Синедејс ми е стара љубов. Неколку години врската ни беше 'на далечина', и фестивалот толку ми недостасуваше што му пишував љубовни писма од студениот Монтреал. Годинава конечно сме заедно во Скопје, па решив да го живнам блогов за да го овековечам моментот. Постов ќе го ажурирам секогаш кога ќе имам нешто да пишам за годинешново издание на Синедејс, па да видиме како ќе се развива љубовнава приказна:)
Alone at my Wedding - Marta Bergman (2018)
Картите за Alone at my wedding вклучуваа и проекција на македонскиот краткометражен филм Готлиб. За жал, Фросина се испразни после премиерата на Готлиб (види подолу) и многу малку луѓе останаа да го погледнат филмот што следеше. Оние малкуте беа наградени со нежна приказна за Памела (Alina Serban), Ромка од Романија која во потрага по подобар живот завршува како невеста по порачка. Не, мажот не е монструм, а ни Памела не е цвеќе за мирисање. Се гледа дека режисерката Marta Bergman се калела на документарци, а првиот игран филм ѝ ја донесе и главната награда на Синедејс.
The Favourite - Yorgos Lanthimos (2018)
По претходниот филм на Lanthimos (Killing of a sacred deer) се уплашив дека грчкиот enfant terrible забегал во Von Trier територија. The Favourite ми го разбива овој страв со приказна која е и смешна, и апсурдна, но пред сè различна од филмовите со кои Lanthimos го разбранува филмскиот свет. Нема во Favourite ниту приказни за џиновски мачки кои демнат надвор од домот (Dogtooth), ниту луѓе кои се претвараат во животни ако не најдат партнер (Lobster), ниту пак руски рулет со семејството (Killing of a Sacred Deer). А сепак... (Целосен осврт тука.)
Shoplifters - Hirokazu Kore-eda (2018)
Ако некој сака да погледа под исполираната површина на Јапонија, им препорачувам да го погледнат Shoplifters, златната палма од Кан и најдобриот филм што го видов на Синедејс. Како и во прекрасните Like Father Like Son и After the Storm, Kore-eda и во најновиот филм се занимава со прашањето што значи да имаш семејство. Дали е подобро да бидеш со твоите родени родители по секоја цена, или секој треба да има право да си го избере семејството што го посакува? Нормално, ова е лажна дилема без лесно решение, а судбината на главните ликови во Shoplifters ме потсети дека крвта е (само/дури) 80 проценти вода. (Целосен осврт тука.)
Darkest Hour - Joe Wright (2017)
Во принцип не сакам биографски филмови. Следат формула, не знаат на кој период да се фокусираат, ја шминкаат историјата и служат за да докажат дека некој глумец заслужува оскар. Во случајот на Darkest Hour важи само последното. Gary Oldman создава незаборавен Winston Churchill, a Joe Wright поставува високи стандарди за жанрот биопик. Еден од најдобрите филмови од 2017!
The Happy Prince - Rupert Everett (2018)
Rupert Everett е совршен за да го глуми Oscar Wilde. Ама во 2018 малку луѓе знаат кој е Oscar Wilde, а уште помалку кој е Rupert Everett. Овој филм нема да го смени ни едното ни другото, бидејќи е уште еден клише биопик. Постои документарец за тоа како Everett барал пари за да го направи филмов. Не сум го гледал, ама нешто ми кажува дека тоа е подобро сведоштво за тоа како некои уметници спаѓаат на ниски гранки.
Isle of Dogs - Wes Anderson (2018)
Fantastic Mr. Fox имаше одлична анимација и приказна достојна за неа. Додека да се одлучи да направи втор stop-motion филм, Wes Anderson заборави на важноста на квалитетно сценарио. Како и во Grand Budapest Hotel, и тука формата царува над суштината. Јес да суши сцената е прекрасна!
