Friday, 13 December 2013

За аутизмот, вакцините и Вест




Дневниот весник Вест е за голема пофалба затоа што реши да ја подигне свеста за аутизмот и да фрли светло врз фамилиите кои живеат со аутизам.  Преку серијал од емотивни сведоштва на родители чии деца се дијагнозирани со аутизам, Вест разбива стереотипи, облагородува и на најдобар начин покажува како медиумите можат да бидат ем аполитични ем социјално ангажирани.   Решив и јас да се надоврзам на темава, најмногу затоа што секое од сведоштвата досега ја спомнува вакцината како каписла која ја започнала голготата на семејството.  Колку само би сакал вистината да е толку едноставна.  

Тоа би значело дека решението е буквално на дофат, и дека милиони деца и родители би можеле да го избегнат аутизмот со една едноставна (не)интервенција.  За жал, науката категорично ја има демантирано оваа теорија.  Последниот клинец во ковчегот на теоријата е повлекувањето на трудот што прв ја предложи врската помеѓу вакцините и аутизмот во влијателното научно списание The Lancet.  Се докажа дека авторот на трудот Andrew Wakefield имал конфликт на интереси, дека ги манипулирал податоците, и дека ги прекршил правилата на медицинската етика.  Зошто тогаш ова тврдење не беше сосечено во корен, туку се дозволи лавина на медиумски написи кои создадоа паника кај популацијата?  Зошто сè уште разговараме дали има или нема врска меѓу вакцините и аутизмот?  Има неколку причини за ова.  

Првата е затоа што науката е бавна.  Секоја студија за да биде прифатена мора да биде повторена (реплицирана) неколку пати, и потребни се години за да се изгради консензус околу одредено научно прашање.  За да се побие една сензационалистичка теорија за врската меѓу вакцините и аутизмот, потребни се милиони долари, илјадници часови повторување на истите експерименти и макотрпна дебата помеѓу двата научни кампа, оние за и оние против теоријата.  Во меѓувреме медиумите веќе истрчале стотици кругови околу темата, влијателни личности како Jenny McCarthy допреле до милиони фамилии, и штетата е веќе направена.  Отрезнувачки е што вистината сепак најмногу му ја должиме на истражувачкото новинарство и на седумгодишните напори на новинарот на The Sunday Times, Brian Deer, кој успеа да го дискредитира Wakefield и да издејствува повлекување на спорниот научен труд.

Втората причина за полемиката е тоа што отсуство на нешто е многу тешко научно да се докаже.  Науката може да направи илјада експерименти и да тврди дека досега не е забележана врска меѓу вакцини и аутизам, но тоа не значи дека 1001-от експеримент нема да го заклучи спротивното.  И тоа не мора дури ниту да биде резултат на нечесни научници.  Од илјадници експерименти можно е да се добијат (еден или неколку) случајни резултати, а тие да бидат само статистичка грешка.  Нешто како кога комплетно случајно пет фрлања на паричка по ред испаѓаат 'глава', па погрешно заклучуваме дека паричката нема две лица.   Инстинктот на медиумите е ова да го пријават како откритие на нов тип на паричка.  Инстинктот на научникот е да продолжи да ја фрла паричката за да види дали повторно ќе добие пет по ред.

Третата причина е тоа што дефинитивно постои врска (корелација) помеѓу периодот на вакцинирање и почетокот на симптомите на аутизмот.  Но корелација не секогаш значи и причинско-последична поврзаност (каузалност).  На пример, постои и силна корелација помеѓу проодувањето и ракот.  Луѓе кои прооделе имаат поголема веројатност да заболат од рак отколку бебиња.  Но тоа не значи дека проодувањето е одговорно за појава на рак.  Едноставно, возраста е клучен фактор во тоа кога ќе почнат да се манифестираат симптомите.  Слична е и врската меѓу вакцините и аутизмот.  Од раѓање до 3 години децата примаат многу вакцини, а ова е истата возраст на која се јавуваат и првите симптоми на аутизам.  Затоа многу е веројатно првите симптоми на аутизам да се погодат блиску до администрацијата на некоја вакцина, па родителите да поверуваат дека вакцината го предизвикала аутизмот.

