2013 беше добра година за поп музиката. Иако ме разочараа новите песни на Nick Cave, Nine Inch Nails, а донекаде и David Bowie, сепак имаше доволно свежи албуми за да ја разбијат Топ 40 монотонијата. Подолу се моите омилени:
Секоја чест за Бернајс Пропаганда. Имаат успешна формула и секоја година инкрементално ја подобруваат. Би сакал да слушнам повеќе продукциска иновација, но во меѓувреме ќе уживам во нивниот праведен гнев кон светот што не опкружува.
На Portugal. The Man. им требаа седум албуми за конечно да ми дојдат на радарот. Заслугата е пред се на Danger Mouse, кој со својата продукција има извлечено максимум од John Baldwin Gourley и неговите зли пријатели. Обично не сакам назален инди поп, ама има нешто заразно и перверзно во овие песни.
Со години ги следев спотовите на pajakzajak на youtube и се прашував кога Пеперминт ќе успеат да ја освојат Македонија со својата едноставност. Пеперминт се заглавени во состојба на перменентна адолесценција и убаво е да се минат 30-ина минути во нивно друштво.
The Devil Makes Three се едни од најдобрите групи што сум ги видел во живо. Студиски им фалеше малку полирање, но новиот албум е отскочна даска која верувам ќе ги лансира во суперѕвезди на folk-punk движењето.
Elvis Costello знае како да ги избере своите соработници. Wise Up Ghost ги облекува неговите стари песни во соул/хип-хоп руво, а The Roots му помагаат да остане релевантен за новите генерации.
James Blake си ја заслужи Mercury наградата. Направи далеку помелодичен и поконзистентен албум од својот првенец, а соработката со RZA е едно мини ремек-дело.
KT Tunstall никогаш досега не сум ја сфаќал сериозно. Но овој албум, половина посветен на смртта на нејзиниот татко, а половина на болниот развод, не може да биде сфатен поинаку. Текстовите се интимни и тажни, а звукот е модерна americana, совршена комбинација за врнежлива ноќ.
Дел од мене сеуште тажи по игривиот рап на RNS, но драго ми е да видам дека Tonyo San ја проширува палетата на инструменти и продукциски експерименти. Вербалната еквилибристика на Tonyo San (aka Антонио Арангеловиќ) сеуште е без конкуренција. Никој во Македонија не знае да сложи толку комплексни рими со таква брзина и прецизност.
Музата на Lynch живее во мрачна пештера полна со ехо, дисторзирани гласови и халуциногени испарувања, веројатно истото она место од кое потекнува девојката од радијаторот во неговиот прв филм, Eraserhead. За некого, 50 минути во нејзино друштво се 49 минути подолго од потребното. За други пак, ова е албумот кој ќе го однесе блузот во иднината, продолжувајќи по патот утабан од Little Axe и неговите следбеници. Немам ништо против музичкото преживарење на Hugh Laurie и Garry Clark Jr., но се радувам што иднината на блузот не е во нивни раце.
Со години чекам Goldfrapp да се вратат на звукот на Felt Mountain, еден од најхипнотизирачките албуми на 90-тите. Конечно желбата ми се оствари. Tales of Us е поспан, психоделичен и носталгичен, најдоброто што Goldfrapp го понудиле последниве десет години.
Arcade Fire секогаш фасцинирале со својата претенциозност. Сега кога имаат неколку Grammy зад себе, на претенциозноста и нема крај. Reflektor е прог рок за иднината, концептуален двоен албум кој сепак има радиски потенцијал и iTunes исплатливост. Се додека постојат Arcade Fire, има надеж за албумскиот рок.
Arctic Monkeys не се плашат да го променат својот звук, иако речиси секој нивен нов албум резултира со разочарани фанови. Alex Turner знае дека неколку изгубени стари фанови не се ништо во споредба со милионите кои првпат слушнаа за нив на олимписките игри во Лондон и кои се гладни да добијат софистициран поп албум за пошироки народни маси. АМ е токму тоа, крцкава продукција без премногу галама, но со многу стил и доволно иронија.
Границата помеѓу омаж и рециклажа е секогаш тенка, но Foolish Green знаат како да надоградат врз своите инспирации од 60-тите. Кој би помислил дека педесет години подоцна британската психоделија ќе доживее revival токму во Македонија. Заборавете на The Coral и Тhe Zutons, Foolish Green се далеку повитални и поамбициозни. Живиот настап им е увежбан и професионален, било да е на распродадениот концерт во МКЦ или во панаѓурската атмосфера на Баскерфест. Се на се, Escape е албумот што најмногу пати го слушнав годинава и со нетрпение чекам да видам што ќе направат следно Ненад и пријателите.