Овогодинешниот Синедејс завршува со уште еден посебен викенд: канскиот победник за 2014 рамо до рамо со последниот филм на Michel Gondry, плус навраќање на еден од најубавите road movies што сум ги гледал, Central Station на Walter Salles.
Од следните три дена само еден филм доаѓа со безрезервна препорака, а тоа е неповторливиот City of God на Fernando Meirelles од 2002 година. Снимен во фавелите на Рио со непрофесионални глумци кои живеат во истите тие фавели, филмот ја раскажува приказната за организираниот криминал во Рио следејќи ги судбините на неколку деца на кои од самиот почеток знаеме дека црно им се пишува. Автентичноста во глумата и во сценариото го прави целото искуство на гледање на City of God истовремено и возбудливо и мачно. Ако не сте го гледале, не ја пропуштајте можноста на Синедејс! Ако сте го гледале, одете повторно оти ваков филм заслужува голем екран.
Од филмовите во овој билтен имам гледано само еден, а и тој доаѓа само со делумнa препорака. За среќа, следните два дена нудат многу други филмови кои делуваат интересно, како канскиот победник за најдобро сценарио, најновото од Fatih Akin, Kim Ki-Duk и Michel Hazanavicius, плус музички документарец за shoegazing сцената од 80-тите.
Birdman е маестрално филмувана театарска претстава за театарска претстава. Сме гледале вакви филмови порано (Black Swan и Synecdoche: New York ми паѓаат на ум), но никогаш техничката виртуозност не била толку добро избалансирана со оригиналноста на сценариото и совршениот кастинг. Режисерот Inaritu го направил најинтимниот филм во својата кариера, иако повторно станува збор за комплексна приказна што преплетува десетици човечки судбини.
Следниот ден (сабота) по мене е најдобриот на Синедејс. Birdman и Boyhood ми се омилените играни филмови во 2014 досега. Згора на тоа го имаме Most Wanted Man на Anton Corbijn со прерано заминатиот Philip Seymore Hoffman, како и најновиот филм на блесавиот шведски режисер Roy Andersson, добитник на Златниот Лав во Венеција.
Во првите два дена на Синедејс ќе можеме да го видиме музичкиот документарец за Nick Cave, победникот на овогодинешниот берлински филмски фестивал, како и најновите филмови на David Cronenberg и на браќата Dardenne. Делува како одличен старт!
20,000 Days on Earth е наменет исклучиво за хардкор фановите на Nick Cave. Филмот во ниеден момент не застанува да објасни кој е Cave, ниту пак зошто документарецот за него би бил бизарна комбинација на психијатриско вештачење, stream of consciousness интервјуа со неименувани соговорници, и лабораториска аутопсија на неговите музички инкарнации. Не постои логично објаснување зошто било кој би го слушал Cave како држи предавање за совршеноста на лакот од урина што може да се забележи на фотографија од стар концерт на неговата поранешна група, The Birthday Party. А сепак, Nick Cave зборува со таков авторитет и аура на проповедник, што не можеш да не внимаваш, со погледот фиксиран на мочката.