Tuesday 21 April 2020

НА КАНТАР СО АЛЕКСАНДАР СТОЈКОВ: Овој пат кризата е навистина поинаква

(Насловот е инспириран од книгата „Овој пат е поинаку“ („This Time is Different“) на Кармен Рајнхарт и Кенет Рогоф)

Справувајќи се со здравствените последици од КОВИД-19, на почетокот ги занемаривме економските. Социјалното дистанцирање и карантинот се успешни во ублажување на пандемијата, но имаат висока економска цена. Во средата (15.04.2020 г.), Александар Стојков, професор по економија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје во онлајн-дискусија одговараше на прашања поврзани со економијата во време на коронавирусот. Во продолжение можете да најдете одговори на прашањата: кои се економските импликации на КОВИД-19, какви се мерките што (можат да) се преземаат за ублажување на последиците и има ли предвидувања за тоа што нè чека и на личен, и на колективен финансиски план.


Пожарот е сè уште во тек

Додека Министерството за финансии и Народната банка сè уште работат на ревидирање на своите проценки за македонскиот БДП за 2020 година, ММФ излезе со проценка дека светскиот БДП годинава ќе падне за 3%, а македонскиот БДП за 4% (Графикон бр. 1). Како што вели професорот Стојков, многу е тешко да се каже колкава ќе биде штетата од еден пожар, ако пожарот сè уште е во тек. Исто така, и од домаќините зависи колку силно ќе се ангажираат во справувањето со него. И самиот бил исправен пред овој предизвик, кога од страна на УНДП му било побарано да ревидира една своја пртеходна долгорочна проекција за македонската економија.


Графикон 1: Предвидување за македонскиот БДП (во милијарди долари). Ревидираната проекција како последица на коронавирусот е во сиво. (Клик на сликата за повисока резолуција.)

Ревидирањето на овие проекции за македонскиот БДП за 2020 година, професорот Стојков решил да го дополни со анкетирање на повеќе од 50 макроекономисти и бизнисмени, со што би се собрале различни перспективи на луѓе под влијание на специфични фактори во нивната дејност на работење или во полето на истражување. Анкетата е во тек и прибрани се одговори од половина испитаници, при што Стојков укажува дека има драстична разлика во нивните проценки: Кога ги прашувам академските економисти, тие се умерени песимисти. Кога разговарам со бизнисмените, добивам информации дури и за апокалиптични сценарија. Проценките одат од мал раст на БДП од 1,7% годинава (проценка за македонската економија од Виенскиот институт за меѓународна економија) до -7% (проценки на бизнис-секторот), а просекот е -2,9%, што е блиску до проценката на ММФ од -4% за 2020 година. Проценките на Стојков се дека падот на БДП во 2020 година ќе биде 7%.

Црниот лебед (повторно) на светската сцена

Пандемијата многу потсетува на концептот на „црн лебед“ од истоимената книга на Насим Талеб, кој се дефинира како настан со многу мала веројатност на појавување, но со многу големо влијание. Човештвото има само бледо сеќавање на црниот лебед од 1918-та година, кога лебедот се појавил во ликот на шпанскиот грип. Светската економија денес и пред еден век се разликува во многу аспекти, така што излегува дека денешните генерации првпат и неподготвено се соочуваат со ваков црн лебед.

„За разлика од другите кризи во изминатиот период, оваа удира не само на побарувачката, туку и на страната на понудата и многу наликува на некој експресен почеток на војна. За да нема брзо пренесување на заразата, на многу фирми едноставно им беше наложено да затворат, а од друга страна енормно се намалија продажбите и нарачките и на фирмите што работат,“ вели професорот Стојков и додава дека според сите анализи и сè останато што чита периодов, негов заклучок е дека на светско ниво, оваа криза ќе биде посилна и од таа во 2008-2009 г., а за македонската економија - посериозна и од кризата во 2001 година.

