Monday, 23 February 2015

Филмски топ 14 за 2014


Интересно е што една од најлошите години за Холивуд на финансиски план е истовремено и една од годините што понуди најхрабри и најиновативни филмови.  Веројатно како контратежа на подемот на квалитетни ТВ серии кои ја задржуваат повозрасната публика надвор од кино-салите, забележлив е тренд на експериментирање со филмската форма и создавање на дела кои се или преамбициозни или преголеми за телевизискиот екран.  

Во еден таков креативен амбиент, на мојава листа не успеаја да се најдат еден куп солидни филмови за кои веќе пишував, како експерименталниот Under the skin, (не толку) детскиот Lego Movie, и големобуџетниот X-Men.  Бидејќи пишувам осврти исклучиво за филмови кои ги гледам во кино, не стигнав да ги пофалам и The Unknown Known (морничав документарец во кој Errol Morris го разоткрива Donald Rumsfeld), Oculus (ретко паметен хорор), John Wick (немилосрдна и елегантна акција), и Maleficient (постмодерно читање на омилена бајка).  Криво ми е што сè уште го немам гледано A Most Violent Year, оти судејќи според резимето на режисерот JC Candor, ништо чудно да треба да ја преуредам листава наскоро.  Се надевам дека наскоро ќе најдам време и за Citizenfour, Leviathan, и за Nightcrawler.  Во меѓувреме, еве кои филмови од 2014 ми оставија најсилен впечаток:





Dawn of the Planet of the Apes е многу повеќе од обичен летен блокбастер.  Режисерот Matt Reeves (Cloverfield) повлекува тешки морални дилеми, пред се' благодарение на начинот на кој ги претставува мајмуните.  Кога ги гледаме како ги грчат усните и грлото за да изустат збор, реакцијата не е смеење туку емпатија. Ова не се луѓе преоблечени во мајмунски костуми, туку диви ѕверови кои со сета сила се обидуваат во себе да го дестилираат најдоброто од човечката раса.  За жал, во процесот на дестилација добиваат и нус-продукти како завист, недоверба и омраза.  DOTPOTA е приказна за падот на една раса која пробала од дрвото на знаењето и веќе никогаш нема да може да се врати назад.  Каква трагедија! (целосен осврт тука)




20,000 Days on Earth е наменет исклучиво за хардкор фановите на Nick Cave.  Филмот во ниеден момент не застанува да објасни кој е Cave, ниту пак зошто документарецот за него би бил бизарна комбинација на психијатриско вештачење, stream of consciousness интервјуа со неименувани соговорници, и лабораториска аутопсија на неговите музички инкарнации.   20,000 Days on Earth не е замена за концерт на Nick Cave, но е незаменлив како увид во мозокот и креативниот процес на еден од најголемите шоумени на денешницата.  Кога Nick Cave зборува, God is in the house. (цел осврт тука)

12. Still Alice


Still Alice ја третира Алцхајмеровата болест онака како што Wit го третираше ракот - преку несентиментален и бистар поглед на она што болеста му го прави на духот на човекот многу пред телото да фати чекор.  Julien Moore имаше две неверојатни улоги во 2014 (втората беше во Maps to the Stars) и многу ми е драго што по сè изгледа дека во 2015 ќе си замине дома со Оскар.




Snowpiercer започнува како одличен акционен филм, продолжува како субверзивна алегорија за новиот светски поредок, а завршува како расистичка пропаганда.  Она што е константно е френетичната енергија, визуелната креативност и брилијантноста на Tilda Swinton како еден од најуникатните негативци што сум ги видел на филмско платно.  (целосен осврт тука)



10. Predestination


Обично филмови со патување низ време се засноваат на некаков очигледен парадокс, но ова перек сценарио ме изненади на неколку навратии и покрај тоа што ја имам читано приказната врз која е засновано.  Ако сакате паметна научна фантастика и не знаете за што станува збор, погледнете го филмов и уживајте додека мозокот ви шлајфува во бесконечна рекурзија.  Штета е што Predestination помина речиси незабележано, оти е еден од најзабавните филмови од 2014.  

9. Locke


Мал е бројот на глумците кои можат комплетно да износат еден филм на своите плеќи, но Tom Hardy е дефинитивно еден од нив.  Locke е раскажан комплетно во real-time, без flashback или flash-forward, така што гледачот добива единствено деведесетминутен прозорец во животот на еден фасцинантен лик.  Лок е навидум обичен бизнисмен со многу необична дилема и многу лош тајминг.   Tom Hardy претходно покажа дека ретко кој може подобро да глуми ѕвер заклучен во затворски кафез (Bronson).  Овој пат кафезот е скапо БМВ, а ѕверот ѕирка низ уплашени очи и никој не може да предвиди што ќе направи следно. (целосен осврт тука)



Whiplash е филм за џез, опсесија, тортура и освета. Ако првиот дел од филмот е за губењето на човечноста во очи на амбицијата, вториот дел е за омразата, осветата, и едно длабоко филозофско прашање: дали саксофонистот Чарли Паркер ќе станел неповторливиот Bird, ако не бил малтретиран од својот ментор?  Whiplash има проблематичен одговор на ова прашање, но сепак има брилијантно сценарио, саундтрак што пулсира со опсесивен ритам, и двајца глумци кои од себе цедат крв, пот, солзи, и многу, многу жолч.  (целосен осврт тука)