Everybody Knows - Asghar Farhadi (2018)
Во последно време сè потенка е линијата помеѓу шпанска серија и филм на Asghar Farhadi. Откако создаде ремек-дело со суптилниот A Separation, неговите сценарија почнаа да забегуваат во коинциденции, а ликовите почнаа да се однесуваат сè понеразбирливо. Ова беше очигледно и во неговиот втор Оскаровец (The past), ама во Everybody Knows 'шпанскиот' елемент е вклучен на 11-ка. Не само што целата екипа изгледа како да излегла од некоја теленовела, туку и приказната не знае дали сака да биде романса, tearjerker, или whodunnit трилер. Исходот е изненадувачки предвидлив за секој што прочитал барем една книга од Агата Кристи, дури и ако ја земете предвид последната сцена на скалите каде има еден конечен plot twist.
The House that Jack Built - Lars Von Trier (2018)
Рецептот за гледање на поновите филмови од Von Trier e многу лесен. Еден: Дај си 15 минути за да одредиш во кој правец му забегал мозокот на Lars во оваа прилика. Два: Подготви се за долго шлајфување во истата насока, опсесивно-компулсивно организирано во епизоди и прошарано со енциклопедиски тривијалности и алегориски излети. Три: Стрпи се за филмот конечно да убаци во брзина и да ги извози последните 15 минути со манијакално темпо. Во најновата инкарнација на овој рецепт, на серискиот убиец Џек (Matt Dillon) му требаат два ипол саати да ја изгради неговата куќа. Да, куќата е импресивна, ама можев комотно да дремнам додека Џек ги влечкаше тулите. Сепак финалето е незаборавно, и како поетска правда за Џек, и како сведоштво за длабочините на депресијата на Von Trier, која еве веќе неколку децении ја следиме преку филмското платно.
Готлиб - Крсте Господиновски (2018)
Gottlieb не е првиот филм што го погледнав на Синедејс, ама е првиот што ме инспирираше доволно за да напишам нешто за него. Импресивната анимација е хибрид на техниките од Waking Life на Linklater (ротоскопија) и Anomalisa на Kaufman (stop-motion), а и тематски приказната ја евоцира меланхолијата и кршливата природа на реалноста. Она што го прави филмот уникатен е начинот на кој двете техники се прелеваат од една во друга и го дезориентираат гледачот. Свесни сме дека на главниот (религиозен ?) лик му се руши светот околу него, но во неговата надолна спирала се вшмукани уште неколку периферни ликови кои во подолг филм веројатно би имале повеќе простор да дишат. Готлиб трае само 15 минути, но ќе сакав да минам подолго време со креациите на Господиновски. Јасно е дека режисерот има одличен тим со бескрајно трпение и внимание за детаљи, па се надевам дека сето ова наскоро ќе резултира со уште поимпресивен (и подолг) филм.
The Happy Prince - Rupert Everett (2018)
Rupert Everett е совршен за да го глуми Oscar Wilde. Ама во 2018 малку луѓе знаат кој е Oscar Wilde, а уште помалку кој е Rupert Everett. Овој филм нема да го смени ни едното ни другото, бидејќи е уште еден клише биопик. Постои документарец за тоа како Everett барал пари за да го направи филмов. Не сум го гледал, ама нешто ми кажува дека тоа е подобро сведоштво за тоа како некои уметници спаѓаат на ниски гранки.
White Crow - Ralph Fiennes (2018)
Приказната за Рудолф Нуреев раскажана како шпионски трилер? Јес да ја има Adèle Exarchopoulos, ама сценариото е млитаво, а разрешницата треторазредна.
The Happy Prince - Rupert Everett (2018)
Rupert Everett е совршен за да го глуми Oscar Wilde. Ама во 2018 малку луѓе знаат кој е Oscar Wilde, а уште помалку кој е Rupert Everett. Овој филм нема да го смени ни едното ни другото, бидејќи е уште еден клише биопик. Постои документарец за тоа како Everett барал пари за да го направи филмов. Не сум го гледал, ама нешто ми кажува дека тоа е подобро сведоштво за тоа како некои уметници спаѓаат на ниски гранки.
White Crow - Ralph Fiennes (2018)
Приказната за Рудолф Нуреев раскажана како шпионски трилер? Јес да ја има Adèle Exarchopoulos, ама сценариото е млитаво, а разрешницата треторазредна.
No comments :
Post a Comment