Sunday, 6 May 2018

Од #СмрттаНаХуморот до златната палма и назад

Од Трајко Џиков до Митко Панов
Секој ден, пред да седнам да работам, бесцелно сурфам на интернет. За време на студиите ова го сметав за најголемиот проблем во мојата работна етика. Ќе заглавев со сурфањето до три саат наутро, цимерот одамна заспан, а јас симнувам емпетројка од бавниот австралиски сервер што на времето ја имаше најдобрата ex-YU музичка колекција. Знаеше ова да ми создава и проблеми во врската, зашто ќе ѝ кажев на жена ми дека ми требаат уште пет минути да завршам еден труд, без да земам предвид дека ќе ми треба барем пола саат сурфање за на трудот да му дојдат неговите пет минути.

Со време се помирив дека тешко ќе се откачам од оваа навика. Професорот во чија лабораторија ги завршив постдокторските студии се навикна да гледа филмски критики на мојот работен декстоп. Жена ми престана да се лути кога ќе ја викнам да го види најновиот музички спот, иако сум ѝ рекол дека работам на апликација за грант. Децата знаат дека кога ќе кажам дека работам, често ќе слушнат YouTube клипчиња од мојот лаптоп. Сурфам безмилосно, сè додека не налетам на нешто што ќе ме убеди дека сурфањето се исплатело. Миц по миц, мојата лоша навика прерасна во најпријатниот дел од мојот работен ден. 

Така денес, поведен од хаштагот #СмрттаНаХуморот стигнав на Фејсбук профилот на Трајко Џиков, каде што открив дека новиот албум на Кристо Роџевски ќе биде миксан од легендарниот Bill Laswell. Г-дин Роџевски веќе си го најде местото на мојата музичка топ листа од 2017, па нормално оваа вест многу ме израдува.

Но радоста не беше комплетна. Беше неопходно веста да се провери на интернет, па така налетав на осврт кој ми даде повеќе детаљи за екипата на Роџевски, за инспирацијата за албумот, за тоа дека албумот е дел од трилогија што ги покрива етапите од животот на Роџевски, почнувајќи од неговата баба (Батанија), преку неговата мајка (Bitter Almonds), па сè до прекуокеанскиот живот во Америка (The Rabbit and the Fallen Sycamore).

И тогаш, во претпоследниот параграф од горниот текст, ме пречека следнава реченица:  'Kristo has appeared on other film soundtracks, [...] including The War is Over (by Mitko Panov, a Palme d 'Or winner at the Cannes Film Festival).' Како е можно да не знам дека Македонец има освоено Златна Палма? Сигурен сум дека палмата не била за долгометражен филм, па почнав да барам што друго има режирано Митко Панов, пред да го направи The War is Over?


И така го открив 'Z podniesionymi rekami', краткиот филм од 1985 година направен за време на неговите студии по режија на филмската школа во Lodz. Филмот е инспириран од вистинска фотографија од варшавското гето. Eврејско дете ги држи рацете кренати додека војник на SS вперува митралез во него. Новинар го прашува Панов дали некој порано се обидел да направи филмска фикција заснована на историска фотографија. Панов скромно одговара дека би бил изненаден ако тоа веќе не e направено.

Сурфањето кулминира со шестминутниот With Raised Hands. Погледнето го, нема да зажалите. Има во него од сè по нешто: и омаж на Le Ballon Rouge, и доза магичен реализам, и еден вид на предвесник на Оскаровецот La vita è bella. Но пред сè има филмски јазик кој пленува и кој во неколку слоја ни ја доловува моќта на камерата:


Еве ме сега, саат ипол подоцна, сурфањето завршено, блог постот напишан, подготвен да почнам со работа на специјално издание посветено на микроструктурата на мозокот. Која ли е таа микроструктура што знае волку успешно да ми го потроши времето? Се тешам со тоа дека после ваква сурфинг сесија ќе имам барем 4-5 продуктивни часа пред себе.

1 comment :

  1. во следната сесија сурфање, провери ја врската помеѓу фотката и еден многу познат филм на шведски режисер (да не пишувам име, да ти поинтересно сурфањето).
    инаку, ја делам истата (лоша?) навика, но изгледа добивам многу повеќе осуда од околината.

    ReplyDelete