Секој што видел барем една епизода од генијалното Key & Peele шоу знае дека Jordan Peele e мајстор за атмосфера и дека во двеминутен комичен скеч знае да набие повеќе тензија од повеќето хорор режисери. Ова одлично функционираше во Get Out, затоа што атмосферата беше надополнета со оригинално сценарио кое заслужено освои Оскар. Во Us атмосферата е подеднакво вознемирувачка, но оригиналноста е заменета со virtue signalling и имитирање подобри филмови.
Премисата на Us е дека под земја живеат наши двојници. Тие се приморани да ги имитираат оригиналите, но за веродостојна имитација им недостасуваат ресурси. Така кога надземјанинот си игра со запалка, подземјанинот е принуден да си игра со многу поопасен оган. Резултатот е куп хендикепирани и огорчени луѓе кои еден ден решаваат да излезат над земја и да се осветат.
Не е ова лоша метафора за начинот на кој функционира западното општество. За жал, колку повеќе Peele се труди да ја оправда метафората, толку повеќе добиваме впечаток дека на сценариото му е поважна прогресивната агенда отколку судбината на ликовите. Како поинаку да го објасниме тоа што во еден момент двојниците се претставени како луѓе од крв и месо (Американци, ни помалку ни повеќе), а во друг (кога треба да има хорор) се однесуваат како безумни зомби.
Има во Us доволно хумор и ситни задоволства, како во објаснувањето зошто сите носат ракавици a-la Michael Jackson, или зошто држењето за раце е целта на осветниците. Но концептот за свет на двојници е виден стопати во приказните на Neil Geiman, па дури и еден 'детски' филм како Coraline има повеќе внатрешна логика од Us. Peele толку се труди да ја разработи метафората, што на крај добиваме хорор кој не е ниту посебно страшен, ниту посебно логичен. Ама затоа на сите ни станува јасно дека насловот на филмот е всушност име на земја.
No comments :
Post a Comment