Sunday, 11 October 2015

Три дена во септември - Даријан Пејовски (2015)


Примитивизмот и историјата на Балканот се толку вкоренети во нашата кинематографија, што е вистинско освежување кога сценариото ќе ги стави балканските стереотипи во функција на една универзална трилер приказна.  Три дена во септември не бега од македонската реалност (има во него и социјален коментар и прикриени етнички тензии), но сето тоа е во склоп на еден жанровски филм кој може слободно да биде снимен и на друг јазик, и на друго место, а да не ја изгуби својата привлечност.


А привлечноста доаѓа првенствено од neo-noir сценариото на Даријан Пејовски и Игор Иванов - Изи, кои одлично знаат да жонглираат со B-movie клишеа како освета, близначки, и проститутки со златно срце.  Во центарот на приказната е Јана (Ирена Ристиќ), која се враќа во родното село многу години по трагичниот настан што ѝ го растурил семејството.  По пат Јана ја сретнува Марика (Камка Тоциновски), проститутка која бега од законот откако е принудена да убие во самоодбрана.  Прашање на време е кога полицијата (Адем Карага) ќе тропне на врата и ќе ги соочи Јана и Марика со нивните демони.


На почетокот од филмот трите главни лика се филмски архетипи (жртва, курва, цајкан) кои комуницираат со отсечен, речиси телеграмски дијалог.  За среќа, на Ирена Ристиќ не ѝ треба дијалог за да го долови немирот зад вкочанетата фасада, а Камка Тоциновски со својата појава вришти 'femme fatale' многу пред да се запие и заигра на истоимената песна, во една од најубавите филмски сцени што сум ги видел годинава.  Ноар сензибилитетот на Три дена во септември е одлично надополнет од Адем Карага во улога на полицаецот Генц, за кого долго време не знаеме дали има чиста совест и добри намери.  На пола филм маските паѓаат, ракијата го ослободува либидото, а дијалогот станува поигрив и позабавен благодарение на феноменалното камео на Милица Стојанова.  Тоа е моментот кога и јас комплетно му се препуштив на филмот и му дозволив да ме вози низ познат, но живописен терен.

Морам да признаам дека најмногу уживав во неизвесноста околу насоката на приказната. Најпрвин намирисав социјална драма за подреденоста на жената во македонското општество. Потоа мултикултурниот амбиент ми сугерираше приказна за етничките предрасуди и омразата кон другиот, за конечниот расплет сепак да ги стави овие теми во втор план.  Немам дилема дека филмот намерно кокетира со стереотипите, но тоа го прави без социјален коментар, исклучиво во функција на поигрување со чувствата и очекувањата на гледачите.  Во суштина ова е забавно филмче со силни женски ликови, напнат конфликт и поетска правда. Кога би имале повеќе вакви приказни, веројатно би имале помалку балкански стереотипи во нашите филмови, а можеби и во нашите глави.




No comments :

Post a Comment