Osheaga е најпристојниот музички фестивал на свет. За разлика од Coachella кој е епитом на Америка (потсетете ме некогаш да ви раскажам за Coachella 2004), Osheaga е олицетворение на канадскиот стереотип. Опуштено, културно и весело, така се осеќам секоја година кога ќе стапнам во метрото и ќе се повозам две станици до Parc Jean Drapeau, за да бидам пречекан од фестивалџии во сите можни изданија, од пијани тинејџери, преку преморени родители со деца, па сè до неуморни дедовци и баби.
Горниот опис е уште почуден кога знаете дека канадскиот стереотип не важи за Монтреал. Тука луѓето често се намќори, организацијата не им е силна страна, не сакаат многу да се мешаат со странци, и знаат да се степаат за ситница. Ама ете, на неколку дена во годината локалците подзабораваат на суровите услови за живот во Монтреал и се препуштаат на фестивалската еуфорија.
Следниот настап е онаму |
Годинава, паркот Jean Drapeau ме пречека во типично монтреалски услови: раскопани канали, кал, железни огради и екстремна температура. Ваков беше паркот и зимово, затоа што во тек е реновација, и баш се прашував како ли ќе стигнат да ја организираат Osheaga, кога знам дека вакви потфати во градот траат со години. Одговорот: нема да стигнат (бавноста е тоа што му дава шарм на Монтреал). Решението: ќе ја префрлат Osheaga на соседниот остров (каде што се вози Формула 1 и реално нема фестивалски услови). Последиците: ќе го заебат најубавиот аспект на фестивалот (интимната атмосфера и двете главни бини поставени една до друга, на кои најизменично се менуваат headliner-ите без да има празен ôд). Штета, ама што е тука е, градежната мафија не се замара со музика...
St Vincent (via Montreal Gazette) |
Импровизираните услови за пречек направија да закаснам за настапот на Chromeo, локалните миленици кои знаат да направат добра журка дури и ако песните им личат јајце на јајце. Но затоа се наместив во првите редови за St. Vincent (aka Annie Clarke), музичарката што го објави мојот #1 албум за 2017. Annie се покажа во фул 'dominatrix at a mental institution' раскош: портокалов латекс, флуоресцентни гитари, S&M видео инсталации, мажи со најлонски чорапи на главите, и две жени (Annie и Toko Yasuda) кои доминираат на сцената и со стас и со глас. Песните беа речиси исклучиво од новиот албум, а импровизацијата сведена на минимум. Ми фалеше старата St. Vincent, ама нема дилема дека ова нејзино издание е моќно и субверзивно.
Фестивалски хајлајт: Возбудена толпа која во еден глас пее 'I can't turn off what turns me on!'
Фестивалски хајлајт: Возбудена толпа која во еден глас пее 'I can't turn off what turns me on!'
ОК ова, ама за повраќање? |
Само што заврши St. Vincent, се стрчавме кон спротивната бина за да фатиме место за Portugal. The Man (број #2 на мојот топ 17 за 2017). Каква ли космичка коинциденција ги носи мојот #1 и #2 за 2017 на истиот фестивал, ги закажува во истиот ден и ги става back to back? Епа истата таа космичка коинциденција која решава да ме уцапа у кал додека трчам од една бина на друга, да ме испрска со повраќаница од копиљ кој подранил со пиењето, и да ми го продаде најгадниот алкохолен пијалак на фестивалот (Bacardi Breezer Pina Colada, никогаш повеќе!) Нејсе, стигнав баш кога претставникот на Првите Нации (канадски Индијанци) ни посака добредојде и пушти клип со Beavis & Butthead кој се исмева со новостекнатата популарност на PTM. И после почна музиката...
Пасивна агресија ала PTM |
Во сите години одење на концерти не сум видел група што волку непријатно се чувствува во сопствената кожа. John Gourley и компанија направија сè да покажат дека не се групата од I Feel it Still. Свиреа преработки од Pink Floyd, T-Rex, и Rolling Stones. Ја елиминираа електрониката од живиот настап. Импровизираа и се фалеа дека на вистински групи не им требаат вокали. А сепак, колку повеќе се трудеа да побегнат од I Feel it Still, толку повеќе тежеше нејзиното отсуство. Ја отсвиреа на крај, речиси како извинување до публиката. Сфаќам дека е тешко да се влезе во mainstream после толку години indie, ама навистина нема потреба од маички на кои пишува 'I liked Portugal. The Man before they sold out'. Како некој што ги слушаше Portugal. The Man пред дa се 'продадат' (види Топ 13 за 2013), имам само едно да им порачам: Дечки опуштете се! Никој нема да ви замери што сте заработиле некој долар со феноменална поп песна. А тие што ве обвинуваат дека сте се продале, ви завидуваат!
Фестивалски хајлајт: Пасивната агресија на видео бимот (види фото).
Yeah Yeah Yeahs од далеку |
Откако се одјавија PTM и зајде врелото сонце, за мене заврши задолжителниот дел на фестивалот. Наминав да ги чујам Yeah Yeah Yeahs и заклучив дека Karen O сè уште ја има енергијата од пред десет години, но дека јас и натаму не можам да ислушам цел нивен концерт. Од таму се упатив на Likky Li, која е далеку подинамична во живо отколку во студио, но сепак е монотона за мој вкус. Новиот пак бран рапери (NAV, Rae Sremmurd, Travis Scott) не можат да се оттргнат од влијанието на Kendrick Lamar, а мене тој ми е малку напорен. Odesza мислат дека ако воведат дувачка секција во млитав поп ќе бидат иновативни (изгледа се премлади за да се сеќаваат на Lou Bega).
James Blake, фото од YouTube |
Единствено James Blake направи да ми биде драго што останав до крај. Blake го видов во живо пред некој месец, ама за чудо овој настап беше подобар. Додека на соло концертот Blake избегнуваше контакт со публиката, овој пат се шегуваше, се караше со техничка поддршка, па дури и прекина една песна затоа што му влегла мува во уста. Ова, комбинирано со доцнењето на Travis Scott на главната сцена, направи да се собере голем број на луѓе кои веројатно прв пат го слушаат ангелскиот глас на Blake. Во тоа е убавината на музичките фестивали!
Фестивалски хајлајт: Limit to Your Love на Feist во изведба на James Blake.
Журката продолжи на неколку афтери расфрлани во мојот комшилук. Кој има доволно сила (или стимуланти) ќе тера вака уште цели два дена. За жал, од мене толку. Помина времето кога можев да посветам цел викенд на музика. Чао Osheaga, се гледаме во 2019!
No comments :
Post a Comment