Четвртата е затоа што популацијата засегната од овие сувопарни научни дебати и статистички аргументи е многу ранлива.  Родителите се во принцип ранлива категорија.  Секој родител го сака најдоброто за своите деца и ќе го послуша секој совет што делува дека доаѓа од веродостоен извор.  Родителите на деца со аутизам се уште поранливи.  Живеат во неизвесност, плаќаат многу пари за третмани со минимални ефекти, и потребна им е сламка сигурност, сидро од кое ќе почнат да го истражуваат теренот.  Вакцините нудат едно вакво сидро, заедничко искуство кое им дава надеж дека барем некои прашања поврзани со аутизмот имаат одговор.

За врската меѓу вакцините и аутизмот се пишувало многу во светските, но веројатно не доволно во македонските медиуми.  Решив да реагирам токму поради тоа што знам дека мотивацијата зад овие серијали на Вест не е сензационалистичка, туку едукативна.  Мораме да го запознаеме аутизмот за да можеме да се справиме со него.  Еден од чекорите во тоа запознавање е да ги дознаеме и неговите причини, но и да ги разбиеме заблудите околу истите.  Во тој контекст секоја дискусија е добредојдена.  Вакцините спасуваат многу животи, но тие се ефектни само ако речиси сите се вакцинираме.  Прескокнување на задолжителни вакцини ја прави целата популација поподложна на разорувачки болести како сипаници и детска парализа, кои сè уште имаат потенцијал да одземат или да хендикепираат милиони човечки животи.  Затоа не смееме да промовираме научно непотврдени теории против вакцинирањето.

Луѓето со аутизам се посебни.  На многу од нив им треба помош за да можат да функционираат во општеството, но тие исто така ја збогатуваат палетата на човечки таленти и ги демонстрираат екстремите на човечкиот мисловен процес и аналитична моќ.  Луѓе со аутизам ја збогатувале нашата култура со години пред да постои дијагноза за аутизам.  Без да ги набројувам бројните нивни придонеси за општеството, ви препорачувам да го погледнете прекрасниот филм за Temple Grandin.  Затоа, да се фокусираме на подобра интеграција на фамилиите кои живеат со аутизам, а да ги оставиме научниците да развиваат вакцини и да го истражуваат аутизмот.  Нели би било иронично доколку за десетина години тие откријат нова вакцина, овој пат за аутизам?

Saturday, 7 December 2013

Lovers of the Arctic Circle - Julio Medem (1999)


Дел од мене сака да се потсмева со Lovers of the Arctic Circle, филм кој е толку фасциниран од концептот на палиндром, што на крајот и самиот се претвара во еден.  Па сепак, иако структурата му е ригидна и изнасилена, на естетско и филозофско ниво филмот е вистинско уживање.

Приказната е за Ана и Ото и за циркуларноста во нивните животи.  Не се само нивните имиња палиндроми.  Како што филмот напредува увидуваме дека и нивните животни патишта прават невидени акробации за на крајот да завршат таму каде што почнале.  Ана и Ото се запознаваат како деца во школо, нејзината мајка и неговиот татко се вљубуваат, па тие одеднаш стануваат брат и сестра.  Малку подоцна стануваат љубовници, а уште малку подоцна го прекинуваат контактот.  И така нивната врска еволуира од платонска, преку фамилијарна, до физичка и метафизичка, давајќи му ново значење на статусот 'It's complicated'.

Ова не е филм за буквалисти, туку за непоправливи романтици.  Колку повеќе дознаваме за испреплетеноста на фамилијарните истории на главните ликови, сфаќаме дека филмот е спремен да се збогува со здравиот разум за да не убеди дека некои луѓе се предодредени да бидат заедно, а некои не.  Но за разлика од многу други романтични филмови, во овој до последен момент не знаеме во која група припаѓаат Ана и Ото.  Потоа доаѓа последниот кадар, и Lovers of the Arctic Circle го комплетира кругот.


