Friday, 22 July 2016

Месец дена во македонскиот експрес лонец



Дехуманизирачки. Така би ги опишал оние месец дена кои ги поминав пролетва во Македонија. Двете страни се тргнати во касапење на карактерот на секој кој не е од 'нивна'. Противникот не е човек, тој е комуњар, соросоид, предавник, стока, цепаница, или било кој друг епитет кој му ја одзема хуманоста и го прави легитимна мета на навреди, потценување и игнорирање. 

Ова не е ништо ново. Како некој кој во 90-тите има издржано многу навреди од пријатели бидејќи не одев на 'нивните' протести, знам дека во политиката има многу повеќе калкулација од чувства. Народот е топовско месо, а топовите треба да се нахранат. По летните одмори реториката ќе станува сè поскандалозна, уште повеќе пријателства ќе бидат разнишани или растурени, а Фејсбук мегафоните ќе продолжат да пискаат од задните седишта с'скајќи го народот. Притисокот ќе станува сè поголем, како во експрес лонец. Дури по изборите пиштењето малку ќе се стиша, таман толку за мегафоните да земат здив и да се посипат со пепел.


Некои би рекле дека сето ова не само што не е ново, туку е и неопходно. Протестот е најсилното оружје на обесправените. Македонската среќа во несреќа е што етничкиот елемент сè уште не земал замав. Имаше обиди (Крисот, Алмир), но засега граѓаните се однесуваат попаметно од порано. За жал, клучните моменти од македонската историја се тесно поврзани со албанското прашање, а неговата актуелизација може да нè донесе на чекор од братоубиствена војна. Угоре високо, удолу длабоко.


Во вакви тешки времиња, сè што ќе кажам ќе биде интерпретирано како бладање на некој што не живее во Македонија. Молкот на овој блог е и директен одраз на атмосферата во државата. Кој сака да чита за поп култура и наука кога државата (а и светот) клокоти? А сепак, пред да кажете дека никогаш не било полошо, сетете се на 2001. Некои од моите читатели тогаш биле премлади, но ние постарите имаме одговорност да им кажеме дека и од лошо има полошо.  



Скопје е далеку посреќен и побезбеден град од она лето 2001 кога низ улиците шетаа духови. На стадион ечи David Guetta, на Саем ѕенѕа St. Germain. Легијата растура на Здраво Млади во два наутро, додека публиката јаде топли кифли од чаирската фурна. Викендот на гордоста нуди простор за дебата и осуда на дискриминацијата. Филхармонијата и Ади Имери пишуваат историја со прекрасниот tribute на David Bowie во градскиот парк. А Фолтин и натаму свират како да ќе нема утре. Градот е шарен и жив.



Затоа слободно протестирајте и контрапротестирајте, тоа е ваше право. Но правете го тоа со своја глава, а не заради оние кои ве плашат со светски заговори за уништување на Македонија, или пак со најтемните места од пеколот. Губењето на држави и небески кралства е далеку побезболно од губењето на човек. Прашајте ги за ова нашите баби и дедовци кои изгубиле неколку држави и прекршиле неколку божји заповеди по пат, а сепак многу повеќе жалат по изгубениот пријател, несудената љубов, убиеното дете... Помогнете им на новите генерации да не ги повторуваат грешките на старите. Ако не го направиме тоа, тогаш ги храниме топовите.






Та не сме саде ние, та не сме саде тука…


No comments :

Post a Comment