Monday, 27 January 2014

The Wolf of Wall Street - Martin Scorsese (2013)

The Wolf of Wall Street е заснован на истата вистинска приказна која во 2000 го инспирираше амбициозниот Boiler Room.  Иронијата е што Boiler Room не ги користи вистинските имиња на протагонистите, а сепак делува попитом и поморализирачки од развратниот нов филм на Martin Scorsese.  Волкот од Вол Стрит е тричасовна забава со многу псуење, многу секс и многу дрога, која кулминира со една незаборавна сцена што меша квалуди, возење под дејство на дроги, шунка, и еден долг телефонски кабел.  По таа сцена, филмот се тркала надолу, како мамурлук по фантастичен трип.

Приказната е за Jordan Belfort (Leonardo DiCaprio), берзански манипулант кој по берзанскиот крах во 1987 сфаќа дека кога се тргува со акции, квалитетот на акциите е честопати помалку важен од снаодливоста на брокерот кој ги продава.  Поучен од својот ментор (Matthew McConaughey  во уште едно неверојатно издание), тој собира околу себе неколку лузери (Jonah Hill, Spike Jonze, Jon Bernthal од Walking Dead), им ги открива малите тајни на големите мајстори на измамата и преку ноќ ги претвара во берзански волци и зависници од дрога и секс.  На сите ни е јасно дека црно им се пишува, но Scorsese успева да создаде тензија комбинирајќи паметен дијалог со slapstick комедија. 

Не постои друг американски режисер кој успеал повеќе од четириесет години да биде релевантен, провокативен, а згора на тоа и комерцијално и критички успешен.  А сепак, со секој нареден филм на Scorsese се повеќе се прашувам дали се потребни 3 часа за да се раскажат приказните кои тој ги одбира, или пак Thelma Schoonmaker, долгогодишниот негов монтажер, веќе ги има пуштено уздите со кои знаеше дури и Raging Bull и Taxi Driver да ги ограничи на два часа.  Jordan Belfort не е пофасцинантен лик од Jake LaMotta или Travis Bickle и не заслужува филм од 179 минути.  Го чекам денот кога Scorsese повторно ќе направи филм под два часа.  Е тоа ќе биде вистинско уживање.



Saturday, 25 January 2014

Inside Llewyn Davis - Joel & Ethan Coen (2013)

Сите оние кои се бунат дека на филмовите на браќата Коен им фали приказна, ќе зеваат од почетокот до крајот на Inside Llewyn Davis.  Овој филм не се ни труди да понуди стандардна филмска структурa. Дури и познатиот филмски трик за да се создаде тензија, таканаречениот флешбек, тука е употребен сосема произволно и речиси незабележително.  Ниедна од потенцијалните приказни не е развиена во целост, но затоа секоја од песните во прекрасниот soundtrack (продуцирани од Т-Bone Burnett) се испеани од глумците во живо од почеток до крај.  Сполај им.  Како и прекрасниот Oh Brother, Where Art Thou пред него, Inside Llewyn Davis e аудиовизуелна магија на која не и треба холивудско сценарио.

Луин Дејвис (Oscar Isaac) e претставен како човек од крв и месо и идеали и фрустрации и по малку ранлива душа која се наѕира само додека тој пее и свири на својата гитара.  Остатокот од времето пред себе имаме саможивен мизантроп кој го троши и своето и времето на сите околу него.  Луин му набива рогови на пријателот Jim (Justin Timberlake), ја затруднува Jean (Carey Mulligan), напушта овердозиран џез музичар (John Goodman), но некаде помеѓу сите овие активности успева да најде време да запее и да ни ги стопли срцата.

Инспирацијата за филмот се мемоарите на Dave Van Ronk, музичар кој бил дел од Greenwich Village сцената во доцните 50-ти и раните 60-ти, сцена од која се изродил Боб Дилан и десетици други фолк музичари.  Филмот завршува со изведба на Боб Дилан, уште еден прекрасен музичар а терсене човек.  Нема тука скриена порака, освен сознание дека за некои луѓе ѕвездите се подредуваат, а за некои не.  И немојте да мислите дека на крајот од филмот ќе дознаете како се наредиле ѕвездите за Луин. 


