Морам да признаам оти се плашев дека четвртиот Mad Max ќе биде како четвртиот Индијана Џонс - демоде и непотребен. За среќа, Mad Max: Fury Road не е ниту продолжение, ниту prequel, ниту reboot на серијалот што направи ѕвезда од Mel Gibson. Иако живее во истиот постапокалиптичен свет, новиот Макс (Тom Hardy, кој глумел и полуди ликови) е во сенка на хероината Furiosa (Charlize Theron) и на лудиот продукциски дизајн што ферментирал триесет години во мозокот на режисерот George Miller пред да експлодира на големиот екран како Thunderdome на стероиди, бизарна комбинација од steampunk естетика и Antwoord гротескност.
Мad Max: Fury Road е најправолинискиот филм што било кога сум го видел. Првата половина е трка од точка А до точка Б во која Furiosa со помош на Макс се обидува да спаси пет жени (и себеси) од канџите на садистот Immortan Joe (Hugh Keays-Byrne). Втората половина е трка по истата траса но во спротивен правец, со кратко интермецо и уште пократок епилог.
Генијалноста нa филмот е што не троши време на експозиција и дијалог, туку два часа го остава гледачот да се воодушевува на френетичната акција, инвентивната шминкa, блесавите реквизити (метален нос, средновековна vagina dentata, гитара што исфрла пламен) и каскадерските акробации кои на моменти наликуваат на шоу на Cirque du Soleil.
Ако имам една забелешка за филмот, тоа е што камерата е роб на 3Д процесот, па се инсистира на длабоки композиции и испрекинати кадри кои треба да го дезориентираат гледачот. Можеби доколку го гледав филмот во 3Д сето ова ќе беше плус, меѓутоа во две димензии ми фалеше пофлуидна и постатична камера. Сепак ова е само мала замерка за филм кој успева ем да го крене адреналинот, ем да разбие неколку акциони и родови стереотипи. Во ера кога е речиси невозможно да се види оригинална трка со коли, Fury Road нуди два часа нон-стоп возење, а сепак изгледа поинвентивно, похрабро и полудо од cè што во моментов игра во кино салите.
No comments :
Post a Comment