Mandy започнува како омаж на Straw Dogs од Peckinpah, провозува низ Mad Max територија, се судира со халуциногени визии инспирирани од Argento и Raimi и експлодира со имагинација и енергија во уникатниот Panos Cosmatos универзум. Лесно запаливиот микс на психоделија и кошмар е често истражувана територија, како што покажа и овогодишниот Climax на Gaspar Noé. Но споредбите престануваат тука. Climax е импровизиран, хиперреалистичен и морничав. Mandy е микроменаџиран, фантазмагоричен и лудо забавен.
На почетокот ги запознаваме Red (Nicolas Cage) и Mandy (Andrea Riseborough во издание кое неодоливо потсеќа на Shelley Duval од Shining). Тие живеат самотнички живот изолирани од светот сè додека не се појават следбениците на сектата на Jeremiah (Linus Roache), кои со помош на мистериозни моторџии и многу LSD ја киднапираат Mandy, а Red го оставаат заврзан и здивен. Неговата освета е брутална, истрипана и незаборавна.
Она што го држи филмот заедно е извонредниот Nicolas Cage. Го обожавам Cage уште од Leaving Las Vegas, и точно е дека типот е роден за екстремни изданија. А сепак низ цела кариера не сум го видел волку внесен во улогата. Во ликот на Red, Cage ги дестилирал сите свои демони и создал лик кој е сублимат на Cage од Face/Off, Conair, Ghost Rider, Raising Arisona, Lord of war, Bad Lieutenant, има ли крај листава? Мислите дека ова е премногу Nicolas Cage за ваш вкус? Размислете повторно, оти вакво лудило не се пропушта.
No comments :
Post a Comment