Не сум љубител ниту на биографски филмови, ниту на компанијата Apple, ниту на извиканиот сценарист Adam Sorkin. Сметам дека заедничко им е што се заглавени во старите "добри" времиња со што го забавуваат развојот на формата што ја претставуваат, било да е филмска, технолошка или книжевна. Херметички затворени во еден загушлив простор (таканаречен echo chamber), забораваат дека постои свет и надвор од нив самите, па верглаат ли верглаат, промовирајќи ја својата незаменливост. А сепак најновиот филм за Steve Jobs успева да стави вентил во комората и да внесе свеж воздух во веќе излитената хагиографија на иконскиот главен лик.
Вентилот е во рацете на режисерот Danny Boyle, кој знае дека сценариото на Sorkin ќе делува автентично само ако е раскажано во амбиент што личи на кошмарен сон, или можеби на претсмртна халуцинација на еден брилијантен ум што трокира. Boyle воајерски го следи Jobs (Michael Fassbender) во три клучни моменти од неговата кариера (претставувањето пред јавноста на Macintosh во 1984, NeXT во 1988, и iMac во 1998), го опкрушува со духови од неговото минато, и го остава да се крчка во пеколот на неговите манипулации додека часовникот отчукува, а публиката религиозно скандира. На три наврати во период од 14 години Jobs e соочен со нелегитимната ќерка Lisa, нејзината мајка Chrisann, верниот соработник Steve Wozniak (Seth Rogen) и навидум неверниот шеф John Sculley (Jeff Daniels), и при секое соочување тој се заканува, блефира и бара виновник секаде освен во самиот себе. Но огледалото е секогаш тука, во очите на најблиската соработничка Joanna Hoffman (Kate Winslet), која единствена знае како да се справи со Jobs-овиот филтер за дисторзија на реалноста.
Уживам во филмови во кои грешникот е казнет да го преживува својот грев, одново и одново. Без да навлегувам во подлабока анализа на сценариото, мислам дека филмот на Danny Boyle функционира совршено како кореографија на претсмртниот flashback на Steve Jobs, додека трипати ги повторува веќе добро документираните последни зборови. За обичен смртник веројатно ваква халуцинација би го најавила влезот во пеколот. Но можеби токму во ваков задгробен живот еден конзумерски месија со комплекс на Господ би го нашол својот рај.
No comments :
Post a Comment