Зависноста од секс станува жешка филмска тема. Во минативе неколку години ги видовме претенциозниот и стерилен Shame, како и смешниот и длабоко хуман Don Jon. Nymph()maniac на Lars von Trier е и претенциозен и стерилен и смешен и хуман, и како таков ништо налик на претходните два. Ако постои филм-побратим на Nymph()maniac, тоа би бил Kill Bill на Quentin Tarantino, колку и да звучи таа споредба неверојатна на почетокот.
Како и Kill Bill, најновиот филм на Lars Von Trier e експериментален филм, составен од повеќе стилски различни сегменти (некои брилијантни, некои сосема непотребни) нафрлани врз костур од приказна. На главната хероина и се случуваат многу лоши работи, но идентификација со неа е речиси невозможна оти гледачот е свесен дека целиот филм е режисерска манипулација направена со цел да шокира и да иронизира. И најпосле, како и Kill Bill, Nymph()maniac е еден совршен двочасовен филм, напумпан со режисерска суета до речиси неиздржливи четири часа, а потоа поделен на два дела за да им го троши трпението и парите на гледачите. За чудо, постои дури и петиполчасовна верзија на Nymph()maniac, наводно со многу повеќе гениталии и хардкор секс. Нека фала, ако е и од Von Trier, доста е.