Чувам огромна кутија со писма напишани од драги луѓе во 90-тите. Често копам по неа за да се навратам на едно време кога мислев дека луѓето чиишто писма се спакувани таму ќе можам во секој момент да ги контактирам и да го продолжиме разговорот онаму каде што застанал. Каква заблуда! Многу од тие луѓе веќе одамна не постојат. Постојат нивни нови верзии, филтрирани низ Инстаграм филтри и ажурирани на Фејсбук, ама со тие верзии јас немам муабет. Лесно е да се заборави зошто некои од нив ми значеле толку многу што сум им посветувал саати пишувајќи писма и години чувајќи ги нивните одговори. Но тоа не е случајот со Сидо.
Разговорот со Сидо започна во 1996. Јас бев штотуку вратен од средно во Америка, а тој беше легендарниот професор за кого зборуваа сите претходни генерации Корчагинци. Првите неколку часови кога предаваше го слушав со доза на потсмев. Ми беше смешен кога инсистираше дека философија се пишува со 'с'. Ми беше несфатлив кога зборуваше против спортот затоа што создава менталитет на стадо. Како син на спортски новинар ми пречеше и непочитувањето на правописот и негирањето на професијата на татко ми. А сепак, во текот на таа година престанав да пишувам 'филозофија' и го загубив интересот за спортот.
Селекција од Интимни Дијалози |
Одеднаш Сидо ми стана репер за добар вкус. Кога Сидо го спомна Сартр, морав да прочитам сè од него, фаќајќи детални белешки. Кога ни препорача да се претплатиме на Интимни Дијалози (селф-хелп zine во кој тој беше соработник) ги читав неговите колумни како библија. А сепак, не го запознав добро во текот на таа година. Знаев дека со други ученици од генерација разговара на секакви теми, дури и ги вклучува во неговите филмови. Со мене односот му беше стриктно учител-ученик и ми беше по малку криво заради тоа. Сепак, не успеав да најдам начин да му се приближам.
Наредната година заминав на студии во Америка. Тетратките со белешките од Сидо ги земав со себе. Се запишав на интензивен курс по философија. Му побарав адреса и решив да му пишам писмо. Колкава беше само радоста кога добив одговор -- читко напишано писмо во кое ми бара да му пратам повеќе детаљи за програмата по философија на Стенфорд. Одеднаш имав нешто што Сидо го посакуваше! Станав кул во сопствените очи.
Егзистенцијалистички белешки од предавањата на Сидо |
Следеше период на интензивни преписки. Тој ми пишуваше за културните настани во Скопје и за некултурата во македонското секојдневие. Јас му ја опишував атмосферата на часoвите по философија, структурата на студиите, обврзаноста на студентите (дури и оние на технички науки) да земат предмет поврзан со философија. На секој мој одговор враќаше со повеќе прашања, оти неговата љубопитност немаше граници. Помагаше и тоа што никогаш немав проблем да се видам со Сидо кога ќе се вратев во Скопје. Доволно беше да се појавам на некој културен настан и знаев дека тој ќе биде таму.
Како и сите интензивни преписки, и оваа во еден момент згасна, а со неа и жарта во нашите разговори. Секоја наредна средба ни беше cè посувопарна. Тој со листа на настани на кои планира да оди, јас со листа на планови за иднината кои мислам дека му стануваа сè пострани и понеразбирливи. Го поканив на 20 години матура, иако знаев дека нема да дојде. Го видов на проекцијата на македонскиот филм Копање, и дури го спомнав во мојот осврт како човек со кој не ми се копаше низ минатото. Последната средба ни беше годинава, на влезот од Милениум пред проекцијата на Honeyland. Му раскажував за апсурдите на канадскиот здравствен систем, а тој ме слушаше со познатата комбинација на резигнираност и вчудоневиденост дека таму некаде постои свет кој му е истовремено и одбивен и привлечен.
Кредит: Кинотека на С. Македонија |
Се прашувам што ни ја уби преписката. Го обвинувам интернетот, кој им стави точка на интимните дијалози по пошта. Сакам да мислам дека Сидо никогаш и немаше e-mail адреса, оти за мене тој беше и остана lo-fi фанатик. Зошто да биде исполирано кога може да биде сирово? Зошто да биде комерцијално кога може да биде вистинито? Ги враќам писмата на Сидо во кутијата. Тој веќе не е со нас, но муабетот со него ќе трае сè додека имам философски дилеми и аматерска љубопитност за светот. Ти благодарам професоре!
P.S. Три ипол безвременски параграфи од последното писмо што ми го пиша Сидо:
Во градов, се одржуваат концерти на македонската филхармонија, џез-фестивал, ликовни изложби, промоции на книги, драмски претстави, јавни предавања...
Но, она што се чувствува е немаштијата, беспарицата, затвореноста на секој во себе, апатичност и немоќ да се менуваат нештата на живеењето во државата.
Инаку, јануари месец започна многу топло, како да е пролет. И за нас е многу чудно да во сред зима, климата биде овака невообичаено топла.
Од 19 јануари започнува полугодишниот зимски распуст.
Засега толку,
Стефан Сидовски
No comments :
Post a Comment