Friday, 24 January 2014

Nebraska - Alexander Payne (2013)

Како што старее, Alexander Payne прави сЕ постаромодни филмови. Во неговиот последен филм нема ништо од цинизмот на Election, или од резигнираноста на About Schmidt. Nebraska ги сака сите свои ликови, а Payne создава омаж на малиот град, интимните приказни и ситните опсесии и зависти на обичниот човек.

Во центарот на приказната е Вуди (Bruce Dern), остарениот татко на Дејвид (Will Forte), и Рос (Bob Odenkirk, адвокатот Saul од Breaking Bad), кој додека бил помлад бил алкохоличар и женкар, но со време алкохолот го победил женкарот и создал еден несреќен човек полн со неостварени желби.  Вуди по пошта добива писмо дека е добитник на милион долари.  Одбивајќи да прифати дека тоа писмо е обична измама, тој по секоја цена го убедува синот Дејвид да одат до Lincoln, Nebraska, за да си ги подигнат парите.  По пат Дејвид и Вуди застануваат во Hawthorne, родното место на Вуди каде што сE уште живеат сите ликови од неговата младост.  Кога тие дознаваат дека Вуди е добитник на милион долари, на површина излегуваат сите настани и чувства кои малото гратче ги затрупало во своите пазуви, низ улиците, по баровите и зад излупените фасади на small-town America.

Како што одговара на еден ваков интимен филм, фотографијата е црно-бела а камерата е бавна и мрзелива.  Payne е роден во Nebraska и тоа е веројатно единствената причина за името на филмот, оти оваа приказна би можела да се случи буквално секаде. Payne ја снима својата родна грутка со пасија на аматерски фотограф, свесен дека секој обид да се направи холивудски исполиран продукт ќе изгуби од автентичноста.  Студиото Paramount инсистирало да се снима во боја и Payne се согласил да направи и колор верзија, но јавно изјави дека се надева дека никој нема да ја види Nebraska во боја.  Номинациите за Оскар ќе помогнат да се оствари желбата на Payne.  А јас ќе бидам најсреќен ако Вуди му го донесе заслужениот Оскар на Bruce Dern.



Friday, 17 January 2014

Dallas Buyers Club - Jean-Marc Vallée (2013)

Dallas Buyers Club poster.jpgDallas Buyers Club е филм дизајниран да собира награди.  Рецептот е едноставен: одберете социјално ангажирана тема, каст(р)ирајте двајца глумци кои публиката ги доживува како секс-симболи, натерајте ги да симнат 20 килограми за да не личат на себе, и наполнете го сценариото со едноставен дијалог и длабоко хумани пораки.  

 Дејството се одвива во 80-тите, кога поголемиот дел од човештвото веруваше дека СИДА-та е казна за развратен живот наменета за наркомани и хомосексуалци.  Кога Ron Woodroof (Matthew McConaughey) дознава дека боледува од СИДА, тој е redneck каубоец до коска, згрозен од луѓето како транссексуалецот Rayon (Jared Leto) со кои мора да ја дели болничката соба.  Сепак откако дознава дека пристапот до лекови за заболените од СИДА во САД е неправедно ограничен, решава да стане шверцер на лекови од соседното Мексико и станува голем поборник за правата и здравјето на социјално обесправените и маргинализирани жртви на оваа подла болест.

Како и повеќето биографски филмови, Dallas Buyers Club следи добро позната формула.  Ако не ви пречи формулата, филмот ќе ве воодушеви.  Matthew McConaughey е феноменален глумец и 2013 е годината кога сите се убедија во тоа, иако неговите улоги во Bernie, Mud, Killer Joe и Magic Mike беа подеднакво импресивни.  Номинацијата за Оскар е сосема заслужена, но лично повеќе навивам за Bruce Dern.  Не за  друго, туку сакам да го видам McConaughey да се помачи уште малку и да извлече од себе барем уште неколку незаборавни ликови пред да се препушти на славата и инерцијата што со себе ја носи Оскарот.