Не секој комичар може да глуми во сериозни филмови, но оние што успеваат во тоа создаваат незаборавни ликови. Таков лик е милионерот John E. DuPont во изведба на Steve Carell. Со своето дрвено држење, нервозна дикција, и со мртвиот поглед, DuPont создава инстинктивен немир далеку пред да земе пиштол во раце. По првиот испукан куршум веќе немаме дилема дека нешто со DuPont сериозно не е во ред, но она што следува е толку неверојатно што мора вистински да се случило.
DuPont пред светот се претставува како доктор по орнитологија, филателист, филантроп, и мецена на американскиот боречки спорт во пресрет на Олимпијадата во Сеул. Длабоко во себе, тој се доживува како разочарување за својата мајка (Vanessa Redgrave), затоа што мисли дека неговите успеси секогаш се во сенка на трофеите што ги освојуваат коњите од нејзината ергела. За да ја импресионира мајка си, DuPont решава околу себе да собере едно малку поинакво стадо пастуви, составено од врвните американски борачи во слободен стил, меѓу кои и двајца олимписки шампиони, браќата Mark и Dave Shultz. DuPont им дава на браќата пари и добри услови за работа, но за возврат сака невозможна комбинација од партнерство, пријателство и покорност. Исходот е трагичен за сите.
Steve Carell ми е омилениот комичар, а по оваа улога се вбројува и меѓу моите омилени глумци. Не знам каде успеал да ја закопа својата харизма и симпатичност за да создаде волку гнил и бездушен карактер со мртвило во погледот. За разлика од Carell, Mark Ruffalo и Channing Tatum се физички препознатливи, но покажуваат актерски дијапазон што не знаев дека го поседуваат. Во предоскарската треска ќе навивам многу гласно за Foxcatcher, најпрвин затоа што Carell и Rufallo ја заслужуваат наградата, а второ затоа што само така ќе може да се исполни договорот што режисерот Bennett Miller го направил со сценаристот Dan Futterman - дека ако еден од нив освои Оскар, говорот ќе мора да се состои исклучиво од кучешко лаење. Колку само моќно би одекнал тој лаеж кај помпезната академија. Колку само тоа би било соодветно за филм што се вика Foxcatcher.
No comments :
Post a Comment