичкиот код Енигма, површен увид во неговата хомосексуалност, и конечно оплакување на неговата судбина како жртва на британската хомофобија кон средината на 20-от век. Зачинете го сето ова со манипулативната музика на Alexandre Desplat, измешајте го малку редоследот на настаните за да создадете тензија, вметнете неколку клише пораки за моќта и проклетството на различноста, и добивате машина за Оскари.
Imitation Game оди по стапките на ланскиот Dallas Buyers Club во тоа што ги мами Оскарите со својата социјална ангажираност и со актерската изведба. Benedict Cumberbatch создава фасцинантен Alan Turing, црпејќи инспирација од ликот на Sherlock Holmes кој веќе со години го глуми, но додавајќи му поголема доза на наивност и ранливост. Науката зад пробивањето на Енигма е неточна и во втор план, но тоа и не може да му се замери на филмот, затоа што сепак одлично ги доловува етичките дилеми поврзани со научниот прогрес. Филмот дури и се обидува да го објасни Туринговиот тест, тест кој служи да се утврди дали една машина може да го имитира однесувањето на човек од крв и месо. Во клучен момент Туринг се прашува дали можеби и самиот е машина без душа. Судејќи според виденото, одговорот е едно недвосмислено 'не'. Штета што не можам да го кажам истото и за самиот филм.
No comments :
Post a Comment