Monday, 27 January 2014

The Wolf of Wall Street - Martin Scorsese (2013)

The Wolf of Wall Street е заснован на истата вистинска приказна која во 2000 го инспирираше амбициозниот Boiler Room.  Иронијата е што Boiler Room не ги користи вистинските имиња на протагонистите, а сепак делува попитом и поморализирачки од развратниот нов филм на Martin Scorsese.  Волкот од Вол Стрит е тричасовна забава со многу псуење, многу секс и многу дрога, која кулминира со една незаборавна сцена што меша квалуди, возење под дејство на дроги, шунка, и еден долг телефонски кабел.  По таа сцена, филмот се тркала надолу, како мамурлук по фантастичен трип.

Приказната е за Jordan Belfort (Leonardo DiCaprio), берзански манипулант кој по берзанскиот крах во 1987 сфаќа дека кога се тргува со акции, квалитетот на акциите е честопати помалку важен од снаодливоста на брокерот кој ги продава.  Поучен од својот ментор (Matthew McConaughey  во уште едно неверојатно издание), тој собира околу себе неколку лузери (Jonah Hill, Spike Jonze, Jon Bernthal од Walking Dead), им ги открива малите тајни на големите мајстори на измамата и преку ноќ ги претвара во берзански волци и зависници од дрога и секс.  На сите ни е јасно дека црно им се пишува, но Scorsese успева да создаде тензија комбинирајќи паметен дијалог со slapstick комедија. 

Не постои друг американски режисер кој успеал повеќе од четириесет години да биде релевантен, провокативен, а згора на тоа и комерцијално и критички успешен.  А сепак, со секој нареден филм на Scorsese се повеќе се прашувам дали се потребни 3 часа за да се раскажат приказните кои тој ги одбира, или пак Thelma Schoonmaker, долгогодишниот негов монтажер, веќе ги има пуштено уздите со кои знаеше дури и Raging Bull и Taxi Driver да ги ограничи на два часа.  Jordan Belfort не е пофасцинантен лик од Jake LaMotta или Travis Bickle и не заслужува филм од 179 минути.  Го чекам денот кога Scorsese повторно ќе направи филм под два часа.  Е тоа ќе биде вистинско уживање.



Saturday, 25 January 2014

Inside Llewyn Davis - Joel & Ethan Coen (2013)

Сите оние кои се бунат дека на филмовите на браќата Коен им фали приказна, ќе зеваат од почетокот до крајот на Inside Llewyn Davis.  Овој филм не се ни труди да понуди стандардна филмска структурa. Дури и познатиот филмски трик за да се создаде тензија, таканаречениот флешбек, тука е употребен сосема произволно и речиси незабележително.  Ниедна од потенцијалните приказни не е развиена во целост, но затоа секоја од песните во прекрасниот soundtrack (продуцирани од Т-Bone Burnett) се испеани од глумците во живо од почеток до крај.  Сполај им.  Како и прекрасниот Oh Brother, Where Art Thou пред него, Inside Llewyn Davis e аудиовизуелна магија на која не и треба холивудско сценарио.

Луин Дејвис (Oscar Isaac) e претставен како човек од крв и месо и идеали и фрустрации и по малку ранлива душа која се наѕира само додека тој пее и свири на својата гитара.  Остатокот од времето пред себе имаме саможивен мизантроп кој го троши и своето и времето на сите околу него.  Луин му набива рогови на пријателот Jim (Justin Timberlake), ја затруднува Jean (Carey Mulligan), напушта овердозиран џез музичар (John Goodman), но некаде помеѓу сите овие активности успева да најде време да запее и да ни ги стопли срцата.

Инспирацијата за филмот се мемоарите на Dave Van Ronk, музичар кој бил дел од Greenwich Village сцената во доцните 50-ти и раните 60-ти, сцена од која се изродил Боб Дилан и десетици други фолк музичари.  Филмот завршува со изведба на Боб Дилан, уште еден прекрасен музичар а терсене човек.  Нема тука скриена порака, освен сознание дека за некои луѓе ѕвездите се подредуваат, а за некои не.  И немојте да мислите дека на крајот од филмот ќе дознаете како се наредиле ѕвездите за Луин. 


Friday, 24 January 2014

Nebraska - Alexander Payne (2013)

Како што старее, Alexander Payne прави сЕ постаромодни филмови. Во неговиот последен филм нема ништо од цинизмот на Election, или од резигнираноста на About Schmidt. Nebraska ги сака сите свои ликови, а Payne создава омаж на малиот град, интимните приказни и ситните опсесии и зависти на обичниот човек.

