Деновиве се изначитав сечии мислења за поплави и земјотреси. Од повеќето од нив ми се креваше косата на главата (HAARP, навистина?), но за среќа имаше и соодветни реакции од научници кои брзо ги побиваа најскандалозните тврдења. Сепак, една привлечна (и опасна) полувистина која беше споделена илјадници пати од телевизии, портали, па дури и од неколку мои пријатели, остана без соодветен демант. Станува збор за таканаречениот 'триаголник на животот'.
Првпат слушнав за овој мистериозен триаголник од страница (види горна слика) која како свој извор го наведе Snopes.com. За тие што не знаат, Snopes е сајт кој разбива урбани легенди, полувистини и теории на заговор. Од време на време пишуваат и за неверојатни работи кои се вистинити, но во тој случај нема да имате потреба да го цитирате Snopes, бидејќи ќе можете да најдете некој многу померодавен извор. Snopes се цитира само доколку сакате да убедите некого дека неговата омилена бабина деветина (зошто ли баш деветина?) е само играње бајрам (зошто баш бајрам?) со умот.
Press24 во одбрана на разумот |
Како и што претпоставував, триаголникот на животот е само делумна вистина, која е комплетно неподобна за македонските услови. Тоа го кажува и Snopes на својот сајт, но зошто би се мачеле нашите портали да копипастираат до крај ако со половина превод добиваат повеќе кликови? Накратко, хипотезата зад 'триаголникот на животот' е дека кога една градба колабира, таа најчесто ќе се смачка како купче палачинки, кршејќи ги клупите, потпорните ѕидови и сите објекти под кои конвенционалната пракса ни наложува да се засолниме. За да се спасите при ваков колапс, потребно е да застанете до потпорните објекти (а не под нив), за палачинката што паѓа одозгора да не ве смачка заедно со потпорниот објект, туку да ви остави мал простор (триаголник) веднаш до објектот на кој се потпрела.
И да, има ова логика, доколку зградите се рушат како палачинки, еден спрат врз друг. За среќа, речиси ниедна модерна градба (а верувале или не, скопските градби се релативно модерни), не се руши како палачинка. Тоа значи дека ако се 'засолните' во триаголникот на животот, дури и при умерен земјотрес како скопскиот, можеби ќе се спасите при комплетен колапс на зградата, но затоа се изложувате на опасност да ви падне на глава вазна, гоблен или икона од вашиот омилен светец. Оставам на вас да пресметате кое од претходните две сценарија е поверојатно.
Како ли го пресметаа триаголников? |
Како ли тогаш триаголникот на животот воопшто добил на популарност? Тоа му го должиме на еден безобзирен ловец на слава и популарност, по име Doug Copp. Типов како крунски доказ за ефикасноста на својата теорија нуди експеримент во кој дваесет кукли биле поставени на стратешки места во зграда која требало да биде срушена. Десетте кукли кои биле скриени под потпорен објект биле смачкани. Десетте во триаголникот на животот 'преживеале'. Па нели е ова доказ дека триаголникот е спасоносен? Не е, затоа што демолирањето на зградата било намерно дизајнирано да се случи како колапс на палачинки (со директно рушење на потпорните ѕидови), а не со тресење, поместување на објекти и ронење на структурата (како во реален земјотрес). Ако ве интересира повеќе за ликот и делото на Doug Copp (како на пример тоа дека лажел оти им помагал на жртвите од еден друг 11 септември, оној американскиот), трк тука.
Често повторуваната лага не станува вистина, но со секое повторување имаме помала потреба да ја провериме нејзината веродостојност. Така малку по малку стануваме дел од ехо-комора во која нема доволно проветрување за да можат да се слушнат и спротиставените мислења. Затоа, сега кога земјотресите се стишаа, искористете ја тишината за да си го проветрите мозокот од гласните душегрижници. Најсоодветната препорака е и натаму: 'Чучни, покриј се и држи се'. И најважно од сè: БЕЗ ПАНИКА!
Триаголник на животот: Подобро со Comic Sans отколку со Doug Copp! |
No comments :
Post a Comment