Saturday, 4 May 2019

За сјајот на Едо Маајка


Се сеќаваш на првата половина од Махир и Алма? Како ја научивме на памет и си ја рецитиравме до бесвест? Вториот дел, оној во кој Махир и Алма доживуваат трагедија, најчесто го прескокнувавме. Нивната судбина ни звучеше толку страшно што ја прекинувавме песната за да не ја расипеме бајката.

Новиот албум на Едо е како алтернативна историја во која Махир и Алма сепак останале заедно. Но она што не им го уништиле другите луѓе и далечината, им го нагризало времето. А времето знае да направи хорор и од најбајковитите приказни.


Не е страшно што летнало времето за Махир и Алма. Страшно е што не можат да го успорат барем за момент.


Не е страшно што имале милион караници во кои си го истуриле бесот. Страшно е што лекот за бесот на едниот често е отров за другиот. 


Не е страшно што минале низ сито и решето додека да успеат. Страшно е што цената на успехот е немир.



Не е страшно што не знаат што да прават со себе. Страшно е што знаат што треба, а немаат волја за тоа. 


Не е страшно што денес е срање. Страшно е што утре не доаѓа.


Не е страшно што светот се распаѓа. Страшно е што сфаќаш дека каде и да бегаш не можеш да побегнеш од себе.



Во еден момент се соочуваш со темнината, немирот и безволноста. Ги прифаќаш манијата, депресијата и паниката што ги разграничува. Сфаќаш дека глупоста постои насекаде, засекогаш и отсекогаш. Ги ставаш сите овие чувства во рима и ги спукуваш во албум за да вратиш барем дел од светлоста во животот.


Албумов на Едо ми донесе трошка светлост во овие мрачни неколку недели во кои повторно сме раздалечени. Слушни го, препознај нè во него, и кажи ми дали е ова пострашно или поубаво од судбината на Махир и Алма. 

Или е можеби по малку од двете?



Монтреал, 13 август 2018

No comments :

Post a Comment