Во центарот на приказната е Вуди (Bruce Dern), остарениот татко на Дејвид (Will Forte), и Рос (Bob Odenkirk, адвокатот Saul од Breaking Bad), кој додека бил помлад бил алкохоличар и женкар, но со време алкохолот го победил женкарот и создал еден несреќен човек полн со неостварени желби.  Вуди по пошта добива писмо дека е добитник на милион долари.  Одбивајќи да прифати дека тоа писмо е обична измама, тој по секоја цена го убедува синот Дејвид да одат до Lincoln, Nebraska, за да си ги подигнат парите.  По пат Дејвид и Вуди застануваат во Hawthorne, родното место на Вуди каде што сE уште живеат сите ликови од неговата младост.  Кога тие дознаваат дека Вуди е добитник на милион долари, на површина излегуваат сите настани и чувства кои малото гратче ги затрупало во своите пазуви, низ улиците, по баровите и зад излупените фасади на small-town America.

Како што одговара на еден ваков интимен филм, фотографијата е црно-бела а камерата е бавна и мрзелива.  Payne е роден во Nebraska и тоа е веројатно единствената причина за името на филмот, оти оваа приказна би можела да се случи буквално секаде. Payne ја снима својата родна грутка со пасија на аматерски фотограф, свесен дека секој обид да се направи холивудски исполиран продукт ќе изгуби од автентичноста.  Студиото Paramount инсистирало да се снима во боја и Payne се согласил да направи и колор верзија, но јавно изјави дека се надева дека никој нема да ја види Nebraska во боја.  Номинациите за Оскар ќе помогнат да се оствари желбата на Payne.  А јас ќе бидам најсреќен ако Вуди му го донесе заслужениот Оскар на Bruce Dern.



Friday, 17 January 2014

Dallas Buyers Club - Jean-Marc Vallée (2013)

Dallas Buyers Club poster.jpgDallas Buyers Club е филм дизајниран да собира награди.  Рецептот е едноставен: одберете социјално ангажирана тема, каст(р)ирајте двајца глумци кои публиката ги доживува како секс-симболи, натерајте ги да симнат 20 килограми за да не личат на себе, и наполнете го сценариото со едноставен дијалог и длабоко хумани пораки.  

 Дејството се одвива во 80-тите, кога поголемиот дел од човештвото веруваше дека СИДА-та е казна за развратен живот наменета за наркомани и хомосексуалци.  Кога Ron Woodroof (Matthew McConaughey) дознава дека боледува од СИДА, тој е redneck каубоец до коска, згрозен од луѓето како транссексуалецот Rayon (Jared Leto) со кои мора да ја дели болничката соба.  Сепак откако дознава дека пристапот до лекови за заболените од СИДА во САД е неправедно ограничен, решава да стане шверцер на лекови од соседното Мексико и станува голем поборник за правата и здравјето на социјално обесправените и маргинализирани жртви на оваа подла болест.

Како и повеќето биографски филмови, Dallas Buyers Club следи добро позната формула.  Ако не ви пречи формулата, филмот ќе ве воодушеви.  Matthew McConaughey е феноменален глумец и 2013 е годината кога сите се убедија во тоа, иако неговите улоги во Bernie, Mud, Killer Joe и Magic Mike беа подеднакво импресивни.  Номинацијата за Оскар е сосема заслужена, но лично повеќе навивам за Bruce Dern.  Не за  друго, туку сакам да го видам McConaughey да се помачи уште малку и да извлече од себе барем уште неколку незаборавни ликови пред да се препушти на славата и инерцијата што со себе ја носи Оскарот.


Tuesday, 31 December 2013

Музички топ 13 за 2013





2013 беше добра година за поп музиката.  Иако ме разочараа новите песни на Nick Cave, Nine Inch Nails, а донекаде и David Bowie, сепак имаше доволно свежи албуми за да ја разбијат Топ 40 монотонијата.  Подолу се моите омилени:





Секоја чест за Бернајс Пропаганда.  Имаат успешна формула и секоја година инкрементално ја подобруваат.  Би сакал да слушнам повеќе продукциска иновација, но во меѓувреме ќе уживам во нивниот праведен гнев кон светот што не опкружува.






На Portugal. The Man. им требаа седум албуми за конечно да ми дојдат на радарот.  Заслугата е пред се на Danger Mouse, кој со својата продукција има извлечено максимум од John Baldwin Gourley и неговите зли пријатели.  Обично не сакам назален инди поп, ама има нешто заразно и перверзно во овие песни.



Со години ги следев спотовите на pajakzajak на youtube и се прашував кога Пеперминт ќе успеат да ја освојат Македонија со својата едноставност.  Пеперминт се заглавени во состојба на перменентна адолесценција и убаво е да се минат 30-ина минути во нивно друштво.