Friday, 6 December 2013

Only God Forgives - Nicolas Winding Refn (2013)



Nicolas Winding Refn е комплетно непредвидлив режисер.  После неколку одлични европски филмови, решава да ја нападне Америка со Ryan Gossling, ја освојува публиката со Drive, и кога сите очекуваме следниот негов филм со Gossling да биде уште попопуларен, тој решава да ни даде филм кој е на границата меѓу невкус и генијалност, и како таков сосема несоодветен за американскиот пазар.


Џулиан (Ryan Gossling) и Били (Tom Burke) се двајца браќа кои живеат во криминалното подземје на Бангкок.  Били силува и убива една малолетна девојка, и тоа повлекува серија на освети, секоја покрвава од претходната.  Во приказната се вмешуваат осветољубивата мајка на Џулиан и Били (Kristin Scott Thomas) и уште поосветољубивиот полицаец со комплекс на Бог (Vithaya Pansringarm), комбинација која гарантира многу едиповски дијалози и уште повеќе крв. 

Естетиката на Only God Forgives позајмува многу од италијанските хорор филмови, со стилизирана глума и неверојатен продукциски дизајн.  Филмот има незаборавна палета на бои и ликови кои лутаат низ спектакуларните ентериери како карикатури кои земале малку повеќе дрога од максимално дозволените количества.

Не е ни чудо што филмот е посветен на Alejandro Jodorowsky, чилеанскиот уметник на бизарното и висцералното, кој веројатно не би ни трепнал да види како Ryan Gossling ја нурнува својата рака во утробата на свеж труп.   За останатите, ако досега не ви е јасно, овој филм не е за оние со слаб стомак.  За среќа мојот стомак е прилично силен, а желбата да видам нешто ново и непредвидливо ми е секогаш посилна од потребата да се чувствувам пријатно во кино салата.  




Wednesday, 4 December 2013

12 Years a Slave - Steve McQueen (2013)



ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА СПОЈЛЕРИ ВО 2-от ПАРАГРАФ

Steve McQueen досега има направено еден филм за штрајк со глад, еден за зависник од секс, и еден за слободен човек кој минал 12 години како роб.  Поинтересни теми здравје.  Згора на тоа, McQueen има толку добро чувство за врамување на кадар, што не е можно да го тргнеш погледот, дури и ако кадарот е сцена од месо кое се двои од телото по удар со камшик.  Но и покрај (или токму заради) оваа добитна комбинација од брутални теми и префинета фотографија, просто е неверојатно колку се плитки сценаријата во неговите филмови.

12 Years a Slave е компилација од робовладетелски клишеа.  Соломон Нортап (Chiwete Ejiofor) е слободен црнец во Њујорк кој по игра на судбината завршува како роб на различни робовладетели, почнувајќи од добродушниот слабак (Benedict Cumberbatch) до бездушниот тиранин (Michael Fassbender).  По пат се соочува со многу пакост, човечки трагедии, и еден лошо одглумен Канаѓанин (Brad Pitt), кој не верува во ропство па му помогнува да се ослободи.  Соломон доаѓа дома, целата фамилија делува остарено, а ние немаме чувство дека поминале 12 години.

Пред да ме осудите дека ви го раскажав целиот филм, имајте на ум дека ова е филм кој веќе е раскажан преку својот наслов.  Не постои неизвесност, оти знаеме дека после 12 години Соломон ќе си дојде дома.  До режисерот е да создаде драма, да ни даде увид во психата на човек кој бил на работ на безнадежноста и успеал да и побегне.  За жал, McQueen многу повеќе ужива да ни покажува човечки тела во агонија отколку внатрешен конфликт и интересен дијалог.

Steve McQueen раскажува телеграфски.  Знае дека ако избере тема како за во жолт печат, нашата емпатија ќе ги поврзе точките, ќе ги обои ликовите со човечност и ќе ја доразвие приказната.  За жал, резултатот од неговите филмови е токму таква боенка со фонт 50-ка, во која приказната е само контура за елегантната фотографија.