V, U, W, L... – бушавата азбука на економското закрепнување

Прашањето околу кое макроекономистите размислуваат периодов е што ќе се случува во следните месеци. Со оглед на тоа што станува збор за криза од неекономски причини, тие се согласни дека во моментот кога на повидок ќе биде некаква нормализација на состојбата во здравствената криза, и економијата ќе почне многу бргу да закрепнува.

„Некои велат дека економското заздравување ќе биде како буквата V: ќе има сериозен пад и многу брзо закрепнување. Меѓутоа, како поминуваат месеците, како гледаме дека државите сè потешко се справуваат со кризата, па некаде се појавува и втор бран, повеќе личи дека заздравувањето ќе биде како буквата U: со едно поголемо дно во вториот и можеби во третиот квартал. Се споменува и буквата W, односно сценариото од V, па втор удар наесен, кога пандемијата ќе ни се врати во поголеми размери. Сепак, најстрашно е закрепнувањето во форма на буквата L, кое значи една многу долга, пролонгирана фаза на заздравување која би траела неколку години,“ ги коментира илустративните теории на економистите професорот Стојков, додавајќи дека и покрај тоа што станува збор генерално за шпекулации, ако економијата забележи пад и во вториот и во третиот квартал, технички се прогласува рецесија. 

За да се избегне подлабока и подолга криза кај нас, потребна е многу, многу посилна државна интервенција и помош за стопанството. Некои држави веќе одобрија пакети за економска помош на фирмите и граѓаните во висина на 10% од нивниот БДП. 

Петка за апокалипса, глава за излез од кризата

Нејт Силвер, кој го води блогот fivethirtyeight.com, има напишано една книга што се вика „Сигнал и шум“ (The signal and the noise), посветена на тоа колку не може да им се верува на експертите кога станува збор за предвидувањата. Разгледувајќи ги предвидувањата на епидемиолозите во врска со зголемувањето на бројот на заболени, Силвер вели дека сето тоа му наликува на фрлање коцка или паричка, бидејќи вистинска реткост е експерт да погоди. Сепак, постојат некои економски параметри врз основа на кои може да се каже дека постојат циклуси кои се заокружуваат со појава на криза.

По подолг период на економска експанзија, се зголемува и веројатноста за рецесија, вели професорот Стојков и продолжува: „Ние, макроекономистите, сакаме да веруваме дека преку фискална или монетарна политика можат да се ублажат тие падови за да не бидат остри како, на пример, Големата депресија во 1929-32 година. Дури и светската финансиска криза во 2008-2009 г. ќе беше многу посериозна, ако не реагираа многу влади со мерки на макроекономската политика, како на пример поголема буџетска потрошувачка.“ Денешнава криза ќе се спомнува и во иднина, а зависно од нејзината долготрајност и негативни последици, ќе се зборува за „периодот пред кризата“ и за „период по неа“.

„Сега сме сите кејнзијанци“

Во поновата книга „Економика во време на КОВИД-19“ авторите прават приказ на моменталните економски текови, при што укажуваат на тоа дека ситуацијата во земјите погодени од КОВИД-19 е таква што личната потрошувачка се сведува на купување основни намирници за исхрана, а расте и продажбата на лаптопи и на средства за домашна забава. Потрошувачката во другите сектори, пак, е навистина колабирана. “Со тоа автоматски паѓаат приходите на фирмите и тие почнуваат да размислуваат дали да го намалат бројот на вработени, да им ги намалат платите или да направат комбинација на некоја од овие мерки,“ вели професорот Стојков кој упати на ова четиво, истакнувајќи дека буџетот се полни отежнато, фирмите почнуваат меѓу себе да не си плаќаат и се отвора еден нов синџир на внатрешна неликвидност во стопанството (Графикон бр. 2).

Графикон 2: Сè е поврзано. 10 критични точки кои ќе го одредат текот на кризата. (Клик на сликата за повисока резолуција.)


Според Стојков, она што можеме да го очекуваме како реална промена на економската слика на светот, а и кај нас би можело да се сумира во следните потточки:

1. Штедењето ќе расте заради претпазливи причини – многу повеќе ќе штедиме, ќе внимаваме многу на што ќе трошиме во следниве месеци, па дури и кога ќе заврши или навидум ќе завршува здравствената криза, уште многу месеци ќе останеме претпазливи поради страв од втор бран.