The Devil Makes Three се едни од најдобрите групи што сум ги видел во живо.  Студиски им фалеше малку полирање, но новиот албум е отскочна даска која верувам ќе ги лансира во суперѕвезди на folk-punk движењето.



Elvis Costello знае како да ги избере своите соработници.  Wise Up Ghost ги облекува неговите стари песни во соул/хип-хоп руво, а The Roots му помагаат да остане релевантен за новите генерации.  



James Blake си ја заслужи Mercury наградата.  Направи далеку помелодичен и поконзистентен албум од својот првенец, а соработката со RZA е едно мини ремек-дело.



KT Tunstall никогаш досега не сум ја сфаќал сериозно.  Но овој албум, половина посветен на смртта на нејзиниот татко, а половина на болниот развод, не може да биде сфатен поинаку.  Текстовите се интимни и тажни, а звукот е модерна americana, совршена комбинација за врнежлива ноќ. 




Дел од мене сеуште тажи по игривиот рап на RNS, но драго ми е да видам дека Tonyo San ја проширува палетата на инструменти и продукциски експерименти.  Вербалната еквилибристика на Tonyo San (aka Антонио Арангеловиќ) сеуште е без конкуренција.  Никој во Македонија не знае да сложи толку комплексни рими со таква брзина и прецизност.




Музата на Lynch живее во мрачна пештера полна со ехо, дисторзирани гласови и халуциногени испарувања, веројатно истото она место од кое потекнува девојката од радијаторот во неговиот прв филм, Eraserhead.  За некого, 50 минути во нејзино друштво се 49 минути подолго од потребното.  За други пак, ова е албумот кој ќе го однесе блузот во иднината, продолжувајќи по патот утабан од Little Axe и неговите следбеници.  Немам ништо против музичкото преживарење на Hugh Laurie и Garry Clark Jr., но се радувам што иднината на блузот не е во нивни раце.



Со години чекам Goldfrapp да се вратат на звукот на Felt Mountain, еден од најхипнотизирачките албуми на 90-тите.  Конечно желбата ми се оствари.  Tales of Us е поспан, психоделичен и носталгичен, најдоброто што Goldfrapp го понудиле последниве десет години.




Arcade Fire секогаш фасцинирале со својата претенциозност.  Сега кога имаат неколку Grammy зад себе, на претенциозноста и нема крај.  Reflektor е прог рок за иднината, концептуален двоен албум кој сепак има радиски потенцијал и iTunes исплатливост.  Се додека постојат Arcade Fire, има надеж за албумскиот рок.



Arctic Monkeys не се плашат да го променат својот звук, иако речиси секој нивен нов албум резултира со разочарани фанови.  Alex Turner знае дека неколку изгубени стари фанови не се ништо во споредба со милионите кои првпат слушнаа за нив на олимписките игри во Лондон и кои се гладни да добијат софистициран поп албум за пошироки народни маси.  АМ е токму тоа, крцкава продукција без премногу галама, но со многу стил и доволно иронија.




Границата помеѓу омаж и рециклажа е секогаш тенка, но Foolish Green знаат како да надоградат врз своите инспирации од 60-тите.  Кој би помислил дека педесет години подоцна британската психоделија ќе доживее revival токму во Македонија.  Заборавете на The Coral и Тhe Zutons, Foolish Green се далеку повитални и поамбициозни.  Живиот настап им е увежбан и професионален, било да е на распродадениот концерт во МКЦ или во панаѓурската атмосфера на Баскерфест.  Се на се, Escape е албумот што најмногу пати го слушнав годинава и со нетрпение чекам да видам што ќе направат следно Ненад и пријателите.

Monday, 30 December 2013

Пушачи, дишете слободно!



Корекција, 1 јануари 2017: Скорешни истражувања за врската помеѓу пушењето и загадувањето на воздухот во Кина фрлаат нова светлина врз долниот текст.  Наскоро ќе напишам подолг осврт на темава, но во меѓувреме еве ја студијата која ме натера да ги преиспитам своите тврдења:

http://berkeleyearth.org/air-pollution-and-cigarette-equivalence/

Фото преземено од MKD.mk
Оригинал: Деновиве се изнаслушав од пријатели како не можат да дишат во скопскиве магли.   Навистина, Скопје е одвратно месецов и не можам да замерам никому кој решил да остане дома и да ги затвори прозорците.  Ова е посебно важно за децата и хронично болните, кои се почувствителни на промени во квалитетот на воздухот.  Сепак, иронично е што голем дел од жалбите ги слушам од пушачи.  Затоа малку здрав разум и основна статистика не е на одмет.


