Колку многу смрт! Во 2016 си заминаа Bowie, Cohen, Prince и Sharon Jones, оставајќи зад себе илјадници концерти, стотици албуми и десетици незаборавни вечери во кои играв, пеев и го дишев со нив истиот мемлив воздух полн со возбуда и пот. Слава им!
Колку многу добра музика! Bowie и Cohen си заминаа со албуми кои ѝ пркосат на смртта пеејќи ѝ директно во очи. Nick Cave ја преточи тагата од загубата на синот во уште едно елегично ремек дело. На страна проклетството на смртта, имаше место годинава и за прослава и за протест, посебно благодарние на домашните музичари како Љубојна, Легијата и Bernays Propaganda.
Не помнам година што толку ми ги растреперила струните на срцето со музика. Одбројувањево го започнувам на последниот ден од 2016, а планирам да го завршам таму некаде на крајот од јануари. Значи ѝ давам на 2016 уште еден месец да ме изненади со уште по некој музички бисер, а 2017 ја замолувам да се стрпи со упокојувањата, за да можеме на раат да ги исплачеме легендите кои нè напуштија годинава.
1. David Bowie - ★
Со својот последен албум David Bowie успеа од сопствената смрт да создаде уметност. За албумот напишав осврт дента кога дознав дека Bowie нè напушти. Година дена подоцна, Blackstar само расте во моите очи. Сакам да мислам дека идните генерации ќе ја поврзат 2016 со Blackstar на ист начин на кој јас ги поврзувам 1967 со Sgt. Pepper's и 1973 со Dark side of the moon. Можеби претерувам, ама имам потреба да мислам дека сум живеел во време што создало музичко ремек-дело. Ако сум во право, тогаш и јас ќе имам интересна приказна за моите деца, за тоа каде сум бил и што сум правел кога за прв пат сум го слушнал ★. Слушнете: Blackstar
2. Beyonce - Lemonade
Опседнатоста со славните и нивната Instagram совршеност нè прави слепи на тоа дека и тие во животот често добиваат лимони (или шипки по нашки). Со Lemonade Beyonce го симнува превезот на совршенство и ни дозволува да ѕирнеме во пукнатините и мрачните ќошиња на славата. Албумов ме воодушеви, со својата искреност, со изборот на соработници, со својата разновидност, певливост, ангажираност, и со совршената видео придружба. Мислев дека концептуалните албуми му припаѓаат на времето пред iTunes, но Lemonade ме поби и ми даде надеж за иднината на поп музиката. Слушнете: Hold up
3. Bernays Propaganda - Политика
Албумите на Bernays Propaganda ги купував по инерција, сигурен дека знам што ќе добијам: жестока музика и уште пожестоки текстови. Можеби затоа и толку ме измести Политика, каде што жестината е сокриена под еден фин премаз на поп и ритам машини, а текстовите се отворени за интерпретација и посуптилни од порано. Агресијата во гласот на Кристина добива тонови на резигнација додека пее 'те бирам прва секогаш, а последна завршувам'. Не го доживувам ова како пораз на Bernays во битката со системот, туку само како знак на созревање и желба да се допре до оние кои се уморни од извикување УРА. Политика е поп, но далеку од мејнстрим; ангажиран, но далеку од дневнополитички; патриотски, но далеку од провинцијален. Тоа го прави најдобриот македонски албум годинава. Слушнете: Лажи ме, лажи ме
4. Paul Simon - Stranger to Stranger
Насловната нумера од новиот албум на Paul Simon е песната што ја слушнав најмногу пати во 2016. Каде и да бев (а патував многу), песнава секогаш ме враќаше дома. Остатокот од албумот е магија на италијанскиот продуцент Clap! Clap!, кој го има успорено фламенкото до непрепознатливост и во хипнотичкиот ритам ги вметнал безвременските стихови на Simon, стихови за стареењето, цената на популарноста и кршливоста на реалноста. Во еден немирен свет, Stranger to Stranger е сидро што ме вкотвува и ми дава спокој. Слушнете: Stranger to stranger
5. A Tribe Called Quest - We Got It from Here... Thank You 4 Your Service
A Tribe Called Quest првпат ги слушнав во период кога мислев дека рапот не е музика. За среќа, Can I Kick It е една од оние песни кои разбиваат предрасуди и отвараат нови хоризонти. А сепак, кога племето објави дека по 20 години објавуваат проштален албум, ги игнорирав мислејќи дека ова е само начин да се профитира од смртта на Phife Dawg. Како само можев да бидам толку циничен? A Tribe Called Quest се и натаму пред своето време, а новиот албум е совршен soundtrack за денешницата, во која сè помалку има место за различност. За среќа, во музиката на племето има место и за Jack White, и за Elton John, па дури и за мене. Уште една предрасуда е разбиена! Слушнете: We the people...