Ако треба да се направи топ листа на најголемите стравови од детството, стравот дека си бил заменет со друго бебе при раѓањето сигурно би се нашол при врвот.  Најновиот филм на Hirokazu Koreeda е благородна и длабоко хумана медитација на оваа тема.   Исходот е далеку од предвидлив, а начините на кои шесторицата протагонисти (четворицата родители и двете деца) се справуваат со ситуацијата нудат прекрасен увид во човечката психа и испишуваат вистинска енциклопедија на човечки емоции.  Like Father, Like Son е редок филм што е истовремено и егзотичен, и универзален, и брутален, и со длабока верба во човечката хуманост.  Многумина од гледачите ќе заплачат на крајот од филмот.  За повеќето тоа ќе бидат солзи радосници. (целосен осврт тука)



Не секој комичар може да глуми во сериозни филмови, но оние што успеваат во тоа создаваат незаборавни ликови.  Таков лик е милионерот John E. DuPont во изведба на Steve Carell.  Со своето дрвено држење, нервозна дикција, и со мртвиот поглед, DuPont создава инстинктивен немир далеку пред да земе пиштол во раце.  По првиот испукан куршум веќе немаме дилема дека нешто со DuPont сериозно не е во ред, но она што следува е толку неверојатно што мора вистински да се случило. Во предоскарската треска ќе навивам многу гласно за Foxcatcher, најпрвин затоа што Carell и Rufallo ја заслужуваат наградата, а второ затоа што само така ќе може да се исполни договорот што режисерот Bennett Miller го направил со сценаристот Dan Futterman - дека ако еден од нив освои Оскар, говорот ќе мора да се состои исклучиво од кучешко лаење. (целосен осврт тука)


5. Boxtrolls


Boxtrolls e редок анимиран филм, истовремено и детски едноставен и резигнирано саркастичен.  Син ми толку го бендиса што двапати го гледавме во кино, тој заради инвентивната анимација, а јас заради монтипајтоновскиот смисол за хумор и субверзивните политички пораки.  Во општество во кое владетелите инвестираат во сирење наместо во болници, нема посоодветна казна отколку кога еден од нив ќе експлодира од прејадување.  Сепак најбрилијантниот момент е за време на кредитите, кога анимираните ликови се прашуваат каков ли Господ би трошел време анимирајќи ги нивните движења. 




Interstellar е најамбициозниот филм на Christopher Nolan.  Подлабок од Inception, понелинеарен од Memento, и со посериозни етички дилеми од Dark Knight и Prestige, Interstellar се вбројува меѓу малкуте блокбастери кои ја почитуваат интелигенцијата на гледачот и ја ставаат науката во преден план, дури и кога тоа го успорува темпото на филмот.   Cristopher Nolan и неговиот брат Jonathan се меѓу најдобрите сценаристи на денешницата, а нивните филмови успеваат да го предизвикаат она што најмногу недостасува во денешната филмска клима - долга и жолчна дискусија на излезот од кино салата. (целосен осврт тука)


Birdman е маестрално филмувана театарска претстава за театарска претстава. Сме гледале вакви филмови порано (Black Swan и Synecdoche: New York ми паѓаат на ум), но никогаш техничката виртуозност не била толку добро избалансирана со оригиналноста на сценариото и совршениот кастинг.  Режисерот Inaritu го направил најинтимниот филм во својата кариера, иако повторно станува збор за комплексна приказна што преплетува десетици човечки судбини.  Birdman ги заслужува сите признанија кои ги освои, а мексиканските режисери повторно покажуваат дека се главните иноватори во филмската уметност на 21-от век. (целосен осврт тука)




Во филмовите на Richard Linklater границата помеѓу документарец и игран филм е често многу тенка.   Она што Linklater го започна со Slacker, а го усовршуваше со Before трилогијата, кулминира со епскиот Boyhood, филм снимен во тек на 12 години и поделен на 12 мини-епизоди во животот на еден млад дечко и неговата фамилија.  Boyhood е филм со душа на дете и со памет на родител, прекрасна медитација за младоста која одвај чекам да ја гледам заедно со своите деца. (целосен осврт тука)


Омилениот филм за 2014 ќе го објавам по (и за инает на) Оскарите.  Се избрукаа што не го номинираа

1. Life itself

Филмскиот критичар Roger Ebert тврдеше дека филмовите се машини што генерираат емпатија.  Сега со Life Itself и неговиот живот стана филм.   Иако првобитната идеја била документарецот да биде само екранизација на неговите мемоари, судбината ги замешала прстите и обезбедила последните денови на Ebert да бидат забележени на камера.  Тешко е да се гледа човек како умира, но пристапот на Ebert и режисерот Steve James (уште еден штитеник на Ebert) е длабоко хуман и инспирирачки.  Филмот за Ebert, како и самиот човек, е една моќна машина за емпатија.   Ти благодарам Роџер!  See you at the movies! (целосен осврт тука)



No comments :

Post a Comment