Tuesday, 3 December 2013

Blue is the Warmest Color - Abdellatif Kechiche (2013)

Првиот пат кога 16-годишната Адел заплакува во Blue is the Warmest Color, и јас почувствував грутка во грлото.  Давејќи се во солзи, таа се обидува да голтне колаче, но храната и заглавува во грло, а од устата и излегуваат сувите трошки.  Нема ништо холивудско во тие солзи, ниту пак во мрсулите кои константно се тркалаат низ лицето на Адел, но има нешто длабоко вистинско и потресно.  До крајот на филмот ќе видиме уште многу телесни течности и сцени во кои главните актерки комплетно се разголуваат пред камерата, и емотивно и физички.  

Во својата суштина ова е едноставна и универзална coming-of-age приказна за средношколката Адел (Adèle Exarchopoulos) која ги преиспитува своите сексуални и професионални приоритети преку неколкугодишната врска со постарата и навидум посамоуверена Ема (Léa Seydoux).  Посебноста на филмот доаѓа од ситниците.  Канскиот победник за 2013 е храбар филм кој ранливоста на главните ликови ни ја сервира како на тацна.  Кастингот е совршен, дијалогот е провокативен, а Adèle Exarchopoulos е едно од највпечатливите лица што било кога сум ги видел на филмско платно.    Низ солзите и мрсулите продира шармот на родена ѕвезда, девојка за која навиваме и од која не можеме да го тргнеме погледот.

Многумина ќе ја дискутираат шестминутната лезбејска сцена, која е дефинитивно снимена со цел да возбуди и поставува нови стандарди за тоа што е прифатливо во arthouse кино салите.  Уживав во неа, но има нешто проблематично и експлоатирачко кога  50-годишен хетеросексуален маж (Abdellatif Kechiche) режира две преубави девојки кои сосема голи цели 6 минути се милуваат под силна светлина.  Особено кога тие потоа ќе го опишат искуството како одвратно и ќе одбијат да работат со него во иднина.  Штета што оваа сцена ќе остане најзапаметеното нешто од Blue is the Warmest Color, зашто и без неа ова ќе беше еден од најдобрите филмови на годината.



Monday, 2 December 2013

Oldboy - Spike Lee (2013)


Зошто ли по ѓаволите одлучил Spike Lee да направи римејк на Oldboy?  Што ли имал да додаде или да одземе од оригиналот?  Можеби сакал да направи социјален коментар за американската култура на насилство?  Можеби имал подобра идеја за тоа како се јаде жив октопод?  Одговорите на овие прашања се "не знам", "ништо", "не" и "каков октопод?"

Да гледаш приказна за човек (Josh Brolin) кој е 20 години во заточеништво, измачуван од Samuel L. Jackson и уште еден мистериозен странец (Sharlto Copley), да видиш стотици искасапени човечки тела (вклучувајќи и неколку разнесени глави), да видиш епизодни улоги на тројца омилени ликови од  Sopranos и The Wire, да видиш прилично експлицитна секс сцена меѓу Brolin и Elizabeth Olsen, и цело време да се досадуваш...  Е тоа не можев да го очекувам.

Можеби вакви филмови едноставно треба да се гледаат на непознат јазик, со непознати глумци, во "егзотична" култура, за да може да се голтне нивната комплетна апсурдност.  Или можеби Spike Lee грчевито се труди да шокира па не храни со евтини torture porn финти?  Што и да е, како можеш да направиш римејк на Oldboy и да го оставиш октоподот неизеден?

Thursday, 7 November 2013

Eminent Lives: Shakespeare - Bill Bryson




Eminent Lives: Shakespeare на Bill Bryson е тривијална книга, и во тоа е нејзиниот шарм.  Ако досега не сте го сакале Шекспир, после оваа книга нема повеќе да го засакате.  Ако пак сте голем вљубеник во неговиот лик и дело, тогаш веројатно нема да научите ништо ново за него читајќи го Брајсон.  Ако сте пак некој како мене, кој ужива во Шекспир но никогаш не успеал комплетно да разбере зошто сите се крстат во него, книгава ќе ви даде неколку разумни објаснувања.


