Како е можно било кој да биде навреден од Kingsman: The Secret Service? Секој филм што започнува со кредити испишани од рушевини од бомбардирање, кулминира со огномет од човечки глави, а завршува со шовинистичка алузија на анален секс, не би смеело да биде сфатен сериозно. За чудо, помеѓу кредитите и аналниот секс има многу паметен дијалог, еден куп филмски референци и брилијантна боречка кореографија, нешто што го прави Kingsman мојот омилен акционен филм во 2015.
Kingsmen се тајна организација што своите корени ги влече од кројачкиот еснаф (ако сакате можете и да си ги купите оделата на главните ликови), а гранките им се раширени низ целиот свет, од Средниот Исток до САД. Нивниот најмоќен член е Galahad (Colin Firth во James Bond модус), кој се обидува во своите редови да го регрутира младиот Eggsy, бунтовник со добри гени и краток фитил. Откако ќе се открие дека мегаломанот Richmond Valentine (Samuel L. Jackson со говорна маана) го има свртено целиот свет против нив, иднината на светот е препуштена во рацете на Galahad, Eggsy, и нивниот шофер Merlin (кој друг ако не Mark Strong).
Како и Kick-Ass пред него (исто така режиран од Matthew Vaughn), Kingsman е базиран на стрип потпишан од Mark Millar, богобојазлив католик кој во своите дела ги канализира сите работи кои религијата не му ги дозволува во секојдневниот живот. Оттаму не треба да нè изненади што организираната религија има специјално место во пеколот што тајните агенти го оставаат зад себе.
Она што најмногу импресионира во Kingsman е што Vaughn не се задоволува само со пародирање на James Bond, туку тоа го прави со уникатен стил и многу осет за кореографија. Не памтам кога последен пат сум видел сцени со борење кои се снимени со долги кадри и без потреба од тресење на камерата. А кога згора на тоа ќе добиеме и иновативно бркање со кола (најексплоатираното акционо клише), очигледно е дека некој се потрудил не само да ги исмева клишеата туку и да ги надгради. Секоја сцена има амбиција да го сврти потенциометарот до 11. На мое задоволство, повеќето од нив успеваат во тоа.
No comments :
Post a Comment