Ненад Сврзикапа е првиот охриѓанец на Оксфорд. Пред него, во Охрид, понуда од овој стар универзитет има добиено единствено Григор Прличев, кој ја одбил. Ненад студирал биологија во САД, магистрирал на Харвард, а денес е на докторски студии на Катедрата за педијатрија на Оксфорд и работи во лабораторијата на професорот Метју Вуд.
Своето искуство го стекнувал во повеќе лаборатории, меѓу кои се и оние на Институтот за рак Дана Фарбер, „Alnylam Pharmaceuticals“, „Wave Life Sciences“, а во текот на изминатите дваесетина години соработувал со многу видни научници, како нобеловецот Крег Мело, Марк Видал, Грег Вердин, Такеши Вада, Алберт-Ласло Барабаси, Цезар Хидалго, Метју Вуд, Томас Робертс... На последната С(ц)иеста со Ненад се разговараше за развивањето генетски лекови кои таргетираат РНК, како siRNA (small interfering RNA) и ASO (antisense oligonucleotides) и за неговите истражувања фокусирани на регулација на протеини (protein upregulation) при ретки генетски болести.
Темата е интересна периодов поради тоа што токму истражувањата за замена на протеини доведоа до новите РНК-вакцини, од кои се очекува да стават крај на кризата со КОВИД-19.