Концентрацијата на ПМ10 честички (честички помали од 10 микрометри кои лесно влегуваат во дишните патишта) во воздухот деновиве е околу 1000µg на кубен метар (илјада микрограми е еднакво на еден милиграм).  Дневно човек вдишува околу 18 кубици воздух, што би рекло дека во нашите дишни патишта внесуваме околу 18 милиграми (mg) честички помали од 10 микрометри.  Бљак.  Ова се огромни количества и не е ни чудо што повеќето Скопјани се загрижени до ниво на паника.  Но, како и обично, каде има паника има и место за скепса.

Погледнете го графиконот подолу.  Кои честички се наоѓаат веднаш до смогот?  Чадот од цигари.  Не знам каков е составот на скопската магла во споредба со составот на скопските цигари, но знам дека и двете се штетни и дека придонесуваат кон ПМ10 индексот.   Фино би било да ги нема, но тешко е комплетно да ги елиминираме од нашите животи.  Како илустрација, консумирањето на една цигара ги збогатува нашите бели дробови со околу 20 милиграми ПМ10 честички, а туѓите со по неколку микрограми преку пасивно пушење (second-hand smoke).  Значи за пушачите меѓу нас, еден ден дишење во ова морничаво Скопје е еквивалент на една цигара.  Епа кој пуши по 20 на ден (а тоа е значаен дел од популацијата на Скопје), не би требало да се плаши од 21-вата.




Но овој аргумент има две острици.  Непушачите ќе речат дека и една цигара е премногу и дека оваа статистика е доказ дека воздухот во Скопје не би требало да се дише.  Како непушач комплетно се согласувам, но засега не планирам да го сменам својот начин на живот поради тоа.  Ако и по неколку месеци нивото на загаденост остане исто, тогаш ќе почнам да размислувам за алтернативи, затоа што секоја долгорочна изложеност на ПМ10 честички го зголемува ризикот за болест.  Но искуството од 90-тите кога Скопје се давеше во магли ми вели дека наскоро ќе дувне ветар и ќе го прочисти воздухот.  Во меѓувреме ќе продолжам да се качувам на Водно и да го избегнувам пасивното пушење по скопските клубови и ресторани.  Верувам дека тоа е доволна привремена компензација за гадостите кои ги вдишуваме лутајќи низ скопските магли.

Затоа, пушачи дишете слободно, а вие останатите не кревајте паника.  Поверојатно е дека ќе се разболите од цигари, дебелина или од стрес, отколку од неколку кубика скопска магла.

Забелешка: Бројките се преземени од долниов труд и се во согласност со општоприфатените стандарди за мерење на загаденост на воздухот:

http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC3226505/


Friday, 13 December 2013

За аутизмот, вакцините и Вест




Дневниот весник Вест е за голема пофалба затоа што реши да ја подигне свеста за аутизмот и да фрли светло врз фамилиите кои живеат со аутизам.  Преку серијал од емотивни сведоштва на родители чии деца се дијагнозирани со аутизам, Вест разбива стереотипи, облагородува и на најдобар начин покажува како медиумите можат да бидат ем аполитични ем социјално ангажирани.   Решив и јас да се надоврзам на темава, најмногу затоа што секое од сведоштвата досега ја спомнува вакцината како каписла која ја започнала голготата на семејството.  Колку само би сакал вистината да е толку едноставна.  

Тоа би значело дека решението е буквално на дофат, и дека милиони деца и родители би можеле да го избегнат аутизмот со една едноставна (не)интервенција.  За жал, науката категорично ја има демантирано оваа теорија.  Последниот клинец во ковчегот на теоријата е повлекувањето на трудот што прв ја предложи врската помеѓу вакцините и аутизмот во влијателното научно списание The Lancet.  Се докажа дека авторот на трудот Andrew Wakefield имал конфликт на интереси, дека ги манипулирал податоците, и дека ги прекршил правилата на медицинската етика.  Зошто тогаш ова тврдење не беше сосечено во корен, туку се дозволи лавина на медиумски написи кои создадоа паника кај популацијата?  Зошто сè уште разговараме дали има или нема врска меѓу вакцините и аутизмот?  Има неколку причини за ова.  

