Неделава би морало да живеете во црна дупка за да ја немате видено сликата на црната дупка. Пресреќен сум заради ова, затоа што им дава на научниците популарност и кредибилитет во време во кое вербата во науката опаѓа. Среќен сум и затоа што вакви колаборативни проекти ми даваат надеж во способноста на човештвото да премости незамисливи пречки.
Алекс Попстефанија во избрано друштво |
А сепак сè до денес не седнав да прочитам малку повеќе за проектот. Причината е едноставна. Знам дека ако почнам да сурфам, нема да можам да престанам. Го одложував моментот на сурфање сè додека останатите обврски не дојдат под контрола. И ќе успеев да се воздржам да не излезеше текстот за Македонецот Алекс Попстефанија кој е дел од тимот. Во тој момент веќе морав да копам по интернет.
Прво морав да го ископам оригиналниот труд, кој е изненадувачки тежок за наоѓање, бидејќи е закопан под купишта сензационалистички наслови по медиуми. Потоа морав да ги избројам сите ко-автори (349), па да се запрашам како го одлучиле нивниот редослед. Почнуваат алфабетски, и таман кога ќе стигнат до Z, се враќаат повторно на А. Потоа сфатив дека станува збор за серија трудови, па веројатно постоеле различни тимови одговорни за различни аспекти на проектот. На крај забележувам дека единствените три вебсајти што фигурираат во трудот се од суперкомпјутерската мрежа на Канада (Compute Canada, Compute Ontario и Calcul Quebec), со која наскоро планираме да направиме нешто убаво и во Македонија.
Сликата е хибрид од голема база на снимки и симулации |
Потоа морав малку да го разгледам алгоритамот, кој е доста софистициран, но исто така и подложен на човечки bias. Кога лаик ќе ја погледне сликата, ќе си каже 'Што је баби мило то се баби снило'. Во реалност, валидирањето на алгоритамот е за мене најбрилијантниот дел од откритието, оти покажува како со малку податоци може да се исклучат поневеројатните слики, сè додека не останеме со една слика за која со голема сигурност (научниците никогаш не велат 100%) може да кажеме дека е веродостојна.
Од сите видеа што ги погледнав на темата, најголем впечаток ми остави ова TedX видео од пред две години, во кое Katherine Bouman од петни жили се труди да им долови на гледачите зошто е ова револуционерен потфат: 'Замислете си портокал на површината на месечината и обидете се да го фотографирате од земјата...' Две години подоцна Dr. Bouman станува лицето на проектот, а начинот на кој тимот се справува со одвратните интернет тролови покажува дека сите се на висината на задачата.
Полетувам за Македонија за пет часа, а не сум ни почнал да се пакувам. Пред да стигнам во Македонија, треба да ги пополнам даночните формулари, да оценам 20 проекти, 40 финални испити, и да аплицирам за еден научен грант. А сепак еве ме тука пишувајќи го текстов, оти соочен со импресивноста на овој научен потфат моите грижи делуваат мали. Ако EHT тимот успеале да сликаат портокал на површината на месечината, ќе можам и јас да си ги завршам обврските за време на еден прекуокеански лет.
No comments :
Post a Comment