1. Bohemian Rhapsody

Ау колку ме изнервира филмов. Прво, не можеш да направиш филм за Freddie Mercury што ќе биде PG-13. Второ, секој што знае барем малку за Queen ќе се фаќа за глава од намерната ревизија на историјата. Трето, преполн е со биопик клишеа и нема ни трошка оригиналност во сценариото. Четврто, Rami Malek е одличен глумец, ама мене ми изгледаше како карикатура на Freddie. Да му ја дадеа улогата на Sacha Baron Cohen, е тоа ќе беше нешто...
2. Widows

Steve McQueen не знае за шала. Ај некако да му простиш за тоа кога станува збор за неговите претходни филмови во кои третира штрајк со глад, зависност од секс или ропство. Ама кога приказната е за три вдовици кои решаваат да појдат по стапките на мажите криминалци, тогаш филмот е зрел за комедија, а не за социјална мелодрама. За жал, сценариото полно со дупки се тетерави до морално исправен исход, кој ниту е заслужен, ниту пак припаѓа во овој универзум.
3. Ballad of Buster Scruggs

Netflix е совршен медиум за промоција на нови таленти и се надевам дека платформата нема наскоро да биде преплавена од оскаровци кои сфатиле дека нема леб во кино. Првата епизода од најновиот филм на браќата Coen е извонредна. Втората не е лоша, ама секоја наредна (а ги има шест) е подосадна и понеспособна да изнуди реакција. Браќата по трет пат му се враќаат на дивиот запад, ама мене ме изгубија уште кај True Grit. Се надевам дека наскоро ќе ја надраснат вестерн фазава.
4. Black Panther

Се бев заколнал дека веќе нема да гледам MCU филмови, оти повеќето ги заспивам. За овој ме убедуваа дека ќе биде поинаку. Не беше. Во приказнава има автентичност и оригиналност колку и во фејк африканскиот акцент на кој зборат жителите на Ваканда. Ама затоа има virtue signalling на претек.
5. A Quiet Place

Ми се допадна идејата за иднина во која луѓето не смеат да испуштаат звуци, ама не можам да се оттргнам од две прашања. Прво, кога знаеја дека се безбедни кај водопадот, што не се префрлија да живеат таму? Второ, зошто филм со име Quiet Place, во кој ушите ти се постојано на штрек, има толку нападна музика? Звучните ефекти ќе беа доволни.
6. Bird Box

Духовен близнак на Quiet Place, само што сега луѓето не смеат да гледаат. Случајност или калкулантство? Имајќи предвид дека Bird Box доаѓа од Нетфликс, мора некој компјутерски алгоритам да одлучил дека во 2018 луѓето се чувствуваат како
трите умни мајмуни. Првиот саат на Bird Box се јаде некако. Во вториот логиката си летнува низ прозор, а Sandra Bullock покажува дека е редно и неа да и дадат да игра некој суперхерој.
7. Sorry to bother you

Црнец успева во животот кога ќе научи да збори со белечки акцент. Звучи како нешто инспирано од Get Out, ама споредбата не држи вода. Sorry to bother you е далеку поагресивен во својата порака, но прогресивна агенда во провокативно пакување не е доволно. Некогаш ни треба и идентификација со ликовите.
8. Deadpool 2

ОК, сфаќам дека мораше да се направи втор дел. Сфаќам и зошто двојката слепо ја следи формулата од кецот. Не сфаќам зошто мораше да биде подолга од оригиналот кога шалата е веќе потрошена.
9. Three Identical Strangers

Почетокот на овој документарец, во кој тројца идентични близнаци раскажуваат како биле разделени при раѓање и потоа се пронашле, е фасцинантен. Вториот дел е шпекулација за етиката на некои научници кои ги проучувале близнаците и не припаѓа во истиот филм. Збирот е каша-попара.
10. Година на Мајмунот

Се мислев дали да ставам македонски филм на листава, оти самото тоа што кај нас сè уште се прават филмови е мало чудо и заслужува пофалба. Сепак, во година во која имаме мала филмска ренесанса во Македонија, очекував повеќе од Блажевски. Има тука интересна идеја, ама егзекуцијата е подеднакво чудна и неуверлива како и главниот лик, мајмунот Коко.
15. Fahrenheit 451

Ramin Bahrani беше омилениот млад режисер на Roger Ebert. Неговиот Man Push Cart беше свеж и оригинален. За жал, во новата екранизација на Fahrenheit 451 нема ни свежина ни оригиналност (за тоа погледнете ја верзијата на Truffaut), а и Michael Shannon сè повеќе заличува на уметник кој знае да свири само една нота.
16. The House that Jack Built

Да, куќата е импресивна, ама можев комотно да дремнам додека Џек ги влечкаше тулите. Сепак финалето е незаборавно, и како поетска правда за Џек, и како сведоштво за длабочините на депресијата на Von Trier, која еве веќе неколку децении ја следиме преку филмското платно.
17. White Crow

Приказната за Рудолф Нуреев раскажана како шпионски трилер? Јес да ја има Adèle Exarchopoulos, ама сценариото е млитаво, а разрешницата треторазредна.
18. Roma

Извини Roma, не се видовме како што требаше. Повеќе
тука.
No comments :
Post a Comment