Friday, 14 October 2016

Мапирање на мозокот: Како што треба

Од денес почнуваме со серијал преводи на научни текстови поврзани со човечкиот мозок. Преводите кои ќе ги најдете на овој сајт се оригинално објавени на Huffington Post, како дел од иницијативата на Организацијата за мапирање на човечкиот мозок (Organization for Human Brain Mapping - OHBM) за приближување на науката до пошироката јавност. Започнуваме со написот кој се обидува да објасни зошто сензационализмот на популарните медиуми не соодветствува со моменталната состојба во областа на мапирање на мозокот.

Автор: Кевин С. Вајнер (Kevin S. Weiner)
Невронаучен истражувач, писател, картограф на човечкиот мозок, сурфер, пливач 

Постов е напишан во соработка со Ренди Голуб (Randy Gollub), Џенет Мамфорд (Jeanette Mumford), Пантеа Хејдари (Panthea Heydari), Леонардо Фернандино (Leonardo Fernandino), и Сирил Пернет (Cyril Pernet), а одобрен е и од целиот Комитет за комуникации и од Советот на Организацијата за мапирање на човечкиот мозок (Organization for Human Brain Mapping).

Научните публикации генерираат разговор во пишана форма, кој еволуира со текот на времето. Секое ново издание ја надградува основата на разговорот втемелена од претходниците. Наспроти нашиот позитивен став дека едно неодамнешно истражување од Еклунд (Eklund) и колегите направи значаен придонес кон разговорот во областa на мапирање на мозокот, многу извештаи ги протолкуваа заклучоците од овој труд небаре фрлаат сомнеж врз сите истражувања извршени со снимање со функционална магнетна резонанса (фМР) во последниве две децении. Би сакале да разјасниме дел од недоразбирањата.


Може сте прочитале дел од тие извештаи, кои често повторуваа убедливи цифри како „дури до 70% погрешни позитивни резултати“ или „Десетици илјади истражувања на мозокот со фМР може да се неточни“ создавајќи сомнеж и подривајќи ја довербата во фМР. Од кај потекнуваат овие бројки? Па, сите научници што го снимаат мозокот се соочуваат со еден голем предизвик: да се определи веродостојноста на откриената мозочна активација. Имајќи предвид дека откривањето се врши со статистички техники, секогаш постои ризик дека тоа што било определено како активација всушност е „погрешен позитивен резултат“. Истражувачите користат методи за контрола на ризикот од погрешни позитивни резултати во нивните мерења, кои се ограничени со однапред определено ниво (најчесто 5 проценти). Контролирањето на погрешните позитивни резултати, сепак, може да биде деликатно, бидејќи често налага да се направат одредени претпоставки. Ако ве интересира подетално техничко објаснување, погледнете го блогот што го напишавме за нашата заедница. Проценката на ризикот од погрешни позитивни резултати не е нов проблем и е централен во најголемиот број научни области. Бидејќи областа на истражување со фМР е релативно нова – одвај над возраста на полнолетство во САД – сè уште го определуваме најдобриот начин за контрола на погрешните позитивни резултати. Делото на Еклунд и колегите покажа дека стапката на погрешни позитивни резултати со употреба на одредени аналитички техники може да достигне дури 70 проценти, од каде што потекнува таа бројка во насловите. 40.000 е проценката за вкупниот број научни истражувања што употребиле фМР, или опсегот на научни истражувања врз коишто овој труд би можел да влијае.



Сега кога знаеме што претставуваат бројките, што значат тие и како влијаат врз областа на невроснимање? Елегантниот научен труд од Еклунд и колегите покажа дека само одредена подгрупа аналитички одлуки може да ја предизвика највисоката стапка на погрешни позитивни резултати од дури 70 проценти (наместо вообичаените 5 проценти). Меѓутоа, не ги анализира исто податоците секој картограф на мозокот, ниту пак ги користи приодите испитани од авторите. Како што посочува д-р Николс (Nichols), еден од коавторите, на неговиот блог, само околу 3.500 трудови (или помалку од 10 проценти од постоечките ~40.000 трудови со фМР) ги имаат користено статистичките методи врз коишто Еклунд и колегите фрлија сомнеж. Значи, над ~90 проценти од претходно објавените истражувања со фМР употребувале други аналитички методи што не се ставени под сомнение. Понатаму, не значи ни дека заклучоците од сите тие 3.500 научни трудови се неточни. Веројатно е дека само делче од тие 3.500 трудови – на пример, тие со маргинално значајни резултати или тие чии резултати не биле повторени – може да се дискутабилни.



Па така, иако некои сензационалисти можеби мислат поинаку, нема потреба да се сомневаме во секој објавен резултат со фМР. Новиот труд од Еклунд и колегите едноставно покажува дека понекогаш биле користени одредени варијанти на методи за статистичко изведување заклучоци што не биле веродостојни. Трудот не ги обезвреднува ни (а) методата на фМР ниту пак (б) најголемиот број откритија во оваа област. Откривањето на значајни структурални примероци во податоците добиени со фМР е работа што е во тек. Како одраз на важноста на овој процес, журналот во кој беше објавен трудот на Еклунд се согласи да објави исправки што го разјаснуваат толкувањето на овие податоци – во согласност со посоченото во сегашниов пост. Сведоци сме на еден здрав процес на тоа како науката си се коригира самата себеси. Со време, научниците ќе откријат како да ги препознаат и поправат техниките, и на крај да се сосредоточат на тие што ќе се докажат како најверодостојни.

Случајно, додека еден од нас го уредуваше текстов, неколку помлади колеги од лабораторијата за когнитивна невронаука во соседната просторија дискутираа за трудот на Еклунд и колегите. Размислуваа дали и како овие заклучоци влијаат врз нивните сопствени методи за анализа на податоците. А тоа е вистинската вредност на ова дело: Отворено да се сомневаме и постојано да ги подобруваме нашите методи бидејќи, најпосле, фМР останува една од најдобрите алатки што ги имаме за да откриеме како работи живиот човечки мозок.

Кевин С. Вајнер (Kevin S. Weiner) е невронаучник и член на Организацијата за мапирање на човечкиот мозок (Organization for Human Brain Mapping), а пишува за Тимот за комуникации/медиуми. Тимот за медиуми пренесува најнови информации и откритија за човечкиот мозок до вашите лаптопи, компјутери и мобилни уреди на невробиолошки пријатен начин. Повеќе информации за мапирањето на мозокот ќе најдете на www.humanbrainmapping.org/blog или на Твитер: @OHBM_SciNews


Превод: М. Х.
Извор: Huffington Post

Понатамошно четиво:

Еклунд и др. (2016). (Eklund et al. (2016))
Технички коментар на трудот на Еклунд и др. од нашиот блог.
Технички коментар на трудот на Еклунд и др. од Гијом Фландин (Guillaume Flandin) и Карл Фристон (Karl Friston).
Извештај за најдобрите практики при анализата на податоците од невроснимањето.

No comments :

Post a Comment