Ако Spike Lee сé уште беше млад и бунтовен, веројатно ќе направеше филм како Dope: енергичен и смешен, но истовремено полн со емотивен дијалог и длабоки опсервации за современите проблеми на Америка како расната нетрпеливост, трговијата со дрога, и невидливиот интернет. Ако ова не е доволно да ве натера да го погледнете Dope, ќе додадам дека згора на сé филмот е и модерен мјузикл, со феноменална мешавина на old-school rap и нов панк-поп продуциран од Pharrell Williams.

Ова е храбар филм кој не бега од ризични теми, но истовремено успева да насмее и развесели. И покрај обилните псовки и голотија, најпровокативниот аспект на Dope е начинот на кој ја потенцира расната раслоеност на Америка. Малколм е жртва на дискриминација меѓу 'своите', затоа што сака да го напушти гетото и да се интегрира во општество доминирано од белци. Но уште потешката форма на дискриминација е недостатокот на можности за Малколм да го оствари својот сон. Харвард можеби и ќе го прими Малколм, но никогаш нема да сака да ја дознае суровата вистина и тајната зад неговиот успех. Само така привилегираните ќе продолжат да живеат во привид на праведно општество: ем Харвард сит, ем Афроамериканците на број.
No comments :
Post a Comment