Tuesday 23 June 2020

НА КАНТАР СО БЛАЖЕ АРИЗАНОВ: 8 (за)белешки за Индија

Името Блаже Аризанов сигурно некогаш има стигнато до вас. Голема е веројатноста и да сте го виделе неговиот лик (на пример, на корицата од неговата книга „Белиот трофеј“) или да сте чуле за неговиот бизнис „Стеј анкл“ (Stay Uncle), кој успешно се спротистави на табуто за престој на вљубени парови во хотели во втората најголема земја во светот, Индија. Оваа земја, која јасно се гледа дека му е при срце на Блаже и дека особено го боли тоа што денес ѝ се случува, беше тема на муабет на последната онлајн-дискусија во средата, каде што Блаже се појави како прв самостоен гостин-ненаучник, но кој со своето познавање на состојбите и луцидноста, успеа да ја претвори дискусијата во една од најинтересните и да нè научи многу за Индија. Ви претставуваме осум аспекти на Индија, видени низ очите на Блаже.

1. Индискиот корпоративен сектор

Типичниот Индиец е софтверски инженер. Првиот човек на кој ќе налеташ на улица, а не е возач на рикша или уличен продавач е инженер. Во ИТ-корпорациите работат инженери од внатрешноста, за околу 6.000 денари месечно, во супстандардни услови. Четири години поминав во овој сектор во Њу Делхи, каде што дефиницијата за корпоративна работа се граничи со дефиницијата за „sweatshops“ и тие сурови услови за нас од Западот обично се сосема нормални за Индијците. Иако јас како бел човек и странец имав привилегии, ме фрустрираше да ги гледам луѓето кои ти се колеги и ти стануваат блиски по некое време, како работат по 15 саати на ден, не се ослободени за празниците, лесно ги ограбуваат надвор оти работат во опасни предградија, а одговорот на одделот за човечки ресурси за тоа е: „Е, нормално е тоа тука, ти па што толку обрнуваш внимание“.

2. Индиската политичка сцена

На власт во Индија од 2014 година е Нарендра Моди, од хиндуистичката фундаменталистичка партија Баратија Јаната – радикално крило кое во својата срж ја има теолошката преобразба на Индија. На чело со Моди, според мене, Индија од февруари годинава дефинитивно престана да биде демократска земја. Имено, таа донесе две нормативи: со првата, т.н. „National citizen registry“, на сите луѓе во Индија им беше наложено дека мора да докажат дека се Индијци, што во друга земја би било нормална работа, но во Индија, каде монсуните секоја година носат цели населби и луѓето остануваат без целата своја сопственост, вклучувајќи ги и документите, тоа е проблем да се реализира; втората, која се базира на првата, вели дека ако не можете да си го докажете државјанството, ќе ви биде автоматски дадено, но тоа ќе биде привилегија само на христијани, будисти... не и на муслимани, кои се 20% од населението.

3. Односот кон муслиманите  

Меѓу понеобразованото население во Индија постои страв од другиот, од муслиманите, кој политички постојано се подгрева. „Љубовниот џихад“, на пример, е политички монтирана појава базирана на смешни дезинформации. Значи, излегуваат приказни дека постои планирана офанзива на муслиманите насочена кон конвертирање на хинду-девојки во муслиманки. Како го прават тоа? Некојпат присилно, некојпат преку љубов. Во Индија се верува дека муслиманите интенционално ги наведуваат, ги маѓепсуваат хинду-девојките да се заљубат во нив за да ја исламизираат Индија. Мозокот на ова е партијата на Моди, а извршителот е паравоената сила „Баџранг Дал“, чии оперативци, на пример, упаѓаат по спалните на мешани брачни парови и откако ќе утврдат дека мажот е обрежан, ја враќаат жената кај нејзините и се обидуваат да ја „освестат“ дека тоа не е љубов, туку дека само е шармирана и маѓепсана од муслиманот кој прави сè со единствена цел да ја исламизира.

