Каде ли сум ја слушнал музикава? А да, тоа беше она тажно адаџо од филмот за Doors, кое редовно се користи на филм кога треба да се телеграфираат емоции. Но зошто ли музиката почнува да свири баш кога Lee (Casey Affleck) оди во продавница да купи цигари? Има некаков несклад помеѓу симболиката на музиката и прозаичноста на полноќната прошетка низ предградието. Чекор по чекор, нота по нота, нескладот преминува во немир, па во шок, па во хорор. Адаџото бавно се движи кон својот крај, носејќи му бескраен очај на добар човек кој направил огромна грешка.
Нема никогаш да ја заборавам тежината што ја почувствував во моментот кога музиката престана. Во тој момент Manchester by the sea за мене стана најдобриот филм од 2016. Следуваа уште шеесетина минути во кои филмот ги надмина сите мои очекувања. Она што започна како приказна за антисоцијален чичко и внук пубертетлија кои се принудени да живеат заедно, до крајот додаде уште многу слоеви; за родители кои очајно бараат утеха; за мајка и син кои копнеат по фамилија; за еден куп добри луѓе кои се обидуваат да дишат заробени под палимпсест од болка.
Manchester by the Sea на Kenneth Lonergan ги заслужува сите награди што (ќе) ги освои, но најмногу оние за Casey Affleck. Неговиот Lee е комплетно уверлив додека се трансформира од малку зелен сопруг во лушпа од човек. Во филм преполн со неочекувани флешбеци, најдобриот показател за тоа дали сме во минатото или во сегашноста е изразот на лицето на Lee. Штур на зборови, Lee ги изговара и најобичните формалности со грч на човек кој ја изгубил способноста да комуницира. Дури и она 'That's OK' кое ѝ го упатува на Randi (Michele Williams) пред крајот, наместо да ми даде надеж, ме свитка во клопче и ме остави тивко да липам. A сепак, токму тоа е моментот кога публиката ја добива заслужената катарза, а Lee и Randi добиваат втора шанса.
Ова е филм за кој треба храброст. Храброст да се напише, да се одглуми, и секако, да се изгледа. Откако изронив од киното, дел од мене се восхитуваше на издржливоста на човечкиот дух, додека другиот дел се ежеше од помислата дека Manchester by the Sea е повистински и повозможен од сите други филмови што сум ги видел годинава. Баба ми, Црногорка која во својот живот видела многу јад, секој пат кога ќе слушнеше за тажна човечка судбина имаше обичај да каже: 'далеко било, у кам' се свило, непријатељу се недогодило'.
No comments :
Post a Comment