Sunday, 28 February 2016

Седум филмски разочарувања од 2015

Оваа листа често наидува на недоразбирање, оти некои читатели сметаат дека ги содржи најлошите филмови што сум ги видел во 2015.  Далеку од тоа, ова се само филмови кои со нетрпение сум ги очекувал, но не ги исполниле моите очекувања.  Сепак, ако ми дадете избор повторно да ги гледам овие 'разочарувања' или пак најновиот Star Wars, веројатно ќе се одлучам за филмовите на листава, оти тие барем се обидуваат да направат нешто неконвенционално и оригинално. Добро, исклучок е филмот под број еден, тој би го гледал пак само со пиштол на чело.



7. Cinderella

Cinderella беше шанса за Kenneth Branagh да го преиначи терминот принцеза од некој што си ја оплакува судбината и чека да ѝ се случи магија во некој кој се обидува да влијае врз својата судбина.  Ама не.  Филмот е буквално прераскажување на Дизниевата верзија од 1950, во кој Пепелашка е беспомошна греотка спасена од добра вила и згоден принц.  Резултатот е преубав филм со демоде порака, децении зад прогресивните женски модели од Maleficient и Hunger Games.


6. Tomorrowland

Tomorrowland е млитава приказна спакувана во енергично пакување.  Светот на Tomorrowland e шарен и неверојатен, карактерите се интересни, но приказната не оди никаде.  Brad Bird направил многу одлични филмови (Iron Giant, Incredibles), но овој пат е саботиран од сценариото на Damon Lindelof (Lost), кој очигледно не знае како да заврши приказна.


5. Room 

Room зема книга што е напнат и неизвесен трилер и ја претвара во стерилна семејна мелодрама. Најголемата разлика е што на хартија приказната е раскажана низ очите и зборовите на збунето петгодишно дете кое пет години минува во заточеништво, а на филм улогата на раскажувач ја презема камерата, која ја елиминира детската перспектива и не остава простор за збунетост и неизвесност. Резултатот е филм кој функционира како метафора за родителството, но можеше да биде многу повеќе.


4. Carol

Со Carol, Todd Haynes почнува да се повторува.  Доколку сакате да видите далеку подобар филм за забранета љубов од 50-тите години на минатиот век, ви го препорачувам Far From Heaven од истиот режисер.  Carol е негова бледа копија, филм кој и покрај одличната глума и моќната порака не може да биде поштеден од етикетата на ‘веќе видено’.


3. Love

Roger Ebert еднаш рече дека оргазмите се најдобри кога се во најава.  Веројатно така е и со филмовите кои ветуваат оргазми.  Love на Gaspar Noé е филм што го испорачува тоа што го ветува, но веќе после првиот оргазам почна да ме фаќа дремка.

2. Joy

Joy изобилува со непотребност.  Непотребна реприза на кастингот од Silver Linings Playbook, непотребен филм во филм со ѕвезди од сапунски опери, а и непотребен заплет што потсеќа на секоја друга приказна за создавање на бизнис империја, со исклучок што повеќето вакви приказни се раскажувани за мажи.  Jennifer Lawrence може да износи на плеќи секаков филм, но на Joy му фали шармот и хуморот што ги карактеризира другите филмови на David O. Russell.


1. Youth

Ако некогаш некој ми стави пиштол на чело и ме натера да гледам уште еден филм од Сорентино, ќе го замолам да има милост и да го стави филмот на mute.  Youth е уште една медитација за староста од режисер кој нема поим како е да се биде стар. Дијалогот звучи вештачки и претенциозно дури и од устата на величини како Michael Caine, Harvey Keitel и Jane Fonda.  Низ целиот филм добивав желба да ги затнам ушите и само да се препуштам на елегантната фотографија.  За жал, победи љубопитноста да дознаам што бараат во филмот Диего Марадона и Paul Dano облечен како Хитлер.  Одговорот, нормално, не го добив.

No comments :

Post a Comment