'Затвореници' на Дени Вилнев (Denis Villeneuve) е како оперско либрето заглавено во филм ноар пакување. Филмот е збрка од случајности, претерувања, емотивни реплики и крвави сцени, зачинети со тортура, змии и окултни знаци. Ако тоа ви звучи интересно, не можам да ви замерам.
'Затвореници' започнува со грабнувањето на две девојчиња и продолжува со потрагата по нив од страна на нивните родители и намуртениот детектив Локи (Jake Gyllenhaal). Меѓу осомничените се наоѓа и повлечениот чудак Алекс (Paul Dano е специјализиран за овакви улоги), кој половина од филмот го минува затворен во импровизиран сандак и ја има незавидната улога да изгледа и детски наивен и педофилски перфиден, додека таткото Келер (Hugh Jackman) применува Шекспировски монолози и Гвантанамо методи на него.
Дени Вилнев знае да претерува во своите филмови, а тоа го покажа и со својот претходен филм, Пожари (Incendies). Гледани како метафора, филмовите се сведоштво за темнината во човечката душа. Гледани буквално, тие се смешна мешавина од фројдовска психологија и евтин хорор. 'Затвореници' е моќен и манипулативен филм, а Дени Вилнев полека но сигурно влегува во друштвото на автори како Lars Von Trier и Gaspar Noe, кои уживаат на гледачите да им сервираат психолошки torture porn.
No comments :
Post a Comment