Wednesday, 30 October 2013

Gravity - Alfonso Cuaron (2013)


Да требаше вчера да направам листа на работи кои најмногу ме нервираат во Холивуд, при врвот на листата ќе се најдеа 3Д и Сандра Булок. Но, велат дека утрото е попаметно од вечерта, па така денес морам да голтнам една голема кнедла и да признаам дека 3Д плус Сандра Булок, помножено со Алфонзо Куарон (Alfonso Cuaron), резултира со првиот долгометражен филм кој не можам да го замислам во две димензии.  Многу малку филмови досега си ја оправдале екстра цената за 3Д (Avatar, Hugo, Life of Pi), но дури и тие не губат многу без наочарите. За разлика од нив, кој не го видел Гравитација (Gravity) во 3Д, гледал друг филм.


Почетокот на Гравитација е аудиовизуелна магија која се случува еднаш во деценија. Во еден навидум непрекинат 20-минутен кадар камерата на Емануел Лубецки (Emanuel Lubezki) ни ја доловува бесконечноста на вселената, величественоста на планетата Земја гледана од 600км височина, опасноста на која се изложени двајцата астронаути Ковалски (George Clooney) и Стоун (Sandra Bullock) кога се заплиснати од бран 'ѕвездена прашина', и моќта на филмската уметност да не остави со подзината уста. Камерата прави километарски кругови играјќи си мајтап со филмските конвенции за перспектива и диегетика, а филмската историја добива уште еден ѕвезден момент.

Кога првите 20 минути ќе испишат нови страници во постоечкиот филмски речник, постои опасност дека преостанатите 70 минути ќе бидат само рециклажа на веќе виденото, приказна за астронаути изгубени во просторот и во специјални ефекти, кои херојски се трудат да се вратат дома. Но токму во овие 70 минути доаѓа до израз искуството и разновидноста на Куарон (Children of Men, Y tu Mama Tambien) во раскажување на напнати приказни. Откако не убедува дека во вселената секој е обичен смртник, па дури и George Clooney, филмот не престанува со Марфиеви сценарија, од губење на кислород, преку надчовечка борба против Њутновите закони, па се до крајно човечката борба против очајот. Можеби филмот ќе беше уште подобар ако се раскажеше во потполна тишина, без репликите на Clooney и монолозите на Bullock, но да не цепидлачиме.

Научната фантастика отсекогаш била предводник во филмската иновација. Цитирајќи иконокласти како Мелиез (Le Voyage dans la Lune), Кјубрик (2001: A Space Odyssey), па дури и Стантон (WALL-E), Куарон ги потхранува нашите детски соништа за патување во вселената и не убедува во моќта на филмското платно и натаму да ни сервира магија. Иднината на филмот можеби лежи во телевизијата, но Гравитација докажува дека филмското платно и натаму е незаменливо ако сакаме да се изгубиме во еден нов свет и во него повторно да се чувствуваме како деца.


No comments :

Post a Comment