6. Leonard Cohen - You want it Darker
Стиховите на Leonard Cohen ме следат цел живот: од Македонија каде што како мал ги куцав на машината за чукање на татко ми, преку Калифорнија каде што се соживував со нив (и имав можност на неколку наврати да ги слушнам во живо), па сè до Монтреал каде што редовно налетувам на места овековечени во нив. You Want it Darker првпат го слушнав во кола во San Francisco, паркиран на една од стрмните улички во North Beach, борејќи се со неизбежната мешавина од калифорниски мамурлук и џетлег. Кога албумот заврши, ги отворив очите, ги прочитав белешките што Cohen ги вметнал во книжулето од CD-то, и ми беше јасно дека крајот му е близу. Остатокот од денот го поминавме слушајќи го албумот на рипит, возејќи низ магливиот Сан Франциско од North Beach, преку Pacific Heights, сè до руската четврт покриена со магла од немирниот пацифички океан. Неколку дена подоцна дознав дека тоа возење било всушност збогувањето со мојот омилен поет. Leonard Cohen најде начин да ме поздрави и од претсмртната постела. Слушнете: You want it darker
7. Nick Cave & the Bad Seeds - Skeleton Tree
Поголемиот дел од Skeleton Tree бил напишан пред трагичната смрт на синот на Nick Cave. А сепак, во секој стих од албумот го слушам крикот на татко што го изгубил најмилото. Skeleton Tree го слушам во ноќите кога животот нема смисла и сè изгледа безнадежно. Катарзата што ја чувствувам потоа ми дава надеж дека можеби смртта не е крајот. Слушнете: Girl in amber
8. Љубојна - Radio Luboyna
Radio Luboyna е најблиску што Љубојна дошле до обединување на двата стила во својот мелос - народниот и авангардниот. Иако овој албум се објави во 2016, тука нема да ја најдете најновата инкарнација на Љубојна. Ова е Љубојна од 2014, која ме воодушеви на концерт во Универзална Сала, а сега конечно ја имам и на носач на звук. Вокалот на Вера и грувот на Оливер се константа, но динамиката помеѓу нив и соработниците (Џамбо Агушев, Исмаил Лумановски, Васил Хаџиманов) гради мостови од Бразил, Њујорк и Долмабаче, до Кратово, Галичник и Охрид. Магично! Слушнете: Концертот од Универзална
9. PJ Harvey - The Hope Six Demolition Project
Let England Shake, прославениот претходен албум на PJ Harvey, ме остави релативно ладен. За среќа, Polly Jean продолжува по истата патекa, само што овој пат лупата ја насочува кон периферијата на империјата. Со Hope Six Demolition Project бегалската криза од 2016 добива свој глас, а продуцентот Flood успева на тој глас да му даде и лутина и автентичност и софистицираност. Ова е убава музика што глоде по совеста на либералната елита. Слушнете: The Wheel
10. Легијата - Легијата на проколнатите
Ниеден албум не може да ја обедини енергијата и креативноста на Легијата, но овој успева да ни пружи мал вкус на тоа што се случува кога Гоце САФ и Брус ќе положат траки, а неколку искусни MC-ја ќе кажат што имаат да кажат. Албумот е долг и неуедначен, пред сè затоа што квалитетот на раповите варира драстично, но продукцијата го држи целиот продукт заедно. Во моето уво отскокнаа соработките со Џака и РНС, но и другите траки полека си најдоа дом во мојата плејлиста. Слушнете: Доаѓа зима
11. Last Shadow Puppets - Everything You’ve Come to Expect
Ги засакав Arctic Monkeys кога Alex Turner го засака Scott Walker (таму некаде околу Humbug). Од тогаш со нетрпение очекувам кога алтер-егата на Alex Turner и Miles Kane повторно ќе ме заскокоткаат со барокен поп и литературни бладања. Годинава тоа се случи на монтреалскиот фестивал Osheaga, каде двајцата се појавија како Елвиси во пењоари и пееја стихови како 'enthusiasm paraphernalia' на најраскалашен можен начин. Сум бил на стотици концерти, но досега не сум видел како тинејџерки паѓаат во транс и плачат од возбуда. После настапот на Last Shadow Puppets го разбирам и тоа. Слушнете: Miracle Aligner
12. Тhe Weeknd - Starboy