2. Разумен консумеризам – нема така лесно да се одлучуваме да трошиме за сè и сешто, барем не во 2020 и 2021 година.

3. Раст на бесконтактната економија –  како резултат на засилувањето на дигитализацијата и автоматизацијата поради кризава. Книжните пари ќе си заминуваат од монетарната сцена, односно ќе се зголемува застапеноста на неготовинските трансакции. Ова, исто така, претпоставува и поголема флексибилност на компаниите во поглед на организација на работата од дома. 

4. Поголема корпоративна општествена одговорност – Исто така, од компаниите ќе се очекува да бидат поодговорни кон општеството и да не размислуваат само на профитот, туку на профитот, на луѓето и на планетата. Поуспешни ќе бидат компаниите што ќе покажат вистинска, а не декларативна општествена одговорност.

5. „Сега сме сите кејнзијанци“ –  Поентата на Милтон Фридман и Ричард Никсон за нужното приклонување кон идеите на Џон Мајнард Кејнз, кој се залагал за што поголема инволвираност на државата во стопанството, сега е поактуелна од кога и да е. Но, за државата да се инволвира повеќе, тоа неминовно значи дека ќе имаме повисоки даноци во иднина за владите да приберат повеќе приходи. Проекцијата на ММФ е дека годинава ќе забележиме буџетски дефицит од 6,5% од БДП, а за да се сервисира и за да биде одржлив јавниот долг, во следниот период ќе мора да се зголемат даноците. При порастот на даночниот товар секогаш треба да се води сметка и за социјалните последици од тоа покачување.

6.  Пораст на поддршката за поголемо финансирање на јавното здравство –  еден од заклучоците е дека земјите со поразвиени системи на јавно здравство поподготвено го дочекаа ударот и подобро го менаџираат. Така што, мислам дека и ова оди во линија на повисоки даноци, меѓу другото и за проширување на функциите на државата на благосостојбата.

Во секој случај, смета професорот Стојков, во оној момент кога ќе се наѕре крајот на првиот бран од здравствената криза, веднаш ќе дојде до силно заздравување на економијата и тоа ќе биде во многу области. Но, мора да се има на ум дека периодов енормно ќе порасне јавниот долг на многу земји и следниве години неизбежно ќе се соочиме со зголемување на даночниот товар.
Што се однесува до македонската економија и нејзината тесна поврзаност, а со тоа и зависност од германската, заклучокот на Стојков на крајот од дискусијата е: „Сите очи се вперени таму. Кога ќе забрза германскиот мотор, автоматски ќе го повлече и нашиот извоз и нашата економија.“

Во дискусијата учествуваа: Никола Стиков, Драган Тевдовски, Анастас Вангели, Атанас Кирјаковски, Илина Јакимовска и Георги Тренкоски. Серијалот „На Кантар“ е реализиран во соработка со Наука за Сите (nzs.mk)

Литература на темата предложена од учесниците во дискусијата:

 „Црн лебед“ – Насим Николас Талеб (Black Swan – Nassim Nicholas Taleb);

„Сигнал и шум“– Нејт Силвер (The Signal and the Noise – Nate Silver);

„Економика во време на КОВИД-19“ – Ричард Болдвин и Беатрис Ведер ди Мауро (Economics in the Time of COVID-19 – Richard Baldwin, Beatrice Weder di Mauro);

„Враќање на економијата на депресијата“ – Пол Кругман (Return of depression economics - Paul Krugman);

„Наративна економија“ – Роберт Шилер (Narrative economics – Robert Shiller);

„Животински инстинкти: Kако човековата психологија ja движи економијата и зошто е важнa за глобалниот капитализам“ – Џорџ Aкерлоф и Роберт Шилер (Animal Spirits: How Human Psychology Drives the Economy, and Why It Matters for Global Capitalism – George Akerlof, Robert J. Shiller).
  
Подготви: Наташа Атанасова

No comments :

Post a Comment