Saturday, 21 February 2015

Шест (ипол) филмски разочарувања од 2014

Значи да се разбереме, ова не е листа на лоши филмови, туку е листа на филмови кои успеаја да ме разочараат изминатата година.  Сигурно во 2014 имаше и полоши филмови од подолу наброjaните (непотребниот Sin City 2 доаѓа на памет), но разочарувањето не е пропорционално со квалитетот на филмот туку со висината на очекувањата што сум ги имал.  Со тоа појаснување, еве ги филмовите кои според мене потфрлија во 2014:

6 1/2. Inherent Vice

Можеби Inherent Vice е неправедно на оваа листа, зашто сепак е веродостојна адаптација на романот на Thomas Pynchon.  Проблемот е што Pynchon треба да се консумира во мали дози, а филмов два ипол часа ме бомбардираше со иронија, позерска глума, и културни референци кои ми летаа над глава додека тонев во сладок сон.  Признавам, заспав на Inherent Vice, а тоа никогаш порано не ми се случило на филм на PT Anderson.  Се сомневам дека ќе имав поинакво мислење ако останев буден, ама ете тоа нè враќа на почетокот на параграфов.

6. Maps to the Stars

Не секој би сакал да мине два часа во друштво на невротична холивудска актерка (Julieanne Moore) и неурамнотежените глумци, родители на глумци и опсесивни фанови кои кружат во нејзината орбита.  Филмот започнува како сатира на Холивуд во духот на The Player на Robert Altman, но на пола филм сфаќаме дека Cronenberg не е толку заинтересиран за Холивуд колку за деструктивните тенденции и фасцинации кај луѓето.  По својата тематика ова најмногу потсеќа на Crash, уште еден филм на Cronenberg кој ја користи декаденцијата на Холивуд за да коментира за опсесиите на модерниот свет.  Желбата на Кроненберг да шокира му пречи во способноста да раскаже добра приказна, но режисерот вади добра километража од кастингот.  John Cusack е престар за улогите со кои се прослави, но на подостареното лице одлично му одговара улога на  primal scream гуру што молзе остарени ѕвезди и крие длабоки тајни. Julianne Moore е фантастична во улогата на невротичната Хавана, бескомпромисен портрет на актер во слободен пад кој заслужено и донесе награда на овогодинешниов кански фестивал.

5. Lucy - Luc Besson

Scarlett Johansson избира чудни научно-фантастични улоги.  Пред некој месец пишував за Under the Skin, бавен и субверзивен филм кого дури ни голотијата на Scarlett не може да го спаси од култен статус.  Lucy од друга страна делува како големобуџетна Luc Besson продукција, но немојте да се излажете од трејлерот.  Акцијата е минимална, а на нејзино место гледаме чудна мешавина на neurobabble и футуристички продукциски дизајн, прошаран со повремен куршум и документарни клипчиња од диви животни манифестирајќи ги своите нагони.  Има во Lucy никулци на сериозна научна фантастика, но филмот е претерано наивен за да биде сфатен озбилно.  Делува како Besson да сакал да направи длабок филм за човековата еволуција, но на полпат му здосадило и затоа го сместил дејствието во истиот паралелен свет во кој живеат сите негови филмови, онаму каде што законите на природата и на логиката не важат.  Од сериозната наука останалo само името на филмот, алузија на најстариот откриен хоминид и метафора за клучните стадиуми во човечката еволуција.  Ако е од Бесон, доволно е. (целосен осврт тука)

