Monday, 18 June 2018

А да оладевме малку околу името?

Одбивам да отидам во Грција сè додека не ни го признаат името. Издржав на овој став 27 години и не планирам да отстапам од него. Но што ако се постигне договор и Грција нè признае под име за кое двете држави постигнале договор? Дали во мојата глава тоа ќе биде доволен изговор за да ја посетам таа толку блиска а толку далечна земја? И уште поважно, можно ли е да бидам патриот, а сепак да ги содржам во себе и двете позиции околу спорот за името? Walt Whitman би рекол да. Ама кој чита поезија овие денови? Паролите секогаш биле попривлечни од стик… пардон… стиховите.



Секогаш кога ќе се соочам со некоја дилема, научникот во мене се обидува да ги стави работите на кантар. Овој блог и се вика Кантарот токму поради потребата да најдам рамнотежа, и во сопствениот живот но и во контрадикциите кои ме опкружуваат. А сепак, средовечниот човек во мене знае дека математиката ретко испаѓа. Мислиш дека прописно си ги извагал работите, ама секогаш има тег што не си го земал предвид. 

Историјата е преполна со примери на суетни луѓе кои мислеле дека ги контролираат теговите. Некои од нив дури и ја натежнале вагата во своја корист, ама баланс не постигнале, зашто историјата е премногу непредвидлива за обични смртници. Зошто тогаш се залажуваме дека знаеме што треба да се направи по прашањето за името? И зошто мислиме дека кога ќе ја донесеме одлуката, таа ќе го даде исходот што сме го посакувале?


Навратете се на сите пати кога сме се наоѓале пред важни прашања: референдумот за независност, изборите во 98, рамковниот договор, 15-ти септември, референдумот за територијална организација, изборите по шарената револуција… Пропагандните машинерии сакаат да го престават секое од горните прашања како судбоносно ‘да се биде или не’. Во реалноста резултатите на гласањето речиси и да не биле поврзани со објективниот исход. И не сме само ние жртви на оваа манипулација. Навратете се на грчкиот референдум за Grexit како суров потсетник на тоа дека ‘не’ на избори често значи ‘да’ (и тоа не само на грчки).


Наредните неколку месеци планирам да ги поминам во Македонија, и убеден сум дека многу пријатели ќе сакаат да изберам страна за да може да се преброиме. Во вакви пребројувања одамна престанав да верувам. И да го смениме и да не го смениме името, сонцето утре повторно ќе изгрее, а Македонија ќе остане едно сосема просечно место за живеење. Сè друго е само обид да ми се одземе слободата да содржам противречности.


No comments :

Post a Comment