The Babadook има егзотично педигре. Доаѓа од Австралија и по атмосферата потсеќа на раните филмови на австралиецот Peter Weir. Режиран е од Jennifer Kent, поранешна соработничка на Lars Von Trier, која му дава уникатна женска перспектива на жанр што е речиси исклучиво доминиран од мажи. Kent може комотно да ги остави своите машки колеги да измислуваат креативни БУ моменти комбинирајќи натприродни елементи, насилство, и звучни ефекти. Таа знае дека совршениот БУ момент е кога некој ќе те изненади сред мастурбирање.
Хуморот во совршениот БУ момент не одзема ништо од сериозноста на филмот, кој функционира одлично и како психолошки трилер, но и како метафора за темната страна на родителствувањето. Тензијата доаѓа од таму што не знаеме кој е чудовиштето: детето Samuel (Noah Wiseman), кое покажува дaмијaнски тенденции, мајката Amelia (Essie Davis), која по смртта на мажот започнува да го губи умот, или мистериозниот Babadook кој живее во детска книга и можеби е, а можеби и не е продукт на болната психа на главните ликови. Филмот вади одлична километража од оваа неизвесност и на моменти потсеќа на Кјубриковиот Shining, уште еден пример на филм во кој долго време не можеме да го лоцираме изворот на злото во една дисфункционална фамилија. Она што го прави The Babadook наративно супериорен е совршениот крај, кој е и хепиенд, и трагедија, и брутално соочување со реалноста.
The Babadook многу повеќе наликува на приказните на Едгар Алан По, отколку на импотентните PG-13 плашливци кои те тераат да го исклучиш мозокот и да скокaш од седиште секогаш кога ќе се случи БУ момент. Во Babadook речиси и да нема БУ моменти (со исклучок на гореспоменатиот), а хоророт надоаѓа бавно и неизбежно, заедно со сознанието дека од смртта нема бегање. Поегзистенцијално амин!
No comments :
Post a Comment