Tuesday, 20 November 2018

The favourite - Yorgos Lanthimos (2018)

По претходниот филм на Lanthimos (Killing of a sacred deer) се уплашив дека грчкиот enfant terrible забегал во Von Trier територија. The Favourite ми го разбива овој страв со приказна која е и смешна, и апсурдна, но пред сè различна од филмовите со кои Lanthimos го разбранува филмскиот свет. Нема во Favourite ниту приказни за џиновски мачки кои демнат надвор од домот (Dogtooth), ниту луѓе кои се претвараат во животни ако не најдат партнер (Lobster), ниту пак руски рулет со семејството (Killing of a Sacred Deer). А сепак...


Image result for lanthimos favouriteИ во Favourite се зборува за наводна опасност која демне надвор од ѕидините на дворецот на кралицата Ана (Olivia Colman). Во овој случај тоа е англискиот народ кој не сака нови даноци за да се финансира војната со Франција. Во спалната на Ана нема јастози, ама затоа таму живеат седумнаесет зајаци кои се отелотворение на седумнаесетте бебиња кои не успеала да ги роди живи. А луѓето во нејзината близина не се баш на отстрел како во Sacred Deer, ама можат во секој момент да бидат елиминирани заради дворските игри на нејзината пријателка од детството, војвотката од Марлборо (Rachel Weisz). Во оваа лантимовска атмосфера пристигнува Abigail Hill (Emma Stone), сиромашната братучетка на војвотката, и започнува натпреварот меѓу двете братучетки за тоа која ќе ги освои симпатиите на кралицата.

Image result for lanthimos favourite sex sceneМожеби самата информација дека ова е филм на Lanthimos ме прави да го препознавам неговиот потпис и во сценарио кое тој не го напишал. Favourite е далеку поконвенционален од претходните филмови на Lanthimos, но тоа не значи дека му фалат апсурдни ситуации. Тоа што ликовите од Favourite вистински постоеле не значи дека се однесувале порационално од ликовите во претходните 'high-concept' филмови на Lanthimos. Епитетот 'конвенционaлен' е заслужен делумно затоа што на историските драми им дозволуваме поголеми излети во апсурдност, убедени дека луѓето во минатото биле полуцкасти од нас. Каква миленијалска суета! Забеганоста на кралицата Ана има многу заеднички нишки со лидерите од позлатениот 21-ви век, само ќе треба да почекаме некој иден Lanthimos да ни ги исмее апсурдите кои денес ги прифаќаме за нормални.

No comments :

Post a Comment