Во 2015 изгледав далеку помалку филмови од обично, а пишан осврт дочекаа само оние кои ми оставија најсилен впечаток. Овој напис ми е шанса да фатам чекор со филмските фаворити од 2015 и да ја свртам страната на 2016. Не ја исклучувам можноста да се навратам на некои филмови кои не стигнав да ги погледнам, како Anomalisa, Trumbo и Dressmaker.
Почесни 5: Trainwreck, Shaun the Sheep, Look of Silence, What Happened Ms. Simone?, Babadook
15. Ex Machina (клик за trailer)
Ex Machinа делува како тврда научна фантастика, но во суштина ова е whodunnit крими приказна со роботи. Не се бунам, зашто Alex Garland вади максимум од тројцата главни ликови, вклучувајќи и суперзабавен диско перформанс на Oscar Isaac, кој се чини дека нема што не може да одглуми.
14. Big Short
Big Short е квазидокументарец за математичари, шпекуланти и аутсајдери кои за малку ќе го закопаа модерниот капитализам. Филмот е информативен, забавен, смешен, па дури и секси. За ова последното и должам посебна благодарност на Margot Robbie и нејзиното објаснување за subprime mortgages.
13. The H8ful Eight
Hateful Eight е два филма во еден. Првиот филм е камерна драма што би можела да биде напишана од Agatha Christie. Вториот е vintage Tarantino. Целината е помалку од збирот на двата дела, но во мојата книга Tarantino е во право дури и кога греши. Посебно кога грешките се снимени во 70mm и проектирани на огромен екран, со уште поголема носталгија по славното холивудско минато.
12. Brooklyn
11. Martian
Не мислам дека било кога сум видел филм што е поверодостојна адаптација на книга. Слично како и книгата, Martian е поделен на десетина мини-епизоди, и секоја од нив ја возвишува човечката инвентивност во очи на суровата и индиферентна природа. Успехот на Martian е доказ дека науката има моќ да нè фасцинира, дури и ако не е зачинета со сензационализам. Целосен осврт тука.
10. Spotlight
9. Steve Jobs
Без да навлегувам во подлабока анализа на сценариото, мислам дека филмот на Danny Boyle функционира совршено како кореографија на претсмртниот flashback на Steve Jobs, додека трипати ги повторува веќе добро документираните последни зборови. За обичен смртник веројатно ваква халуцинација би го најавила влезот во пеколот. Но можеби токму во ваков задгробен живот еден конзумерски месија со комплекс на Господ би го нашол својот рај. Целосен осврт тука.
Три дена во септември не бега од македонската реалност (има во него и социјален коментар и прикриени етнички тензии), но сето тоа е во склоп на еден жанровски филм кој може слободно да биде снимен и на друг јазик, и на друго место, а да не ја изгуби својата привлечност. Кога би имале повеќе вакви приказни, веројатно би имале помалку балкански стереотипи во нашите филмови, а можеби и во нашите глави. Целосен осврт тука.
Четвртиот Mad Max успева ем да го крене адреналинот, ем да разбие неколку акциони и родови стереотипи. Во ера кога е речиси невозможно да се види оригинална трка со коли, Fury Road нуди два часа нон-стоп возење, а сепак изгледа поинвентивно, похрабро и полудо од cè што во моментов игра во кино салите. Целосен осврт тука.
Она што најмногу импресионира во Kingsman е што Matthew Vaughn не се задоволува само со пародирање на James Bond, туку тоа го прави со уникатен стил и многу осет за кореографија. Секоја сцена има амбиција да го сврти потенциометарот до 11. На мое задоволство, повеќето од нив успеваат во тоа. Целосен осврт тука.
5. Dope
Dope е енергичен и смешен, но истовремено полн со емотивен дијалог и длабоки опсервации за современите проблеми на Америка како расната нетрпеливост, трговијата со дрога, и невидливиот интернет. Ако ова не е доволно да ве натера да го погледнете Dope, ќе додадам дека згора на сé филмот е и модерен мјузикл, со феноменална мешавина на old-school rap и нов панк-поп продуциран од Pharrell Williams. Целосен осврт тука.
Почетокот на Revenant шокира со torture porn кој ги обединува двете најмачни сцени што сум ги видел на филм: долгиот кадар со силувањето на Monica Belucci во Irreversible, и лицето на Werner Herzog додека слуша како човек е распарчен од мечка во Grizzly Man. Тоа што филмот успева да се издигне над висцералното и да разбуричка длабоки човечки емоции е доказ за виртуозноста на Iñárritu и Lubezki, најдобриот режисерско-камермански тим од 2014 и од 2015.
3. Tribe
Tribe е најнезаборавниот филм што го видов минатата година. Снимен во украински дом за глувонеми со аматерски глумци, исклучиво со знаковен јазик и без превод, филмот дезориентира и фасцинира со својата бруталност и бескомпромисност. Ако повредиш некого а никој не те слушне ниту проговори за тоа, колкави ти се шансите да поминеш неказнет? Повеќе за филмот тука.
2. Victoria
Ако ви кажам дека Victoria е германски трилер снимен во еден кадар, од 4 до 6 наутро низ 25 локации во Берлин, веројатно ќе бидете заинтригирани. Ако додадам дека и покрај техничките ограничувања, ова е една од најемотивните и најдобро одглумените приказни годинава, се надевам дека веднаш ќе истрчате до најблиското кино (или за жал, торент сајт) и ќе го погледнете ова мини ремек-дело. Victoria е трилер со германска прецизност, шпански темперамент и универзална привлечност: Bonnie & Clyde за милениумската генерација. Целосен осврт тука.
1. Inside Out
Pixar отсекогаш правелe филмови за возрасни со надворешност привлечна за деца, но со Inside out се имаaт надминато себеси. Ова е брилијантно сценарио што функционира на неколку нивоа, од виртуозна анимација, преку совршен семеен филм, па сè до психолошки mindfuck. Го имам гледано во целост десетици пати, и со секое гледање наоѓам нови убавини и длабочина нетипична за денешната mainstream кинематографија. Дефинитивно мојот омилен филм во 2015, а можеби и во 2016. Целосен осврт тука.
No comments :
Post a Comment