4. Nymph()maniac - Lars von Trier


Ако не сте љубител на ликот и делото на Lars Von Trier, тогаш прескокнете го неговиот Nymphomaniac, експериментален филм составен од повеќе  стилски различни сегменти (некои брилијантни, некои сосема непотребни) нафрлани врз костур од приказна што ги цитира сите претходни филмови на Von Trier. Во центарот на филмот е потрагата на Џо (Charlotte Gainsbourg) по сексуално задоволство, што води до многу секс во кој не ужива ниту таа самата, ниту ние како гледачи.  Како што филмот се ближи кон својот климакс, метафорите на Von Trier стануваат сé понапорни.  Додека на почетокот е забавно да се размислува за аналогиите меѓу сексот и рибарењето, сечењето нокти и броевите на Фибоначи, вториот дел е преполн со христијанска симболика, апологетика на политичката некоректност и евтини фројдовски обзервации.  Морам да признаам дека пораката е исклучително моќна и Von Trier успева да не убеди дека (речиси?) сите робуваме на родови стереотипи.  Но Nymph()maniаc го губи залетот далеку пред четвртиот час, и уште еднаш докажува дека некогаш предиграта е далеку позабавна и понезаборавна од финалето. (целосен осврт тука)

3. The Imitation Game - Morten Tyldum


The Imitation Gamе е просечен биографски филм за еден далеку надпросечен човек.  На филмот му фали оригиналност, храброст и контроверзија, сето она што главниот лик, брилијантниот математичар Alan Turing го имал на претек.  Пораката на филмот е моќна, но испораката е телеграфска.  Неколку фрагменти од несреќното детство на брилијантниот математичар, стереотипен приказ на неговата генијалност при пробивањето на нацистичкиот код Енигма, површен увид во неговата хомосексуалност, и конечно оплакување на неговата судбина како жртва на британската хомофобија кон средината на 20-от век.  Зачинете го сето ова со манипулативната музика на Alexandre Desplat, измешајте го малку редоследот на настаните за да создадете тензија, вметнете неколку клише пораки за моќта и проклетството на различноста, и добивате машина за Оскари.  Imitation Gamе е премногу сличен на други биографски филмови што претендирале за Оскар, комплетно оправдувајќи ја онаа латинската, nomen est omen. (целосен осврт тука)

2. Grand Budapest Hotel - Wes Anderson



Единствената причина заради која се уште ги гледам филмовите на Wes Anderson е продукцискиот дизајн.   Анимација, минијатури, ретро-кич ентериери, врвна шминка, филмот едноставно вришти со стил.  Кога само Wes Anderson би обрнал подеднакво внимание на сценариото како што очигледно посветил на изгледот на филмот.  За жал, дводимензионалните ликови кои дефилираат низ хотелот се исечени од истиот картон кој Anderson го има на лагер веќе дваесет години, и со кој неуморно штанца стармали деца, најчесто заглавени во тела на ексцентрични возрасни.  Ако дизајнот на филмот е една половина од задоволството, втората половина доаѓа од препознавањето на десетиците холивудски ѕвезди кои се согласиле да продефилираат низ филмот со тон шминка и две-три полусмешни реплики изрецитирани во оној изнасилен дрвен манир што Anderson го смета за глума.  Се сомневам дека некој ќе може да се сети на приказната два дена подоцна.  (целосен осврт тука)


1. Gone Girl - David Fincher


Gone Girl, најновиот филм на David Fincher, е лажен до коска.  Започнува како сериозен трилер во стилот на Zodiac, со секој нареден plot twist се приближува кон територијата на Seven, за во моментот кога ќе се појави Neil Patrick Harris (како залутан Барни Стинсон од How I Met Your Mother) да прерасне во пародија на која дури и Fight Club може да и држи лекции по воздржаност.  Откако ќе се тргнат сите слоеви на претерано комплицираното сценарио останува некаков резигниран коментар за состојбата на бракот и медиумите во модерниот свет, но и тоа е само манипулација што треба да се вклопи во сложувалката.  Луѓе што ја прочитале книгата велат дека мотивациите на ликовите се многу појасни на хартија отколку на филм.  Јас можам да судам само според трите часа во кои не престанав да им се чудам на постапките на намагарчениот сопруг (Ben Affleck) и психотичната сопруга (Rosamund Pike).  Вакви ликови не заслужуваат Оскар, туку Дарвинова награда.


No comments :

Post a Comment