Pixar отсекогаш правелe филмови за возрасни со надворешност привлечна за деца, но со Inside out се имаaт надминато себеси. Режисерот Pete Docter покажа со својот претходен филм, Up, дека му требаат само пет минути за да ни го растрепери срцето, но со Inside Out почнува да ни буричка и во мозокот, самоуверено загазувајќи во територијата на Charlie Kaufman. Ова е брилијантно сценарио што функционира на неколку нивоа, од виртуозна анимација, преку совршен семеен филм, па сè до психолошки mindfuck.
Е сега замислете ме мене како го држам во скут својот четиригодишен син и се обидувам да му објаснам дека со мозокот на Рајли, главниот лик од Inside Out, управуваат пет човечиња, кои се всушност нејзините чувства: радоста, тагата, лутината, стравот и гадливоста. Секое искуство на Рајли се складира во нејзиниот мозок како мало топче, чија боја зависи од човечето што во моментот ја има командата врз нејзиниот мозок. Сето ова функционира прилично безболно во родната Минесота, произведувајќи претежно жолти, радосни топчиња, сè додека Рајли не треба да се пресели во нов град, без старите пријатели, и со родители кои ја третираат како позрела и поразумна дури и од нив самите.
Во тој момент емотивните темели на Рајли (претставени како острови од сеќавања) започнуваат да доживуваат земјотреси. Радосните жолти сеќавања добиваат сини нијанси, затоа што тагата несакајќи ги допира и ја потсеќа Рајли дека убавите денови од Минесота се зад неа. Чувствата залутуваат во делот од мозокот задолжен за рационализација, па стануваат деформирани и немоќни. Клучните сеќавања лутаат меѓу заборавот и потсвеста, отварајќи простор за стравот, лутината и гадливоста да ги срушат веќе создадените темели и да запловат во непознати води. Имагинарни ликови од детството на Рајли ги узурпираат нејзините соништа, поигрувајќи си со нејзиниот мисловен воз и давајќи и чудни идеи средe ноќ. А немилосрдните мозочни чистачи одвај чекаат некое топче да го изгуби својот емотивен набој за да можат да го пратат во заборав и на негово место да вметнат глупав мем или џингл од реклама.
Не знам колку од психолошките опсервации од претходниот параграф постоеле во првобитната верзија на сценариото, колку од нив се изродиле подоцна во консултации со невронаучници, а колку се природна последица на тоа што науката во филмот е поставена на изненадувачки здрави нозе. Како и да е, многу клучни концепти од невронауката, како краткотрајната и долготрајната меморија, менливоста на сеќавањата и врската меѓу реалноста и сонот се претставени со совршени аналогии.
Сè што знам е дека додека го држев во раце син ми, обидувајќи се да му го раскажам филмот на нему разбирлив начин, човечињата во мојата глава жонглираа и ми ги пребојуваа со сино-жолта патина сеќавањата од детството. Не е ни чудо што при таква конфузија од мисли и емоции, од време на време во грлото ќе ми се заглавеше по некое топче и ќе ми измамеше по некоја солза. Среќа што малиот беше премногу далдисан во филмот за да ги забележи солзите, оти нив немаше да можам да ги објаснам. Тие слатко-горчливи моменти ќе мора самиот да ги доживее, за да научи дека радосните сеќавања стануваат скапоцени дури кога ќе ги обоиш со малку носталгија. Нели Pixar?
P.S. Бонус: неколку ТЕД предавања што ќе ви ја приближат науката од Inside Out:
No comments :
Post a Comment