Камерата почнува да се врти. Паркинг во американско предградие. Графит на воен ветеран. Жена на пат за работа. Таа ли е главниот лик? Вртењето продолжува. Банка. Жената влегува во банката. Два лика со качулка вперуваат пиштол во неа. Камерата запира, најавната шпица започнува, а јас се препуштам на визуелната поезија на Hell or High Water, најдоброто од 2016 досега.
Двата лика со качулки се браќа. Постариот е импулсивниот Tanner (Ben Foster), кој отслужил десет години во затвор затоа што го убил татко си. Помладиот е Toby (Chris Pine), разведен родител кој штотуку ја закопал мајка си, и кој планира да продолжи да копа сè додека не биде задоволена неговата верзија на правдата. Toby има долгови кон еден куп луѓе, а единствен начин да ги врати е да го ангажира братот во серија банкарски грабежи, кои најпрвин делуваат очајни, потоа неопходни, а на крајот пророчки.
Marcus е шерифот кој решава да им застане на патот. Jeff Bridges го глуми Marcus како The Dude од некој паралелен универзум (фала Berardinelli за аналогијата), и низ неговите очи (и политички некоректните коментари) ја согледуваме хипокризијата на еден систем кој со векови толерира неправда и кражба. Пред 150 години жртвите биле Команчите, а денес тоа се правнуците на оние кои ја спроведувале кражбата. Ова не е филм за криминалци, туку за проколнати луѓе заглавени во кругот на сиромаштијата.
Музиката во филмот е елегичен микс од американа (во изведба на Townes Van Zandt, Ray Wylie Hubbard, Chris Stapleton...) и морничави инструментали (дело на Nick Cave и Warren Ellis). Амбиентот го евоцира Breaking Bad, и со пејзажите и со увидот во она што родител е подготвен да го направи во име на своите деца. Дијалогот успева да биде и циничен, и прониклив, и посмешен од сите комедии што ги гледав годинава (и да, тука го вклучувам и извонредниот Deadpool). Знам дека ова е филм кој тешко ќе најде публика, но мислам дека нема да има проблеми со привлекување на награди.
No comments :
Post a Comment