Не секој комичар може да глуми во сериозни филмови, но оние што успеваат во тоа создаваат незаборавни ликови. Таков лик е милионерот John E. DuPont во изведба на Steve Carell. Со своето дрвено држење, нервозна дикција, и со мртвиот поглед, DuPont создава инстинктивен немир далеку пред да земе пиштол во раце. По првиот испукан куршум веќе немаме дилема дека нешто со DuPont сериозно не е во ред, но она што следува е толку неверојатно што мора вистински да се случило.
Whiplash е филм за џез, опсесија, тортура и освета. Последен пат кога имам видено слично психичко малтретирање на филм беше кога наредникот Хартман се изживуваше врз своите војници во Full Metal Jacket. Оние кои го гледале бруталниот филм на Кјубрик знаат дека ова е комплимент што тешко се заслужува. Ronald Lee Ermey e единствениот глумец кому Kubrick му дозволил да ја импровизира својата улога, затоа што имал комплетна доверба во садистичките способности на еден поранешен drill sergeant. Садистот во Whiplash не e војник туку џез диригент, а сепак актерот J.K. Simmons успева од него да создаде подеднакво одвратен и комплетно уверлив монструм.
Interstellar е најамбициозниот филм на Christopher Nolan. Подлабок од Inception, понелинеарен од Memento, и со посериозни етички дилеми од Dark Knight и Prestige, Interstellar се вбројува меѓу малкуте блокбастери кои ја почитуваат интелигенцијата на гледачот и ја ставаат науката во преден план, дури и кога тоа го успорува темпото на филмот. Обично избегнувам тричасовни филмови, но Interstellar толку успешно си поигрува со концептот за време и со нашата перцепција, што успева да создаде една вонвременска приказна во која три часа минуваат за миг.
Овогодинешниот Синедејс завршува со уште еден посебен викенд: канскиот победник за 2014 рамо до рамо со последниот филм на Michel Gondry, плус навраќање на еден од најубавите road movies што сум ги гледал, Central Station на Walter Salles.
Од следните три дена само еден филм доаѓа со безрезервна препорака, а тоа е неповторливиот City of God на Fernando Meirelles од 2002 година. Снимен во фавелите на Рио со непрофесионални глумци кои живеат во истите тие фавели, филмот ја раскажува приказната за организираниот криминал во Рио следејќи ги судбините на неколку деца на кои од самиот почеток знаеме дека црно им се пишува. Автентичноста во глумата и во сценариото го прави целото искуство на гледање на City of God истовремено и возбудливо и мачно. Ако не сте го гледале, не ја пропуштајте можноста на Синедејс! Ако сте го гледале, одете повторно оти ваков филм заслужува голем екран.
Од филмовите во овој билтен имам гледано само еден, а и тој доаѓа само со делумнa препорака. За среќа, следните два дена нудат многу други филмови кои делуваат интересно, како канскиот победник за најдобро сценарио, најновото од Fatih Akin, Kim Ki-Duk и Michel Hazanavicius, плус музички документарец за shoegazing сцената од 80-тите.
Birdman е маестрално филмувана театарска претстава за театарска претстава. Сме гледале вакви филмови порано (Black Swan и Synecdoche: New York ми паѓаат на ум), но никогаш техничката виртуозност не била толку добро избалансирана со оригиналноста на сценариото и совршениот кастинг. Режисерот Inaritu го направил најинтимниот филм во својата кариера, иако повторно станува збор за комплексна приказна што преплетува десетици човечки судбини.