Придонесот на Шекспир кон англискиот јазик е неоспорен.  Се претпоставува дека Шекспир своерачно го збогатил англискиот јазик со преку 1000 нови зборови и вовел стотици идиоми кои и ден денес се користат.  Иако голем дел од овие зборови (преку 300) се обични негации и суперлативи (unkind, unkindest), меѓу преостанатите 700 се наоѓаат и такви егзистенцијални описи на човечката состојба како 'lonely', 'gloomy' и 'cold-blooded'.  Со вакви неологизми не е ни чудо што Шекспир важи за најдобриот познавач на човечката психа и прататко на модерната психоанализа.  Пред него можеби луѓето знаеле како се чувствуваат, ама им фалеле зборови да се изразат.  


Брајсон е прилично убедлив кога тврди дека генерациите се неспособни да ја проценат сопствената вредност.  Во периодот од раѓањето на Шекспир во 1564 до затворањето на театрите од страна на Пуританците во 1642 се напишани околу 3000 драми, но зачувани се само 230, што значи дека е можно да постоеле и многу попопуларни драми од оние на Шекспир.  Причината за губењето на преку 2700 драми е што тие воопшто не биле сметани за префинета литература, па еден ден во театарот ќе се изведувал Хамлет, а следниот ден на истото место и во исто време ќе имало борба меѓу мајмуни и кучиња. Самото тоа што денес имаме 38 дела на Шекспир е вистинско чудо, зашто додека бил жив Шекспир бил ем помалку ценет ем помалку богат од своите современици Бен Џонсон (Ben Jonson), Френсис Бомонт (Francis Beaumont) и Џон Флечер (John Fletcher).  


Најголемата заслуга за бесмртноста на Шекспир ја има легендарното Прво Фолио (First Folio), објавено неколку години по неговата смрт.  Самото фолио е компилација од десетици различни верзии на драмите запишани од страна на публика, глумци и други ентузијасти, но за ниедна пишана верзија нема доказ дека потекнува од самиот Шекспир.  Всушност постојат само 14 зборови за кои со сигурност знаеме дека се напишани од негова рака, а дури 12 од нив се само неговото име и презиме потпишани на шест различни документи.  Во ниеден потпис името не е напишано идентично, и во ниеден не е употребен денешниот спелинг, Shakespeare.  За некои луѓе ова е доволно да тврдат дека Шекспир бил неписмен провинцијалец, без капацитет да го напише Хамлет.  Но варијациите во потписот не се доказ за неписменоста на Шекспир туку за либералната ортографија во елизабетанска Англија.  


Брајсон е најзабавен кога се справува со сите теории на заговор околу тоа дека Шекспир не бил вистинскиот автор на 'своите' драми.  Лудилото околу вистинскиот идентитет на Шекспир ги зафатило и Марк Твен, Чарли Чаплин, Сигмунд Фројд и Орсон Велс, а се започнало со фикс идејата на една ментално нестабилна Американка, Делиа Бејкон (Delia Bacon) која била убедена дека вистинскиот Шекспир бил нејзиниот презимењак Френсис Бејкон (Francis Bacon).  Без ниеден доказ за ова свое тврдење, Делиа напишала многу популарна книга и станала фитил за илјадници скептици кои до ден денес го откриваат вистинскиот идентитет на Шекспир.


Ако има една недвосмислена порака во оваа книга на Брајсон, тоа е дека фактите за Шекспир се малубројни, но дека недостатокот на факти никогаш не бил пречка за историчарите да исплетат свои прикаски.  Историчарите и натаму го измислуваат и надградуваат Шекспир, но неговите зборови остануваат (горе-долу) неизменети во изминативе 400 години, сведоштво за Шекспировата оригиналност и универзалност.