Во годината кога го загубивме Prince, мислам дека ја добивме и неговата реинкарнација. Abel Makkonen Tesfaye постојатно пее за секс, дури и кога пее за дроги. Или можеби е обратно. Во секој случај, и музиката и персоната на The Weeknd се заразни. Daft Punk се добредојдени во миксот, затоа што конечно создаваат звук кој не е ретро. Ако музиката во следните десет години звучи вака, јас ќе бидам среќна коцка. Слушнете: Starboy feat. Daft Punk
13. Rolling Stones - Blue and Lonesome
После разочарувањето од Bridges to Babylon во 1997, не мислев дека било кога повторно ќе купам албум на Rolling Stones. Веќе се помирив со тоа дека тие станаа свој сопствен ковер бенд и дека ништо оригинално нема да излезе од нив. А сепак, годинава Стоунси објавија албум во кој звучат како да се повторно живи. Иронично, албумот е колекција на ковери - стандарди од чикашката блуз сцена која отсекогаш била голема инспирација за Џегер, Ричардс и компанија. Ако е ова последниот албум на Rolling Stones, тогаш е совршено комплетирање на кругот што го започнаа во далечната 1964. Слушнете: Ride 'em on down
14. Die Antwoord - Mount Ninji and Da Nice Time Kid
Ги следам Die Antwoord уште од самиот почеток, затоа што имаат концепт и естетика што ме фасцинира. А сепак, сè досега музиката им звучеше како модернизирана верзија на 2 Unlimited, холандското дуо што во 90-тите ни ја дупна главата со технотехнотехнотехно. Со Mount Ninji, DJ Hi-Tek ја проширува палетата на звуци и продуцира еден албум што може да се слуша на рипит и што за чудо не ја нервира ниту жена ми ниту децата додека возиме низ канадските беспаќа. Напротив. Ништо не е свето во retard art светот на Antwoord, но Yolandi и Ninja знаат како да нè натераат да потпевнуваме стихови полни со табу. Mount Ninji е албум за целата фамилија, сè додека не почнете да им ги објаснувате текстовите на децата. Слушнете: Fat Faded Fuck Face (NSFW)
15. Hell or High Water OST
Саундратков можеби не звучи подеднакво моќно изваден од контекст, но функционира совршено во склоп на прекрасниот филм Hell or High Water. Албумот е елегичен микс од американа (во изведба на Townes Van Zandt, Ray Wylie Hubbard, Chris Stapleton...) и морничави инструментали (дело на Nick Cave и Warren Ellis). Ако не ви е јасно како пропаста на средна Америка го услови подемот на Трамп, погледнете го филмот и слушнете го албумов. Слушнете: целиот саундтрак
16. Radiohead - Moon-shaped Pool
Radiohead си го заслужија местово на стара слава. Секогаш се радувам кога има нов материјал од нив, но ова е најмрзливото нешто што го направиле. Еден феноменален сингл (Burn the Witch) не може да сокрие дека ова е сепак B-sides албум што служи само за да ја оправда новата турнеја на Yorkе и компанија. Којзнае, можеби и другите песни од Moon-shaped Pool ќе звучат убаво во живо. Слушнете: Burn the Witch
Посебно признание. Postmodern Jukebox - PMJ is for Lovers
Postmodern Jukebox се групата која во 2015 ми помогна да не изгубам верба во музичката индустрија. PMJ е cover band што функционира од дневната соба на џез музичарот Scott Bradlee. Bradlee ја елиминира модерната продукција од нашминканите поп продукти и ги прави хитовите од денешницата да звучат како да се постари од половина век. Дури кога ќе ги слушнете хитовите на Katy Perry и Taylor Swift во изведба на PMJ сфаќате дека поп музиката е и натаму квалитетна, само што е заточеник на неколку суперпродуценти кои сè уште нè малтретираат со autotune и миленијалниот whoop. Bradlee собира околу себе квалитетни њујоршки сешн музичари и се храни од харизмата на анахронистични диви како Haley Reinhart и Ariana Savalas за да создаде музика што е истовремено и носталгична и безвременска. PMJ не успеаја да влезат во мојот Топ 16 оти Tribe Called Quest ги исфрлија во последен момент, но мојот омилен ковер бенд заслужува почесно место на листава. Слушнете: Blank Space

No comments :
Post a Comment