Многу добро го помнам денот кога умре Милан Младеновиќ. Дознав за ова од Елена, која ги обожаваше ЕКВ, а јас ја обожавав неа. За жал, на нејзините солзи јас одговорив со едно недоветно: А кој е Милан Младеновиќ?
Кога вчера за првпат го погледнав Као да је било некад (понатаму КДЈБН), документарниот филм за судбината на најтрагичната југословенска група, се почувствував дека затварам една етапа од мојата младост. Ми требаа 20 години за да ги почувствувам Милан, Маги, Бојан и Иван како луѓе од крв и месо, а не како икони од едно навидум понаивно време, проголтани од виорот на дроги, војни и уметнички занос.
Оригиналноста на документарецот доаѓа од тоа што наместо да ни даде хронолошки осврт на историјата на ЕКВ, нуди хроника на изумирањето на ЕКВ, член по член. Ако смртта на Иван Вд, првиот тапанар на ЕКВ може да се доживее како музичко клише (надарен музичар заболува од СИДА) секоја наредна смрт делува се помалку залудна и се повеќе неизбежна. Бојан решава да сврти друга страница, заминува во Англија, но не успева да избега од духовите од минатото. Милан со тешко срце ја прифаќа улогата на социјално ангажиран музичар и вене заедно со Југославија, на неколку наврати откажувајќи се од можностите да се пресели во Европа или Бразил. Маги ги надживува останатите, но нејзината приказна е најболна, а нејзината трансформација најневеројатна, доказ дека револуциите, дури и оние музичките, ги јадат своите деца.
Би било многу полесно да се прикаже ЕКВ како група џанкери кои си играле со оган, но првите три дела од КДЈБН ни доловуваат дисциплинирани и самосвесни луѓе кои живееле за да свират, од работни акции до стадиони. Преживеаните членови на ЕКВ (а ги има многу, поради постојаното менување на басисти и тапанари) сведочат дека низ сите караници и кризи, перфекционизмот на Милан бил заразен, а работната етика на групата била на највисоко ниво. Но има ли место за етика во време на општ гнилеж и распаѓање?
Да се стане идол на прогресивната младина во една земја на работ на војна е самоуништувачка мисија, а дрогата е само катализатор во тоа самоуништување. На крајот, КДЈБН е приказна за длабоко несреќни луѓе кои ја споделиле судбината на земјата и културата која самите ја создавале.