4. Индија и Кина

Граничните конфликти меѓу Индија и Кина не се ретка појава. Напротив. Кога и да се случи едната или другата влада да сака да го импресионира својот народ со мачизам, а во просек тоа е еднаш-двапати годишно, веднаш се случува граничен конфликт. Напаѓа тој што сака да се фраери пред своите и така „се пецкаат“ со години. И не дека тој мир меѓу Индија и Кина не стои на стаклени нозе, меѓутоа овие напади се преувеличено шоу за своите гласачки тела.

5. Индија и САД

Моди и Трамп веќе не ни кријат дека се BFF. Во 2005 година на Моди како радикалец му беше забранет влез во САД, а денес, 15 години подоцна, тој е најдобар пријател со претседателот на САД, што не е ни чудно со оглед на тоа што политиката и на двајцата има сличен наратив: национализам, фундаментализам, политика на омраза кон другиот... И така некако спонтано дојде до тоа гушкање во живо во Ахмедабад пред околу два месеца, кога Моди за пречекот на Трамп изгради ѕидови од двете страни на патот што водеше од аеродромот до стадионот каде што држеа говори, за да ја скрие вистинската слика на Индиските гета.

6. Индија и КОВИД-19

За кризата со КОВИД-19 во Индија се виновни, нормално, муслиманите. Пропагандната машинерија на Моди го туркаше наративот дека муслиманите шират вирус со умисла. И кога вирусот се прошири низ неколку градови, наместо Моди логистички да ја среди работата, ги повика луѓето да излезат на улица и да чукаат на тави 5 минути за наводна поддршка на здравствените работници. А кога Индијците ќе излезат групно, тие прават забава од два саати. Со други зборови, се собраа во група, вирусот се прошири експресно и Индија прогласи целосно гаснење на економијата. А тоа, пак, доведе до вистинска хуманитарна катастрофа: луѓе мигранти од внатрешноста, затоа што немаше јавен превоз, почнаа да се враќаат дома од големите градови со своите деца на раце пеш, да минуваат илјадници километри на 45 степени и да умираат по патот.

7. Индија на геополитичката сцена

Во 2015/’16 година Моди беше лицето на економскиот развој ширум целиот свет. Беше лице на годината на „Тајмс“ за 2016 година, „Економист“ го ставија на насловна страна и беше невидено величан од Западот. Но кога видоа дека зад тоа лице бил прикриен диктатор, малку по малку, претпазливо се повлекоа. Во моментов Индија сака да го земе приматот од Кина како „хаб за производство“, особено откако последниве месеци многу компании почнаа да се повлекуваат од Кина поради епидемијата. Индиското економско лоби во моментов е најмногу фокусирано на тоа, флертуваат со тие компании со муабети дека треба да ја остават вирусаната Кина во која лошо се менаџираат епидемиите и да дојдат во евтиниот рај со квалификувана работна сила и повластени можности. И мислам дека во неколку наврати тоа им успеа.

8. Водење бизнис во Индија

Откако решив дека завршив со корпоративниот сектор во Индија, бев незадоволен од тоа што го постигнав дотогаш и не бев спремен да се вратам дома и да го потврдам тоа што сите ми го велеа: „Абе нема живот во Индија, сиромашна е“. Со други зборови, останав за инает и единствен избор за егзистенција ми беше претприемништвото. Се здружив со Санчит, мојот соосновач од внатрешноста на Индија и го почнавме „Стеј анкл“, платформа за резервации во хотели на невенчани парови, нешто што беше табу во Индија и успеавме добро да го развиеме бизнисот.

Водењето бизнис во Индија за луѓе однадвор секако дека ќе продолжи. Порано интересното беше што во Индија одиш како Европеец или како Американец и нема потреба да го прикриваш твојот идентитет, остануваш тоа што си. Но, тоа повеќе не е така. Индија станува фундаменталистичка, теократска, хинду држава, којашто се базира на религиозен идентитет и отсега ако водиш бизнис таму тоа треба да го правиш со културен оклоп, исто како да си во Кина или во Иран. За жал, тоа е новата реалност.

Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа и: Илина Јакимовска и Кирил Гаштеовски.

No comments :

Post a Comment