Првата е затоа што науката е бавна.  Секоја студија за да биде прифатена мора да биде повторена (реплицирана) неколку пати, и потребни се години за да се изгради консензус околу одредено научно прашање.  За да се побие една сензационалистичка теорија за врската меѓу вакцините и аутизмот, потребни се милиони долари, илјадници часови повторување на истите експерименти и макотрпна дебата помеѓу двата научни кампа, оние за и оние против теоријата.  Во меѓувреме медиумите веќе истрчале стотици кругови околу темата, влијателни личности како Jenny McCarthy допреле до милиони фамилии, и штетата е веќе направена.  Отрезнувачки е што вистината сепак најмногу му ја должиме на истражувачкото новинарство и на седумгодишните напори на новинарот на The Sunday Times, Brian Deer, кој успеа да го дискредитира Wakefield и да издејствува повлекување на спорниот научен труд.

Втората причина за полемиката е тоа што отсуство на нешто е многу тешко научно да се докаже.  Науката може да направи илјада експерименти и да тврди дека досега не е забележана врска меѓу вакцини и аутизам, но тоа не значи дека 1001-от експеримент нема да го заклучи спротивното.  И тоа не мора дури ниту да биде резултат на нечесни научници.  Од илјадници експерименти можно е да се добијат (еден или неколку) случајни резултати, а тие да бидат само статистичка грешка.  Нешто како кога комплетно случајно пет фрлања на паричка по ред испаѓаат 'глава', па погрешно заклучуваме дека паричката нема две лица.   Инстинктот на медиумите е ова да го пријават како откритие на нов тип на паричка.  Инстинктот на научникот е да продолжи да ја фрла паричката за да види дали повторно ќе добие пет по ред.

Третата причина е тоа што дефинитивно постои врска (корелација) помеѓу периодот на вакцинирање и почетокот на симптомите на аутизмот.  Но корелација не секогаш значи и причинско-последична поврзаност (каузалност).  На пример, постои и силна корелација помеѓу проодувањето и ракот.  Луѓе кои прооделе имаат поголема веројатност да заболат од рак отколку бебиња.  Но тоа не значи дека проодувањето е одговорно за појава на рак.  Едноставно, возраста е клучен фактор во тоа кога ќе почнат да се манифестираат симптомите.  Слична е и врската меѓу вакцините и аутизмот.  Од раѓање до 3 години децата примаат многу вакцини, а ова е истата возраст на која се јавуваат и првите симптоми на аутизам.  Затоа многу е веројатно првите симптоми на аутизам да се погодат блиску до администрацијата на некоја вакцина, па родителите да поверуваат дека вакцината го предизвикала аутизмот.

Четвртата е затоа што популацијата засегната од овие сувопарни научни дебати и статистички аргументи е многу ранлива.  Родителите се во принцип ранлива категорија.  Секој родител го сака најдоброто за своите деца и ќе го послуша секој совет што делува дека доаѓа од веродостоен извор.  Родителите на деца со аутизам се уште поранливи.  Живеат во неизвесност, плаќаат многу пари за третмани со минимални ефекти, и потребна им е сламка сигурност, сидро од кое ќе почнат да го истражуваат теренот.  Вакцините нудат едно вакво сидро, заедничко искуство кое им дава надеж дека барем некои прашања поврзани со аутизмот имаат одговор.

За врската меѓу вакцините и аутизмот се пишувало многу во светските, но веројатно не доволно во македонските медиуми.  Решив да реагирам токму поради тоа што знам дека мотивацијата зад овие серијали на Вест не е сензационалистичка, туку едукативна.  Мораме да го запознаеме аутизмот за да можеме да се справиме со него.  Еден од чекорите во тоа запознавање е да ги дознаеме и неговите причини, но и да ги разбиеме заблудите околу истите.  Во тој контекст секоја дискусија е добредојдена.  Вакцините спасуваат многу животи, но тие се ефектни само ако речиси сите се вакцинираме.  Прескокнување на задолжителни вакцини ја прави целата популација поподложна на разорувачки болести како сипаници и детска парализа, кои сè уште имаат потенцијал да одземат или да хендикепираат милиони човечки животи.  Затоа не смееме да промовираме научно непотврдени теории против вакцинирањето.

Луѓето со аутизам се посебни.  На многу од нив им треба помош за да можат да функционираат во општеството, но тие исто така ја збогатуваат палетата на човечки таленти и ги демонстрираат екстремите на човечкиот мисловен процес и аналитична моќ.  Луѓе со аутизам ја збогатувале нашата култура со години пред да постои дијагноза за аутизам.  Без да ги набројувам бројните нивни придонеси за општеството, ви препорачувам да го погледнете прекрасниот филм за Temple Grandin.  Затоа, да се фокусираме на подобра интеграција на фамилиите кои живеат со аутизам, а да ги оставиме научниците да развиваат вакцини и да го истражуваат аутизмот.  Нели би било иронично доколку за десетина години тие откријат нова вакцина, овој пат за аутизам?